Кога ќе се спомене Moncler, првата асоцијација речиси секогаш е поврзана со зима, снег и планинска естетика. Но со својата најнова кампања брендот целосно ја менува таа перцепција и својот препознатлив визуелен јазик го пренесува во летен контекст.
Во центарот на вниманието во кампањата ,, Have a Puffer Summer” се надувани морски суштества, инспирирани од разновидноста на подводниот свет.
Изведени во впечатливи бои и со препознатливи детали, тие функционираат истовремено како скулптури и како продолжение на идентитетот на брендот.
Оваа кампања се развива на глобално ниво, со инсталации во Милано, Сеул, Токио, Париз, Лондон и Мајами, каде урбаните простори се претвораат во сцени со разигран и речиси надреален карактер. Изминатава недела, во Милано, во рамки на Salone del Mobile, големи морски форми се појавија на фасадите, кои суптилно ја бришат границата помеѓу модата и архитектурата.


Паралелно, колекцијата ја следи истата идеја преку лесни и слоевити парчиња кои се прилагодуваат на летните услови и динамиката на движење. Формите се меки, волуменот е нагласен, а палетата на бои ја рефлектира енергијата на самата кампања.
Со оваа насока Moncler не само што излегува од својата традиционална рамка, туку поставува нов моден јазик во кој сезоните не се ограничување, туку можност за постојана трансформација.




