Изложбата „Меѓу нас“ на Горан Костовски – Индог ќе се одржи на 03 јуни 2026 година, со почеток во 18:00 часот, во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонија.
Изложбата произлегува од неговото долгогодишно истражување на темата „Славење на животот“, започнато во 2011 година, а во оваа фаза насочено кон колективната грижа, љубовта и емпатијата како основа за подобра иднина.
Преку серија илустрации, платна и графики создадени во последниве години, „Меѓу нас“ ја истражува човековата емоционална состојба и поврзаноста со природата и заедницата, инспирирана од современите глобални случувања. Централниот мотив – цветот – се појавува како симбол на раст, ранливост и трансформација, носејќи различни состојби: љубов, тага, радост и надеж.




Изложбата отвора прашања за менталното здравје, поставувајќи го како заедничка одговорност, а не индивидуална борба. Таа повикува на поврзување, дијалог и солидарност, истовремено функционирајќи како терапевтски и ангажирачки простор што поттикнува чувство на припадност и можност за промена преку мали, но значајни гестови на грижа и разбирање.
Горан Костовски – Индог е уметнички директор, илустратор, дизајнер, уличен уметник, DJ и активист. Во својата кариера има соработувано со бројни организации, компании, музичари и уметници, реализирајќи различни креативни проекти, кампањи за подигање на свеста и визуелни идентитети. Има искуство и во областа на односи со јавноста и комуникации.
Во 2011 година ја основа DIY (Doing Yourself In) – уметничка платформа, како и унисекс етикетата Celebrate Life, насочена кон промоција на позитивни пораки и урбана култура. Во 2020 година го започнува својот подкаст посветен на менталното здравје, во кој досега има реализирано над 100 епизоди. Паралелно, има изложувано и настапувано во земјата и странство.


