Со длабока посветеност кон литературата и авторскиот сензибилитет, Татјана Димовска-Атанасова веќе години наназад е едно од најважните имиња зад книжевните изданија на Арс Ламина. Нејзината работа ретко е во преден план, но токму во таа „невидливост“ се крие суштината на доброто уредништво, способноста книгата да стане најдобрата верзија од самата себе, без да го изгуби автентичниот глас. Во ова интервју таа отворено зборува за довербата меѓу авторот и уредникот, за креативниот процес зад сцената и за книгата како простор што и денес успева да нè забави, промени и поврзе.
Велат дека добриот уредник не ја менува книгата, туку ѝ помага да стане најдобрата верзија од самата себе. Како изгледа тој процес кога пред вас стои ракопис од автор со веќе изграден стил и силен авторитет?
Кога работите со автор што веќе има препознатлив стил и ја ужива довербата на читателите, најважно е да се зачува неговиот автентичен глас. Уредникот не треба да биде некој што ќе го „засени“ авторот, туку внимателен читател што ќе му помогне текстот да звучи уште почисто, посилно и попрецизно. Тоа е процес на дијалог, а не на наметнување. Често токму авторите со силен авторитет се и најотворени за аргументирани уреднички забелешки, затоа што и самите знаат дека книгата секогаш може да добие уште една нијанса повеќе. За мене, најважно е авторот на крајот да ја препознае книгата како целосно своја, но во нејзината најдобра можна форма.
Во издаваштвото често се зборува за магијата на книгата, но многу поретко за огромниот труд што се случува зад сцената: читања, корекции, разговори, дилеми, па и креативни судири. Кој е најголемиот предизвик во секојдневието на еден уредник?
Најголемиот предизвик е да се задржи рамнотежата помеѓу креативноста и одговорноста. Уредникот постојано носи одлуки – што да се задржи, што да се скрати, каде текстот „дише“, а каде губи ритам. Зад секоја книга има многу читања, разговори и преиспитувања, а понекогаш и несогласувања што всушност се дел од создавачкиот процес. Но, токму тие моменти ја прават работата жива и возбудлива. На крајот, кога книгата ќе стигне до читателот, сето тоа што било „зад сцената“ станува невидливо, а тоа е можеби и најдобриот доказ дека уредничката работа е добро завршена.


Кога читателот ќе ја земе книгата в раце, првото нешто што го забележува е корицата. Колку визуелниот идентитет денес стана дел од самото раскажување на приказната и колку уредникот учествува во таа креативна одлука?
Денес визуелниот идентитет е неразделен дел од книгата. Корицата е првиот разговор што книгата го води со читателот. Таа треба да ја пренесе атмосферата, емоцијата и духот на текстот, без притоа да открива премногу. Уредникот има значајна улога во тој процес, затоа што најчесто е човекот што најдлабоко го познава ракописот. Во „Арс Ламина“ кориците се резултат на тимска работа меѓу уредникот, дизајнерот и тимот за маркетинг, а најуспешни се оние решенија што успеваат визуелно да ја раскажат приказната уште пред да се отвори првата страница. Лично, токму тој сегмент од процесот: од креирањето на иницијалниот концепт и дизајнерските насоки до финализацијата на корицата, го доживувам како најкреативен и највозбудлив дел од подготовката на едно издание.
Работата со познати автори често носи и големи очекувања од публиката. Како изгледа процесот на градење доверба помеѓу уредникот и авторот кога станува збор за суштински промени во ракописот?
Довербата се гради преку искреност, почит и аргументиран разговор. Авторот треба да почувствува дека уредникот е сојузник, а не цензор. Кога предлагате суштински промени, многу е важно тие да бидат во корист на книгата, а не на нечие лично чувство за стил. Понекогаш најважните разговори се токму оние во кои заедно се бара подобро решение. Добрата соработка не значи секогаш согласување, туку заедничка посветеност кон квалитетот на делото. Среќна сум што со авторите со кои соработувам изградивме взаемна доверба, што овозможува уредничкиот процес да се одвива слободно, аргументирано и во интерес на унапредување на квалитетот на делото.
Денес книгите не се натпреваруваат само меѓусебно, туку и со социјални мрежи, стриминг платформи и кратки форми на содржина. Дали тоа го промени начинот на кој се размислува за една книга уште во самиот уреднички процес?
Секако дека времето во кое живееме влијае врз читателските навики, но мислам дека суштината на добрата книга не се променила. Денес можеби повеќе размислуваме за ритамот на текстот, за динамиката и за тоа како да се задржи вниманието на читателот, но не верувам дека книгата треба да се прилагодува на брзината на социјалните мрежи. Напротив, токму нејзината длабочина и способноста да нè задржи подолго и подалеку од таа полифонија од хаотични информации е нејзината најголема предност. Не попусто во светот и кај нас постои тренд за дигитален детокс. Луѓето масовно се собираат, ги оставаат мобилните уреди настрана и поминуваат часови во читање книги и комуникација во живо. Токму таа потреба за автентично читателско искуство и вистинска човечка интеракција беше поттик за создавањето на офлајн-бук-клубот на „Арс Ламина“,заедница на пасионирани читатели кои сè уште веруваат во моќта на книгата за создавање длабока и искрена поврзаност.

Во издаваштвото често се вели дека добриот уредник е „невидлив автор“. Дали се согласувате со таа дефиниција и колку уредничката работа всушност останува скриена од јавноста?
Во одредена смисла, да. Уредникот е присутен во секоја страница, но не треба да биде видлив. Поголемиот дел од уредничката работа останува скриен од јавноста; часови читање, анализи, разговори, проверка на детали, јазична прецизност.
Во светската книжевна практика, токму во делот со благодарности најчесто се открива вистинската тежина на уредничката работа, авторите неретко му ја припишуваат на уредникот улогата на „невидлив коавтор“, човекот што тивко, но суштински учествува во обликувањето на ракописот во книга. И кај нас, домашните автори сè почесто јавно ја истакнуваат важноста на тој креативен и интелектуален дијалог што се создава во процесот на работа. Но, без оглед дали уредничката рака останува видлива или зад сцената, за мене најголемата професионална сатисфакција е чувството дека низ заедничка посветеност сме создале квалитетно издание,книга што успеала да воспостави вистинска, емотивна и трајна врска со своите читатели.
Со оглед на тоа што Арс Ламина работи и со домашни и со странски автори, дали постои разлика во пристапот кон уредувањето и комуникацијата, особено кога станува збор за културни и јазични сензибилитети?
Секако дека постојат разлики, особено кога се работи за културен контекст и јазични нијанси. Кај преводната литература, покрај уредничката работа, многу е важно да се зачува духот на оригиналот, а истовремено текстот да звучи природно и блиско на македонски јазик. Тоа бара голема чувствителност и доверба во преведувачот. Кај домашните автори, пак, процесот често е подиректен и подинамичен, затоа што комуникацијата е поблиска и непосредна. Но, независно од тоа дали станува збор за домашен или странски автор, суштината останува иста:внимателен, професионален пристап и чувствителност кон различните културни и читателски контексти.
Во свет каде сè почесто се бара брза содржина и инстант внимание, издаваштвото сè уште инсистира на трпение, длабочина и процес. Што ве мотивира и понатаму да верувате во моќта на книгата?
Верувам во книгата затоа што таа и понатаму има моќ да менува луѓе – тивко, но суштински. Ниту една брза форма на содржина не може да ја замени интимата што се создава помеѓу читателот и книгата. Во текот на овие две децении во издаваштвото сум видела книги што инспирирале, охрабриле, утешиле или промениле нечии погледи на светот. Тоа чувство дека учествувате во создавање нешто што ќе остане и ќе живее долго по нас е најголемата мотивација. Да се препознае и поддржи автентичен книжевен глас уште во неговите почетоци, како и да се учествува во обликувањето на една авторска кариера, за мене лично претставува поголема и посуштинска професионална сатисфакција дури и од идејата да имам сопствена книга. Во улогата на уредник постои една тивка, но длабоко креативна одговорност, не само да се препознае потенцијалот на ракописот, туку и да се помогне тој да го достигне својот најдобар облик и да го пронајде патот до читателите.





