18 септември 2025 (четврток) | 20.00 часот
КСП Центар-Јадро, Скопје
Изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ е замислена како збир од неколку засебни целини кои се развиваат низ неколку тематски истражувања во различни медиуми и форми на изразување. Значаен дел од тоа што во моментов го работам е истражувањето на поимите за утопијата како потенцијална иднина, како постојана недостижност на хоризонтот, но и утопијата како состојба на секојдневието. Освен историски, колективни и лични предлози за значењето на утопијата, важна теориска поддршка во овие долгорочни уметнички истражувања ми се размислувањата на Хозе Естебан Муњоз (José Esteban Muñoz) кој во Cruising Utopia вели: „продуктивно е за утопијата да размислуваме како течение, приврмена неорганизираност, момент во кој ‘сега и овде’ може да се надмине со ‘тогаш и таму’, она што би можело да биде и навистина би требало да биде“.
Во збирката есеи A Field Guide to Getting Lost, Ребека Солнит (Rebecca Solnit) пишува за сината како боја на далечината и оддалеченоста во физичка и метафоричка смисла. Интересот за сината како боја на далечината таа го пронаоѓа во делата на северноевропската и италијанската ренесанса кога за сликање на далечните предели во пејзажите сликарите користеле исклучиво сини тонови. Сината е единствената боја од спектарот која не стигнува од сонцето до нас, туку се дисперзира во молекулите низ воздухот – затоа небото е најчесто обоено сино, исто како и атмосферските далечини. Од друга страна, сината како метафора е боја што „доаѓа со времето, со препознавање на меланхолијата, на загубата, текстурата на копнежот, сложеноста на терените кои ги преминуваме, како и годините на патување“. Во оваа смисла нашите сеќавања, неисполнети желби, временската оддалеченост од минатото се исто така обоени во сино. Изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ е обид да ги разгледам и претставам овие аспекти на физичките и временските далечини преку лични сеќавања – вистински и конструирани, истовремено.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник чија уметничка практика се формира на преку работа со слики и креативно пишување. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, a моментално живее и работи во Велес, Северна Македонија. Како уметник досега гостувал на неколку резиденциски програми во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник.
Од позначајните учества на групни меѓународни изложби се издвојуваат: „IN-SITU: Artistic Positions on Endangered Biodiversity and the Coexistence of Species“, < ротор > Центар за современа уметност (Грац, 2024), „EX-SITU: Artistic Positions on Endangered Biodiversity and the Coexistence of Species“, Национален музеј на Босна и Херцеговина (Сараево, 2024), „Сè што ни е заедничко“, Музеј на современата уметност (Скопје, 2023), „You Can’t Discourse Without Disco: WHW Akademija 2022“, Галерија Нова (Загреб, 2022) и „55. Oktobarski Salon – Disappearing Things“, Музеј на град Белград (Белград, 2014).