По две децении активна диџеј кариера, Соња Исмаил не зборува за музиката како жанр, туку како жив процес, простор на слобода, комуникација и колективно доживување. Нејзините сетови не припаѓаат на категории, туку на состојби, а подиумот за неа е место каде што се сечат личното и политичкото, индивидуалното и заедничкото.
Во разговор за довербата во ноќта, променетата публика и кревката, но жива алтернативна сцена, таа открива што значи да се опстане, да се менуваш и да останеш љубопитен и по 20 години зад пултот и зошто слободата на подиумот никогаш не е даденост, туку нешто што постојано се создава.
По 20 години активна диџеј кариера, како денес ја разбирате музиката, како личен израз, комуникација со публиката или како форма на општествен став?
Бидејќи понудивте 3 одговори, ќе ги заокружам сите 3, но и ќе додадам, музиката ја разбирам и како вентил на слобода, утопија и како можност и алатка за поврзување со други луѓе и светови.
Вашите сетови постојано излегуваат од жанровски рамки. Што стои зад таа одлука и колку таа слобода е суштински дел од вашиот идентитет?
Шареноликоста и жанровската недетерминираност во изборот на музика која сакам да ја пуштам не е одлука, туку е природен чин. Едноставно, никогаш не сум слушала музика од еден жанр, па така е и невозможно музиката што ја пуштам да може да се смести во само една, ексклузивна категорија.

Што најмногу се промени кај публиката низ овие две децении, нивната отвореност, вкус или начинот на кој ја доживуваат ноќта?
Публиката се живи луѓе, од најразлични возрасти, со најразлични биографии, интереси и желби, кои се менувале и се менуваат како и сите природни и општествени процеси изминативе две декади. Публиката денес е многу поинформирана, но и пораспрсната во вниманието. Порано беше многу полесно да се ужива во забавата и музиката, немаше постојани дистракции, немаше селфи со диџејот и бандата со која си на подиум. Ако те интересираше која е песната што свири, ќе мораше да се обратиш кај диџејот. Денес Shazam ти ги решава сите такви дилеми на подиум 🙂
Мислам дека порано имаше повеќе доверба и препуштање на забавата. Денес, отвореноста постои, но доаѓа во бранови. Зависи од контекстот и просторот. Порано имаше повеќе доверба во ноќта како процес. Сега е сѐ фрагментирано, и средбите, и вниманието, и уживањето, и доживувањето. Сѐ уште постојат моменти на вистинска колективна енергија, но се поретки и, како такви, повредни.
Во вашата работа се преплетуваат музика и активизам. Каде се сечат тие две линии, а каде намерно ги држите раздвоени?
Музиката и активизмот, за мене, се допираат во вредностите, во тоа каков простор креираш и каква енергија поддржуваш. Просторите во кои излегуваме, се забавуваме, пуштаме музика, се дружиме, се јавни простори, па како такви се и политички. И чинот на собирање, инклузија и споделување е политички.
Како денес изгледа слободата на подиумот, постои ли сè уште како автентично искуство или се трансформира во нешто поинакво?
Слободата не е даденост и таа мора постојано да се создава, овозможува, негува, чува и брани. Па така и слободата на подиумите.
Кое најважно лично сознание ви го донесе диџејството, нешто што не би го научиле на ниту еден друг начин?
Кога пушташ музика, неизбежно е да комуницираш со луѓето. И буквално, со гест, насмевка, разговор, но и метафорично, преку музиката. И многу се важни тие моменти кога застануваш зад диџеј пултот, таму и тогаш си буквално под лупа, таму се гледаат сите твои радости и немири. Ако успееш да ги сокриеш на лицето, музиката дефинитивно ќе те издаде.🙂
Со кои зборови би ја опишале моменталната состојба на алтернативната музичка сцена кај нас?
Постојано на работ и, можеби баш затоа, секогаш жива. Многу работи се создаваат од инает, од љубов, без реални услови. И тоа се чувствува. Има сцена, ама нема систем, ретка е и минимална системската поддршка. И да не се лажеме, отсекогаш била проблематична и граѓанската поддршка на она што не е мејнстрим култура.
Што ве движи денес повеќе, сеќавањето на почетоците или потребата постојано да откривате нов звук и нова енергија?
Љубопитноста и радоста на споделувањето и поврзувањето. Така ќе биде и овој 1-ви април, кога во Радио бар, заедно со моите драги колеги, Виолета Качакова, Зоки Бејбе, Срѓан Јанаќијевиќ, Дарко Марковски, Шурбе и Боле, ќе го прославиме мојот 20-годишен диџејски јубилеј. Добредојдени сте!


