Последните месеци Македонија беше потресена од неколку случаи на брутално врсничко насилство меѓу малолетници, дел од нив снимени и споделувани на социјалните мрежи. Покрај прашањата за одговорноста на сторителите, овие настани отворија многу подлабока дилема, што ни кажуваат тие за вредностите со кои растат денешните деца и за улогата на возрасните во нивното обликување?
Со психологот, магистер по клиничка и советодавна психологија и психотерапевт Елена Џебр разговараме за психолошките механизми зад врсничкото насилство, за улогата на сведоците, влијанието на дигиталниот простор, значењето на емпатијата и емоционалната писменост, но и за тоа зошто булингот никогаш не треба да се гледа како изолиран инцидент, туку како симптом на пошироки општествени процеси.
Последните месеци сведочиме на повеќе случаи на сериозно врсничко насилство меѓу малолетници, при што дел од нападите беа и снимани. Што овие случаи ни откриваат за психолошката и општествената клима во која растат денешните деца?
Најголемата грешка би била ако овие случаи ги доживееме како неколку „лоши деца“.
Во психологијата постои правило дека кога истиот симптом почнува масовно да се повторува, повеќе не зборуваме само за индивидуален проблем, туку за системски. Овие случаи ни кажуваат дека не расте само насилството, туку и рамнодушноста кон него. Децата отсекогаш се карале, се туркале и влегувале во конфликти. Но, она што денес е различно е тоа што насилството сè почесто станува јавен спектакл. Некој снима, друг се смее, трет споделува, четврти гледа без да реагира, петти коментира…
Тоа значи дека не се менува само однесувањето на сторителот, туку се менуваат и нормите на групата. Општеството не се препознава по тоа колку добри луѓе има, туку по тоа што групата смета дека е прифатливо. Кога насилството почнува да изгледа нормално, тоа веќе не е проблем само на едно семејство или едно училиште. Може да го гледаме како културен сигнал дека треба повторно да разговараме за вредностите според кои ги воспитуваме децата, но, уште поважно, според кои ние, возрасните, живееме.
Во ваквите ситуации не постојат само жртва и сторител, туку и група што набљудува, снима, охрабрува или молчи. Како психолог, како ја толкувате улогата на сведоците и нивната одговорност во динамиката на врсничкото насилство?
Во јавноста најчесто зборуваме за жртвата и сторителот, но социјалната психологија одамна покажала дека најголемата моќ често ја има третата група, а тоа се токму сведоците.
Постои феномен наречен „ефект на набљудувач“, според кој колку повеќе луѓе се присутни, толку е помала веројатноста некој да интервенира. Секој, несвесно, очекува некој друг да реагира или да помогне. Истото го видовме и во експериментот на Марина Абрамовиќ, „Rhythm 0“. Кога луѓето добиле дозвола да прават што сакаат, а другите само набљудувале, границите постепено се поместувале, сè додека дел од посетителите не станале сурови, до страшни екстреми. Зошто се случило тоа? Затоа што групата почнала да ја нормализира суровоста. Во училишниот двор тоа изгледа многу слично. Секој што снима, се смее или молчи испраќа порака дека насилството е дозволено. Затоа сведокот никогаш не е неутрална улога. Дури и молчењето е порака, најчесто порака на одобрување. Каква порака сакаме нашите деца да испраќаат кога ќе бидат дел од група?
Што се случува со емпатискиот капацитет на едно дете кога туѓото страдање станува содржина за снимање, споделување или забава? Дали тоа е одраз на пошироки општествени процеси?
Емпатијата постепено се намалува кога страдањето премногу често го гледаме како содржина, а премалку како човечко искуство. Кога првата реакција на едно дете е да извади телефон, наместо да помогне, тоа ни покажува дека камерата почнала да биде поважна од човекот. Психологијата ова го нарекува десензитизација. Колку почесто сме изложени на туѓо страдање без последици, толку помалку емоционално реагираме. Технологијата не ја создаде оваа појава. Веројатно само ја засили. Денес секој момент може да стане содржина, а секој човек публика.
Прашањето е: какви вредности внесуваме во рацете што ги држат телефоните?
Во јавноста често се поставува прашањето: „Какво дете може да направи вакво нешто?“ Од перспектива на клиничката психологија, што најчесто стои зад однесувањето на децата кои систематски понижуваат или малтретираат врсници?
Прашањето „Какво дете може да направи вакво нешто?“ често нè води во погрешна насока, затоа што имплицира дека постои јасна поделба на „добри“ и „лоши“ деца. Во клиничката практика реалноста е многу посложена. Зад агресивното однесување може да стојат потреба за моќ, чувство на небезбедност, модели научени од дома, трауми, занемарување или силна потреба да се припаѓа на групата. Некогаш детето што понижува и самото долго било понижувано, а некогаш не било. Не постои едно објаснување и секој случај е комплексен сам по себе. Но, постои една заедничка карактеристика: кога агресијата станува стратегија преку која детето се обидува да ја регулира сопствената внатрешна состојба. Тоа не значи дека треба да го оправдаме однесувањето. Напротив, одговорност мора да постои. Но, ако сакаме насилството да престане, не е доволно само да казниме. Треба да разбереме што го создало, за да може да го превенираме. Психата на детето е многу пластична и кога возрасните реагираат навреме, последиците не мора да го следат целиот живот. Можеби една од најважните животни вештини што треба да ја развиваме кај децата е храброста да не ја следат групата кога групата греши. Критичкото размислување не е само способност да решиш тест. Тоа е способност да кажеш „ова не е во ред“, дури и кога сите околу тебе се смеат.
Денес булингот повеќе не завршува со последниот училишен час. Како дигиталниот простор го менува психолошкото искуство и на жртвата и на сторителот, кога понижувањето останува трајно документирано и јавно?
Денес насилството не завршува кога ќе заѕвони последното училишно ѕвонче. Жртвата повеќе нема безбедно место каде што може да здивне. Понижувањето ја следи дома, во нејзината соба, преку телефонот што постојано ја потсетува на случката. Секој нов преглед, коментар или споделување може повторно да ја активира истата болка, како траумата да се случува одново. Но, дигиталниот простор не ја менува само жртвата, туку го менува и сторителот. Кога суровоста добива лајкови, прегледи и внимание, постои ризик насилството да стане наградувано однесување. Мислам дека тоа сите го видовме на дело од снимката, каде што се навива, се бодри, се слуша плесокот на шамарите… Сторителот добива огромно чувство на моќ во моментот, но и јавно признание од групата, а групата е еден од најсилните фактори што го обликуваат однесувањето за време на адолесценцијата.
Технологијата не го создаде булингот, тоа ни е јасно на сите. За жал, но и за среќа, му даде микрофон, публика и меморија што не заборава. Велам и за среќа, затоа што дел од жртвите конечно добиваат можност да покажат што навистина се случило, а поширокото општество добива можност да реагира.
Но, реакцијата не треба да биде само осуда, туку и јасна порака дека постојат граници што не смеат да се преминат. Да, мислам и на срамот. Не на токсичниот срам, кој му порачува на детето „ти си лош“, туку на здравиот морален срам, кој нè потсетува дека „ова што го направив е погрешно“. Во последно време како да се срамиме од емпатијата, од добрината, од тоа да застанеме во одбрана на некого, а сè помалку од суровоста, навредите и јавното понижување. Ако изгубиме способност да се засрамиме кога ќе повредиме друг човек, тогаш не губиме само една емоција. Губиме еден од најважните внатрешни механизми што ја регулираат совеста и одговорноста. Но, не е доволно децата да знаат само што е добро. Треба да имаат храброст да го направат доброто и тогаш кога тоа ќе значи дека ќе останат сами против групата. Тоа се две важни животни вештини што треба да ги развиваме и кај возрасните и кај децата: критичкото размислување и моралната храброст.
Колку е опасно кога ваквите случаи ги сведуваме на индивидуална вина, а притоа ги занемаруваме семејниот контекст, училишната култура и вредносниот систем во кој растат децата?
Потребно е сторителот да понесе одговорност за своите постапки. Но, ако тука застанеме, ќе го решиме само последниот чин од приказната. Замислете дека во една шума почнуваат да се сушат дрвјата. Би било навистина чудно да го обвинуваме секое дрво поединечно, а никој да не ја испита почвата, водата или климата во која растат. Истото важи и за насилството. Семејството, училиштето, односите меѓу врсниците и вредностите што ги промовираме како општество, сето тоа е почвата во која растат децата.
Кога ќе кажеме: „Тоа дете е проблемот“, несвесно се ослободуваме себеси од одговорност. Но, да не се лажеме, децата не растат изолирано. Тие растат во систем што секој ден им покажува што е прифатливо, што носи моќ и што останува без последици. Не е доволно да прашаме кој го удрил детето. Треба да прашаме кој го научил дека ударот, потсмевот или молкот носат моќ. Детството не се случува во вакуум, туку во домови, училишта, улици, екрани, коментари, тишини и реакции на возрасните.
Ако едно дете научи дека понижувањето носи статус, а емпатијата потсмев, тоа не го научило само од своите врсници. Некаде, некој возрасен свет веќе му го покажал тоа.
Дали постојат суптилни, рани индикатори дека едно дете развива насилнички модели на однесување или, пак, дека подолго време е изложено на врсничко насилство, а тоа останува незабележано од возрасните?
Кај детето што е жртва, тоа може да биде ненадејно избегнување на училиште, повлекување од другарите, стомачни болки без медицинска причина, нарушен сон, промени во телесната тежина, пад на самодовербата или губење интерес за активности што претходно ги сакало. Кај детето што развива насилнички модели, знаците често изгледаат поинаку: потсмев кон послабите, недостаток на чувство на вина, уживање во туѓото понижување, силна потреба да доминира во групата или убедување дека моќта се докажува преку страв. Она што најмногу ме загрижува е што многу од овие сигнали знаеме да ги наречеме „таков му е карактерот“ или „ќе го помине“. Меѓутоа, токму почетокот е моментот кога превенцијата има најголема моќ. Во медицината никој не чека инфекцијата да се прошири низ целиот организам за да започне со лекување. Истото важи и во психологијата. Колку порано ќе ги препознаеме првите знаци, толку е поголема шансата да спречиме многу поголема болка подоцна. Најголемата заблуда е што чекаме детето само да ни каже дека страда или да направи нешто многу сериозно за да реагираме. На возрасните им припаѓа одговорноста да забележат.
Кога родител ќе дознае дека неговото дете е жртва, а кога ќе дознае дека токму неговото дете е сторител, кои се најчестите емоционални реакции и кои чекори се психолошки најздрави во двете ситуации?
Кога родителот ќе дознае дека неговото дете е жртва, најчесто чувствува вина, беспомошност, лутина и силна потреба веднаш да го заштити. Кога ќе дознае дека неговото дете е сторител, многу почесто првата реакција е неверување, срам или одбрана: „Моето дете не би го направило тоа.“ Тоа е човечка реакција. Но, ако останеме во неа, му ја одземаме можноста на детето да преземе одговорност и да научи нешто од својата грешка. Во двата случаи, најважно е родителот да не реагира само од силната емоција. На жртвата најмногу ѝ треба чувство на сигурност, дека не е сама и дека возрасните ќе ја заштитат.
На сторителот, пак, не му треба етикета дека е „лошо дете“, туку јасна граница, преземање одговорност и помош да разбере што стои зад неговото однесување. Казната сама по себе ретко создава промена. Одговорноста, разбирањето и доследните граници многу почесто ја создаваат.На крајот, целта не е да воспитаме деца што никогаш нема да погрешат. Целта е да воспитаме деца што ќе умеат да ја препознаат својата грешка, да ја поправат и да израснат во возрасни кои нема да ја повторуваат.
Има огромна разлика помеѓу тоа да воспитаме дете што знае да се заштити и дете што мисли дека мора да доминира за да биде безбедно. Првото е асертивност. Второто е насилство. А таа разлика не се учи сама од себе.
Понекогаш, несвесно, возрасните ги аплаудираат токму оние однесувања што подоцна ги осудуваат. Кога детето ќе слушне: „Нека плаче мајка му“, „Покажи кој е главен“ или „Не дозволувај никој да те гази“, без притоа да го научиме каде завршува самозаштитата, а каде започнува агресијата, му испраќаме порака дека доминацијата е доблест, а емпатијата слабост. Ќе повторам, има огромна разлика помеѓу тоа да воспитаме дете што знае да се заштити и дете што мисли дека мора да доминира за да биде безбедно.
Во која мера емоционалната писменост, способноста за саморегулација и развојот на емпатијата треба да бидат дел од образовниот процес, а не само од семејното воспитување?
Според мене, ова веќе не е прашање дали треба, туку зошто сè уште не е. Во училиштата вложуваме години учејќи ги децата да решаваат математички задачи, да анализираат литературни дела или да знаат историски датуми. Но, многу малку време посветуваме на прашањата со кои ќе се соочуваат секој ден: што да направам кога сум повреден, кога чувствувам љубомора, бес, срам, кога сум отфрлен од групата или кога гледам дека некој друг е понижуван?
Особено кога зборуваме за булингот, мора да разбереме дека тој не започнува со удар. Многу почесто започнува со потсмев, исклучување, навредување, етикетирање или јавно понижување. Тоа е психолошко насилство, а неговите последици знаат да бидат подеднакво длабоки, иако не оставаат видливи модринки. Но, емоционалната писменост не се учи само од учебник. Таа се гради преку искуство: преку разговор за реални ситуации, играње улоги, анализа на конкретни случаи, јасни граници, но и преку тоа што училиштето секојдневно избира да наградува и што избира да санкционира.
Во различни образовни системи низ светот постојат практики во кои, покрај академскиот успех, се препознаваат и вредности како емпатија, соработка, истрајност, отпорност или ученикот што најмногу им помага на другите. Тоа испраќа јасна порака дека карактерот е подеднакво важен како знаењето. Кај нас, со чест на исклучоците, вниманието најчесто е насочено кон оценките и натпреварите, па децата многу брзо учат што навистина се вреднува. Не велам дека училиштето треба да го замени семејството. Но, училиштето е местото каде што децата поминуваат огромен дел од своето детство и секојдневно учат како изгледа животот во една заедница. Ако таму не научат дека понижувањето е неприфатливо, а емпатијата вредност што се препознава и поттикнува, тогаш не треба да нè изненадува што години подоцна повторно ги отвораме истите прашања.
Можеби е време да престанеме да зборуваме за врсничкото насилство само кога ќе се случи трагедија и конечно систематски да почнеме да градиме култура во која децата не учат само како да бидат успешни, туку и како да бидат луѓе. Но, тоа не смее да остане само на зборови, туку мора да стане секојдневна практика. Децата не се само иднината на општеството. Тие се огледало на возрасните што ги воспитуваат. Начинот на кој ги учиме децата да се однесуваат кон најранливите е начинот на кој утре ќе изгледа нашето општество. Не смееме да ги славиме само најдобрите ученици. Треба да почнеме да ги забележуваме и децата што застануваат во одбрана на послабиот, што пријавуваат насилство и што покажуваат интегритет кога никој не гледа. Најголемата победа нема да биде кога ќе имаме повеќе казни. Напротив. Најголемата победа ќе биде кога во едно одделение еден ученик ќе каже: „Ова не е смешно“, а другите ќе му се придружат. Можеби најважната задача на образованието не е да создава само паметни деца, туку деца со интегритет. Деца што ќе имаат храброст да останат добри и тогаш кога тоа нема да биде популарно.
Ако врсничкото насилство го сфатиме како симптом, а не како изолиран инцидент, што, според Вас, ни порачуваат овие случаи за состојбата на современото детство и за одговорноста на возрасните?
Ако врсничкото насилство го сфатиме како симптом, тогаш треба да си поставиме едно многу непријатно прашање: што ни кажува тој симптом за нас како возрасни?
Во психологијата знаеме дека симптомот е порака дека нешто подлабоко не функционира. Мене најмногу ме загрижува што денес многу деца растат во свет во кој успехот се наградува повеќе од добрината, доминацијата понекогаш се меша со самодовербата, а понижувањето сè уште пречесто се минимизира со реченици како: „Тоа се само деца“, „Ќе им помине“ или „Такви се на таа возраст“. Но, не е така.
Во својата работа сум сретнала многу возрасни луѓе кои и по дваесет или триесет години сè уште ги паметат зборовите што им ги кажал некој соученик. Ударот поминува, но понижувањето многу лесно станува дел од сликата што детето ја создава за себе.
Затоа мислам дека е време да престанеме да го мериме насилството само по тоа дали има физички удар. Понижувањето, исмевањето, исклучувањето од групата и систематското омаловажување, сето тоа е насилство. И сè додека овие форми остануваат без јасна реакција, несвесно испраќаме порака дека постојат начини да се повреди човек без последици. Една африканска поговорка вели: „Детето што не е прегрнато од селото, ќе го запали за да ја почувствува неговата топлина.“ Не ја разбирам како оправдување за насилството. Напротив. Таа покажува дека секој човек има потреба да расте во заедница. Затоа и одговорноста не може да остане само кај едно дете или едно семејство. Какво општество им покажуваме дека е нормално на нашите деца?
Децата многу повеќе учат од културата во која растат отколку од лекциите што им ги држиме. Начинот на кој едно општество ги штити своите најранливи деца е најточната мерка за неговата зрелост. Некогаш беше сосема нормално да се пуши во училница, болница или автобус. Денес тоа на повеќето луѓе им изгледа незамисливо. Не е дека луѓето станале подобри, туку се променила општествената норма. Верувам дека истото треба да се случи и со психофизичкото насилство. Да стане културно неприфатливо да се исмева, понижува или исклучува некого, без разлика дали има физички удар или не.




