По успешната премиера која публиката ја награди со бурни аплаузи и одушевување, Националната опера и балет ја најавува новата изведба на едно од најпопуларните и највесели музички дела – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Настанот ќе се одржи на 28 октомври 2025 година, со почеток во 20 часот, на големата сцена на МОБ.
Оваа безвременска оперета, позната по својата разиграност и виенски шарм, повторно ќе го оживее светот на валцерите, љубовните интриги и маскенбалите што го дефинираа златното доба на Штраус.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата ја потпишува Љупка Јакимовска, сценографијата е дело на Марија Ветероска, а костимите ги изработи Марија Пупучевска. За кореографијата се погрижи Саша Евтимова, Јасмина Ѓоргеска е хор-мајстор, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а дизајнот на светло го потпишува Милчо Александров.




Во солистичката екипа настапуваат Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Кристијан Антовски, Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Создадена во 1874 година, „Лилјакот“ претставува ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II. Оперетата е брилијантна комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, обвиени со музика што блеска од духовитост, шарм и живост. Валцерите и ариите на Штраус ја пренесуваат публиката во срцето на Виена од XIX век – во свет исполнет со раскош, елеганција и радост.
„Лилјакот“ не е само приказна за измамени чувства и смешни забуни, туку и прослава на животот – дело што веќе повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенската музичка магија.

