После големо затишје и наше прерано затворање на зимската сезона во Македонија, дојде на ред мала алпинистичка акција на Алпите со престој во Шамони. Оваа активност беше реализирана од наша страна како дел од Алпинистичкиот клуб 8 од Скопје, член на Македонската алпинистичка федерација (МАФ). Оваа посета, покрај спортскиот карактер, имаше за цел да направи и подобра теренска извидница, како дел од долгорочните планови на МАФ за почести и поголеми алпинистички акции во овој регион кои ќе следат во иднина. Имавме само 7 денови на располагање со пат од Скопје и назад, значи ефективни околу 5 денови за качување.
Приказната почна вака : Ѝ кажувам на Елена дека имам работни состаноци на планинските филмски фестивали во Тренто и Сондрио – прекрасна прилика низ работна атмосфера да се дише планинска култура. На ова Елена веднаш истрела: „А да скокнеме до Шамони?“ И ете нѐ, за помалку од еден месец веќе планираме насоки на Алпите. Што би се рекло, “work and climbing”.






Планот беше да пристапиме преку Курмајор, од италијанската страна на Мон Блан, преку жичарата Skyway. Ги студиравме насоките до една недела пред тргнување, за сосема случајно да дознаеме дека жичарата се затвора поради ремонт. Ова во последен миг ни ги смени плановите – моравме да се префрлиме на француската страна и да бираме насоки во близина на култната Aiguille du Midi. За беља, поради крајот на сезоната, насоките кои ги имавме предвид почнаа да се отпишуваат една по друга поради лоши услови на теренот. Така, првиот ден во Шамони пристигнавме со идеи но без целосно јасен план.
Сепак, во Шамони сретнавме наш пријатели од Македонија, и тој тукушто симнат Vallée Blanche , ни даде вредно инфо дека насоките под северната страна на Такул се визуелно полни со мраз. Вечерта пред тргнување решивме: нашата аклиматизација ќе биде насоката „Шере“ (Chéré, D+, 155м) на Такул.






Вo понеделник се нацртавме за првата гондола кон Aiguille du Midi на 3800 м. Беше импресивно да се видат стотици алпинисти и скијачи како од сите улички на Шамони се слеваат кон жичарата – налик роеви луѓе кои во раните утрински часови брзаат да го фатат „автобусот за во фабрика“, само што овој пат фабриката е планината. Жичарата брзо нѐ крена на висина каде што веднаш се почувствува ударот на поради тоа што не бевме аклиматизирани, но глетките го вратија куражот. На глечерот се наврзавме и тргнавме кон Такул.
Култната насока „Шере“ беше во добри услови, иако мразот на места беше тенок, сепак уживавме и го надополнувавме со малку drytooling. Почетниот бергшунд го поминавме лесно. Беше прекрасно микс качување за добредојде – совршен гранит излиен со канали од лед.



Сепак, убавото качување нагло стана стресно бидејќи над нас имаше наврска од водич со клиенти кои при симнување ни фрлаа камења. Моравме брзо да се мобилизираме за спуштање со јажиња (абзел) низ насоката, што дополнително се влоши кога нивните јажиња агресивно се сплеткаа со нашите. Долу, водичот искрено ни се извини со изговор дека брзале да ја фатат последната жичара.
Штом се спуштивме безбедно на глечерот, заморот и висината нѐ стигнаа одеднаш. Враќањето кон жичарата ни се чинеше дека трае со часови. Успеавме да ја фатиме претпоследната гондола за долу буквално во последните 20 минути.


Следеа два дена со дожд во долината и снег на планините, што ни даде време да здивнеме, да докупиме опрема и да го скроиме следниот план: кревање во четврток, качување, преспивање во шатор на глечерот, качување во петок и скијање надолу преку Vallée Blanche.
В четврток, “појачани” со ски опрема, се спуштивме надолу кон новата цел – насоката „Валерија“ (Valeria, TD, 350м) на Petit Capucin. На интернет читавме дека условите не се идеални и дека последните две должини се целосно суви, но решивме да пробаме бидејќи немаше многу подобри услови во тој дел од планината. Комплексниот пристап нѐ прошета меѓу огромни пукнатини (креваси) и под еден висечки серак. Насоката почна со раширен бергшунд, а мразот беше толку мек што тубуларните клинови личеа како да ќе испаднат во секој момент.
Новиот снег од претходните денови ги имаше наполнето каналите со мека подлога која не ги држеше бајлите, а ги криеше контурите на карпата. Сепак, качувањето во тој амбиент опкружен со гранитни кули беше величествено. Стигнавме до последните две должини без лед (IV/IV+). Иако бевме дојдени за лед, решивме да качуваме до крај. Беше предизвикувачко качување со крути чевли и дерези по сува карпа, со големи превиси, каде што буквално ни зовре крвта. После борбата со карпата, едно заплеткано јаже и многу абзели – промрзнати се вративме до шаторот на време за вечера.

Ноќта ја поминавме во желба за сон, будни на секое шушкање (сѐ уште не бевме доволно аклиматизирани). Некој од нас ќе речеше: „Спиеш?“, другиот: „Не…“ и така сѐ до разденување за наутро да се префрлиме на восхит од магичните гранитни врвови поздравени од изгрејсонцето. Петокот ни беше планиран за качување на златен гранит по насоката East Ridge на Pyramide du Tacul. Качивме неколку прекрасни должини, пред часовникот да ни чукне дека е 12 часот – време за повлекување ако сакаме да ја фатиме последната жичара во 16 часот до возот на Montenvers.
Спуштањето со сноубордите по глечерот Mer de Glace ми правеше мала трема, особено што претходниот ден сведочевме на повеќечасовна спасувачка акција со хеликоптер на паднат алпинист во кревас. Сепак, линијата помина со куп „јуху“ моменти и сурфање по речиси стопена река на крајот. Поради повлекувањето на снегот, последната секција ја одевме пешки околу еден час.
И на самиот крај, во видно поле на жичарата и на само 200 метри раздалеченост, Елена извика: „Ене ја жичарата, блиску сме!“. Неполна минута подоцна, слушнав вресок позади мене. Елена се лизна на патчето, си ја свитка ногата во крутата чизма и падна во грч од болка: „Мислам дека се скрши коската“.
За среќа, зад нас се најде планински спасувач надвор од служба кој направи брза евалуација. Бидејќи теренот беше незгоден за да се “извлечкаме” до жичарата, повикавме хеликоптер. Елена си доби „брз“ превоз до болницата во Саланш, а јас си добив екстра ранец од 20 кг на грбот, покрај мојот исто толку тежок, и двата сплитборда во раце.

Сумарно, 6 интензивни денови на едно од најубавите алпски места, 3 качувачки денови и неверојатно бордање по глечерот. Ова искуство беше толку силно што повредата ја оставивме во трет план за да не ни го расипе доживувањето. Барем се случи на самиот крај каде што е лесно да се интервенира.
За жал, го прекинавме патувањето и веднаш тргнавме назад во Скопје за понатамошно третириње на повредата.
И покрај ваквиот непланиран крај, за нас ова беше прва посета на Шамони, но со сигурност не и последна. Ова кратко и неверојатно интензивно искуство всушност беше само најава за некои поголеми планови кои веќе ги замислуваме. Чувството конечно да се качува во оваа светска алпинистичка мека е незаменливо, а воедно патувањето ни послужи и како одлична извидница на теренот каде што во периодот што следи планираме да се враќаме сѐ почесто. Шамони, се гледаме набрзо!




