На 22 мај, Амбасадата на Јапонија организираше инспиративен мастер-клас по јапонска кујна во Средното училиште „Лазар Танев“ во Скопје, наменет за младите таленти и идни професионални готвачи.
Учениците и нивните наставници имаа можност одблиску да се запознаат со филозофијата на „вашоку“ – традиционалната јапонска исхранбена култура која ја слави хармонијата помеѓу сезонските состојки, нутритивната рамнотежа и визуелната естетика. Токму поради својата уникатност и длабока културна вредност, вашоку е впишан на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.






Во рамки на мастер-класот, готвачката Нишикава одржа демонстрација на традиционални јапонски техники, презентација на автентични јапонски ножеви и кујнски алатки, како и подготовка на неколку препознатливи рецепти.
Посебен момент беше практичниот дел, каде што учесниците имаа можност сами да подготват и дегустираат онигири – оризови топчиња кои претставуваат еден од омилените секојдневни енергетски оброци во Јапонија.
Настанот понуди уникатно гастрономско и културно искуство, отворајќи им нови хоризонти на младите готвачи и доближувајќи им ја богатата јапонска традиција.
