По неколкугодишна пауза, Баскерфест повторно ги раздвижи улиците на девет македонски градови. Овој фестивал, кој веќе две децении ја слави уличната уметност, се врати со нова енергија, свежа програма и истата магија која го направи препознатлив. За предизвиците, инспирацијата и значењето на ваквите настани за културниот живот, разговаравме со Пане Темов — човекот зад организацијата на Баскерфест, но и на други познати фестивали како Пиволенд, Октоберфест и Виноскоп.
По неколкугодишна пауза Баскерфест се врати на улиците на девет македонски градови. Што беше најголемиот предизвик да се оживее овој фестивал и да се врати неговата магија кај публиката?
Верувале или не, Баскерфест е еден од најтешките фестивали што сум ги организирал. Овој настан бара особена посветеност, логистика и многу љубов кон уличната уметност. Од изборот на артисти, преку патувањето во девет градови – секој чекор има свој предизвик. Но сите насмевки, аплаузи и енергијата што ја добивме од публиката значат дека го вложивме трудот на вистинското место. Чувството беше како луѓето навистина да нè чекале – и тоа е најголемата гордост за мене како организатор.


Уличната уметност често се гледа како показател за културниот пулс на еден град. Како, според вашето искуство, ваквите настани го менуваат начинот на кој луѓето ја доживуваат својата средина и создаваат чувство на заедништво?
Тешко е точно да се објасни, но уличната уметност е жива материја, слично како театарот. Тоа е најискрената форма на комуникација меѓу уметникот и публиката. За разлика од театарот, кога изведбата се случува на плоштад или улица – сите стануваат дел од неа. Нема бариери, нема сцена што дели.
Баскерфест ги спојува луѓето, создава радост и потсетува дека културата не мора секогаш да биде во сала или театар – таа може да живее на секој агол. Така се создава чувство на заедништво, гордост и припадност. Сè е разголено, се разменуваат култури, насмевки и искуства, и секој град на миг станува космополитски.

Како се одлучувате кои уметници и перформери да ги донесете? Што е клучно за да се создаде незаборавно фестивалско искуство и да се поттикне интеракција со публиката?
Не знам дали ова го знаете, но Баскерфест е многу познат фестивал меѓу уличните артисти во целиот свет. Секоја година имаме повеќе од 400 апликации! Замислете што значи да се направи селекција од толку многу талентирани изведувачи. Секој уметник што го покануваме мора да носи нешто автентично – харизма, вештина и енергија што ја пренесува на публиката. Секако, внимаваме да има и разновидност во програмата за да ја задржиме магијата и публиката секогаш да биде изненадена.

Организиравте и други големи манифестации – Пиволенд, Октоберфест, Виноскоп… Како се разликува организацијата на фестивал што е културно-уметнички од оној што е гастрономски или музички ориентиран?
Секој фестивал има своја душа. Кај културно-уметничките настани фокусот е на содржината и креативноста, додека кај гастрономските или музичките фестивали повеќе се обрнува внимание на атмосферата и логистиката. Но, за мене, клучно е да постои приказна или концепт што го држи настанот заедно. Без приказна, ни најдобрата организација не може да создаде фестивалска „магија“.
Што мислите дека и недостасува на македонската фестивалска сцена за да стане уште поатрактивна и за домашната, и за странската публика?
Недостасува континуитет и стабилна поддршка. Имаме одлични идеи и ентузијазам, но често недостига системска помош и буџети. Ако се создаде долгорочна стратегија за поддршка на фестивалите, преку партнерство меѓу државниот и приватниот сектор, Македонија може да стане вистинска фестивалска дестинација во регионот. Еден фестивал може многу да направи за културата и туризмот. Не мора да гледаме предалеку – ги имаме Нови Сад и Приштина кои ни покажаа како тоа може да изгледа.



Кои се најголемите предизвици за еден организатор на вакви манифестации – од логистиката до поддршката од институции, спонзори и локалната заедница?
Сметам дека имаме многу квалитетни луѓе кои работат на настани и добри идеи. Но, најголемиот предизвик секогаш се буџетите – да се најде рамнотежа меѓу квалитет, реализација и одржливост. Со подобра поддршка од институциите и приватните спонзори, би можеле да создадеме уште посилна фестивалска сцена.
Како ваквите настани влијаат на локалната економија – дали забележувате раст на интересот за туризмот, угостителството и малите бизниси околу фестивалските денови?
Апсолутно. Секој фестивал создава промена во секојдневието – луѓето излегуваат, се дружат, трошат, а тоа директно влијае врз малите бизниси, угостителството и локалниот туризам. Во градовите каде што беше Баскерфест, се чувствуваше позитивна енергија и раздвиженост. Сметам дека културата не е трошок, туку инвестиција во заедницата.
По сите овие години искуство, како гледате на иднината на фестивалите во Македонија – дали има простор за нови концепти, меѓународни соработки и развој на креативната индустрија преку вакви настани?
Секако дека има простор. Новите генерации носат свежи идеи и различен пристап. Македонија има огромен креативен потенцијал. Регионални и меѓународни соработки можат само да бидат плус за нас – светот се менува, и мора и ние да се менуваме со него.
Сакаме да го задржиме тој тренд и фокус кој го добиваме од земјите во регионот. Речиси на дневна основа има интерес за тоа кога ќе се одржи Виноскоп, кој веруваме дека повторно ќе привлече национален, но и регионален интерес, од кој произлегуваат сериозни соработки. Го планираме за ноември и се надеваме на сериозен интерес и успех.

