Со свој дизајн продаден на хуманитарна аукција во рамките на Better World Fund во Кан, дизајнерката Анастасија Атанасовска и нејзиниот бренд A2 Atelier станаа дел од глобална приказна каде што модата, филмот, уметноста и хуманоста се спојуваат во едно. Како прв македонски дизајнер вклучен во ваков настан, таа не само што го претстави својот бренд на меѓународната сцена, туку испрати и силна порака за домашната креативност, автентичност и современ дизајн. Во разговорот за Portret, Анастасија зборува за моментите што ѝ ги насолзиле очите во Кан, за модата како форма на културна комуникација и за сонот што полека станува реалност.
Better World Fund во Кан ги поврзува модата, филмот, уметноста и хуманитарните иницијативи. Како вие денес ја доживувате улогата на модниот дизајнер, дали модата сè уште е само естетика или станува форма на културна и општествена комуникација?
За мене модата никогаш не била само облека. Таа е порака, став и начин на кој една личност се претставува пред светот. Денес, повеќе од кога било, верувам дека модата има моќ да отвора разговори, да поврзува луѓе и да пренесува вредности. Кога ќе се најдете во средина како Кан, каде што се среќаваат уметноста, филмот, дипломатијата и хуманитарните иницијативи, сфаќате дека модата е дел од многу поголема културна приказна.


Во рамките на настанот од хуманитарен карактер, еден ваш дизајн беше успешно продаден. Какво значење има за вас моментот кога едно модно парче добива и хуманитарна вредност, надвор од неговата естетска функција?
Тоа беше еден од најемотивните моменти за мене. Секој дизајн носи дел од мојата креативност, време и енергија, но кога истиот тој дизајн станува средство преку кое се помага на некого, тогаш неговата вредност станува многу поголема. Во моментот кога слушнав дека фустанот е продаден на аукцијата, почувствував огромна гордост. Тогаш сфатив дека модата може да остави трага, не само визуелно, туку и човечки.


Кан е простор каде што се среќаваат различни светови, филм, мода, уметност и глобални иницијативи. Што беше највпечатливото искуство или сознание што го понесовте од оваа вечер?
Најсилниот впечаток беше сознанието дека сонот станува реалност многу порано отколку што мислиме, ако сме доволно упорни. Кога го видов моето име и фотографија од мојот дизајн на официјалните каталози поставени на масите на вечерта, навистина ми се насолзија очите. Тоа беше момент кога си реков: „Ова е тоа за што живеам и создавам.“ Истовремено, запознав луѓе од различни делови на светот и сфатив дека модата навистина нема граници.
Како прв македонски дизајнер дел од ваков настан, дали чувствувавте одредена одговорност да претставите не само бренд, туку и една поширока домашна креативна сцена?
Апсолутно. Иако таму бев како основач на A2 Atelier, чувствував дека претставувам многу повеќе од еден бренд. Сакав да покажам дека и од Македонија можат да доаѓаат квалитетни, современи и конкурентни модни приказни. Верувам дека секој успех на меѓународна сцена отвора врата и за другите креативци од нашата земја, а тоа за мене претставува дополнителна чест и одговорност.
A2 Atelier има јасно препознатлива естетика, современа, женствена и софистицирана. Колку вашиот личен сензибилитет и карактер се вткаени во визуелниот идентитет на брендот?
Мислам дека A2 Atelier е директен мој одраз. Сакам елеганција, женственост и детали кои оставаат впечаток без да бидат наметливи. Во секоја колекција има дел од мојата личност, моите инспирации и начинот на кој ја доживувам жената. Жената на A2 е самоуверена, софистицирана и не се плаши да биде забележана. Тоа е енергија која и самата ја ценам и кон која се стремам.
Во време кога модната индустрија е под силно влијание на брзи трендови и постојана продукција, како успевате да останете доследни на сопствениот израз и вредности?
Никогаш не дизајнирам само затоа што нешто е тренд. Секогаш тргнувам од приказна, емоција и визија. Верувам дека вистинскиот луксуз денес е автентичноста. Повеќе ме интересира да создадам парче кое ќе биде запаметено и по неколку години, отколку нешто што ќе биде актуелно една сезона. Токму затоа останувам верна на рачната изработка, вниманието кон деталите и индивидуалниот пристап кон секоја жена.
Колку едно интернационално искуство како ова во Кан влијае врз вашата самодоверба како автор и врз амбициите што ги имате за иднината на A2 Atelier?
Ова искуство ми даде огромна мотивација и потврда дека сум на вистинскиот пат. Ми отвори нови познанства, покани и можности за соработка кои веќе почнуваат да се развиваат. Но, најважно од сè, ми покажа дека нема потреба да ги ограничуваме сопствените соништа. Ако претходно гледав кон меѓународната сцена како далечна цел, денес ја гледам како следен логичен чекор за A2 Atelier.
Ако денес би можеле да ѝ се обратите на верзијата од себе што штотуку го започнувала A2 Atelier, што би ѝ кажале по овој момент кога ваш дизајн стана дел од една светска хуманитарна и културна приказна?
Би ѝ рекла да не се сомнева во себе ниту еден ден. Да продолжи да работи дури и кога резултатите не се гледаат веднаш. Би ѝ рекла дека сите непроспиени ноќи, сите жртви и сите моменти на неизвесност еден ден ќе добијат смисла. И дека ќе дојде ден кога ќе стои во Кан, ќе го види своето име и својата креација како дел од една светска приказна и ќе сфати дека сонот за кој работела полека станува реалност. А најважно од сè, би ѝ рекла дека ова не е врвот. Ова е само почетокот на приказната што отсекогаш сакала да ја живее.




