Во јавноста Живко Мукаетов најчесто го гледаме низ призмата на менаџментот, корпоративното лидерство и резултатите што со децении ги постигнува во деловниот свет. Но, во новата епизода на „Низ град со Кики“, разговорот открива една многу полична страна од неговата животна приказна, годините што му претходат на професионалниот успех и искуствата што го обликувале како човек.
Низ сеќавања на детството во Козле, маалските дружби во време без мобилни телефони, домашните забави, средношколските денови во „Корчагин“ и студентскиот живот во Лондон, Мукаетов зборува за вредностите што ги понел од домот, за значењето на довербата, одговорноста и личниот интегритет, но и за моментите што оставиле најдлабока трага врз неговото созревање.
Ова е разговор за едно поинакво Скопје, за генерација што растела во поинакви општествени околности, за семејството како темел на секој личен развој и за лекциите што времето не успева да ги избрише. Разговор во кој, зад функциите и титулите, се открива човекот што стои зад нив.
За детството, маалото и времето без мобилни телефони
„Моите сеќавања се за едно прекрасно детство. Детство во кое се дружевме многу, во наше маало во Козле. Немаше мобилни телефони, туку преку тераса со моите најдобри другари Ники и Бане се договаравме кога ќе излеземе надвор. Таму ги собиравме и другите деца, па дома одевме само за ручек и повторно се враќавме во маало. Буквално бевме надвор цел ден. Кога ќе се вратиш дома навечер, испотен и извалкан од игра, знаеше дека денот бил добро поминат.“
„Средното училиште имаше еден посебен шарм. Тоа беше време на првите љубови, првите вистински излегувања и домашните журки. Се ротиравме со друштвото и речиси секоја втора недела некој организираше журка дома. Доаѓаа и луѓе што не ги познававме лично, но беа дел од истиот круг. Тоа беше едно прекрасно време на дружење и растење.“
За довербата, семејството и вредностите
„Кај нас дома се знаеше редот. Имавме многу љубов, многу разбирање, но и многу доверба. Кога организиравме журки кај баба Драга и дедо Трајко, тие ни веруваа и ни ја оставаа куќата. Но постоеше едно правило – следниот ден сè мораше да биде исчистено и вратено како што било претходно. Тоа беше договор што никогаш не смееше да се прекрши.“
„Довербата е клучна и во семејството и во односите меѓу луѓето. Таа се гради долго време, а многу лесно се губи. Затоа сметам дека секој ден треба да работиме на тоа да ја заслужиме и да ја оправдаме.“
За Лондон и созревањето
„Кога заминав на постдипломски студии во Лондон немаше мобилни телефони, немаше апликации за комуникација и евтини летови. Првиот семестар живеев во студентски дом со цимер од Бангладеш. Имав другари од Бразил, Чиле, Јапонија и од многу други земји. Тоа беше сериозен ментален тест за мене, но и огромна школа.“
„Мој совет до сите млади луѓе кои студираат во странство е да поминат време во студентските домови и да се дружат со луѓе од различни култури. Таквите искуства ве прават побогати како личности и ве учат да гледате на светот од повеќе перспективи.“
За животните пресврти и советот до младите
„Моментот што најмногу ме промени беше кога татко ми ни соопшти дека е болен од канцер. Се сеќавам на секоја секунда од тој разговор. Тоа беше момент кога многу работи ги сфатив поинаку и кога почувствував дека морам многу побрзо да созреам и да преземам поголема одговорност.“
„На младите би им порачал да бидат упорни, посветени и да веруваат во себе. Да не бидат неми набљудувачи на општеството, туку да се вклучат и да придонесат секој во својата средина. Само така можеме да изградиме подобро општество.“
А на прашањето што би му кажал на десетгодишниот Живко, одговорот е краток, но доволно силен да ја сумира целата негова животна филозофија:
„Биди добар.“


