„Reality Check“ е нова емисија што без компромис ја отвора вратата кон вистината – директно, гласно и ангажирано. Водена од новинарката и активистка Ели Пешева, оваа платформа е простор каде што реалноста не се прикрива, туку се анализира, предизвикува и демистифицира. Со остар новинарски инстинкт и длабока општествена свест, Ели нè води низ теми што допираат – и не се забораваат.
,,Ќе излажам ако кажам дека не сум превозбудена. Овој концепт го размислувам и подготвувам изминативе три години, но со оглед дека излегов од новинарските води пред подолго време, некако ми се сменија приоритетите во професионалниот ангажман. Вљубеник сум во новите технологии, ги сакам современите трендови, но ја обожавам психологијата, ме фасцинираат човековите шеми на однесување. Зошто сме такви какви што сме? Какви се луѓето во други држави, на други континетни? Кога сме слични? Што ја прави реалноста различна, менталитетот, регулативите, образованието, климата…? И некако полека се формираше идејата, но јас немам предизвик ако се работите едноставни. Веројатно има полесна варијанта да се добијат овие одговори, јас по правило, ја одбрав потешката, со многу теренска работа, социолошки експерименти, голем тим на соработници. Се надевам ќе има публика која ќе ја препознае длабочината и сериозноста на работата, иако во суштина, направивме еден забавен проект со многу смеење. Преку тестови, анкети и социјални експерименти, би сакала да видиме што е мит, а што вистина.
Целта ни е не да осудуваме, туку да разбереме. Со помош на експерти, јавни личности и обични луѓе, ќе се обидеме да ја откриеме реалната слика зад секој стереотип и да се насмееме, да се изненадиме, и понекогаш, да се препознаеме. Би сакала да ги предизвикам гледачите да се прашаат: Зошто го правам ова? Дали сум јас исклучокот или правилото? И, ако се соочам со вистината – дали сум подготвен/а да се променам?”, вели Ели Пешева.