Феминитивите и нивната активна употреба во јазичната практика се директен показател на родовата свесност и на родовата рамноправност во едно општество. Пред сè, тие се неопходни во јазикот затоа што така се воспоставува усогласување по род, што е граматичка одлика на нашиот јазик. Како што не можете да речете „дрвен маса“, исто толку е несоодветно да речете: „Министерот Николовска се јавил кај својот колега“– вели Татјана Б. Ефтимоска – дипломирана професорка по македонски јазик и јужнословенски јазици, соработничка на проект за лингвистичка терминологија во МАНУ, едукаторка и предавачка по современ македонски јазик на Високата школа за новинарство и односи со јавност
Сигурно секој од нас се нашол во непријатна ситуација и забележал нелогичен изговор на определна професија со именка во машки род, иако станува збор за жена. Јазичната рамноправност во јазици како македонскиот, каде што граматичката категорија род има централно место, се изразува со феминитиви. Феминитивите се именки од женски род што означуваат суштества исклучиво од женски пол.
Во минатото, поради родовата нерамноправност, многу жени биле изоставени од раководни функции или немале можност да изучуваат определени професии, па како резултат на таа неправда во нашиот јазик отсуствуваат именки во женски род за определени општествени функции и професии. Според многу македонисти, феминитивите се значенски соодветници на именките од машкиот род и нема причина поради која не треба да се дел од секојдневната употреба. Редовната употреба на феминитиви треба да биде практика секогаш кога се користи именка да означи женско лице, зашто, во спротивен случај, би се правеле граматички грешки поради несогласување по род.
Родово-сензитивниот говор е фундаментален за нас како единки кои сакаме да се развиваме и да го негуваме демократскиот дух. За многумина е поразителен и неприфатлив фактот дека во многу службени комуникациски преписки се користи „госпоѓица“ или „госпоѓа“ што имплицира на брачниот статус на жената, што е тотално ирелевантен податок, а има отпор кон користење феминитиви.
Во јавноста, во последно време секое отворање на темата за воведување феминитиви и користење феминитиви завршува со жестоки дискусии, спротивставени мислења. Дискусиите се движат од потребата на користење на родово-сензитивен јазик во јавниот дискурс, до полемики помеѓу лекторите и македонистите за наводно дестабилирање на јазикот, ревидирање на правописот и речникот и сл. Во нашиот јазик, речиси сите професии во женски род со суфикс -ка, (докторка, писателка, готвачка и др.) се прифатени и нивното секојдневно користење ни е природно, но постојат и такви како филозоф-ка, географ-ка, претседател-ка што мошне често се користат во машки род и отвораат дилеми за нивната употреба. Македонскиот јазик е жив јазик и тој, како и сите други живи јазици во светот, постојано е подложен на промени, односно цело време се појавуваат нови зборови без оглед на тоа дали тие „пристигнале“ од друг јазик или, пак, се развиле од веќе постојни елементи во македонскиот јазик. Исклучително е важно во јавниот говор, медиумите, новинарите, носителите на јавни функции да користат феминитиви, секогаш кога е можно, како и соодветна терминологија. Ако постојат жени кои вршат определени функции или работат определени професии неправедно е да не се воведе целосна родова прилагодба на професиите. Се поставува прашањето дали постои отпор кон осовремување на јазикот и дали недостигот на форми во женски род може да се пополни со долгорочна и свесна употреба на феминитивите. Потребата од користење феминитиви во општество како нашето е многу голема, со нив се испраќа порака дека жените се дел од големите, значајни општествени функции. Отпорот кон феминитивите е отпор кон присутното на жените во определени професии, на определени функции. Користењето на феминитивите како дел од родово-сензитивниот јазик им овозможува на жените многу поголема видливост и покажува дека и тие се заслужни за развој на општеството.
Професорката Татјана Б. Ефтимоска вели:
„За секоја професија во формалното образование постои диплома. На таа диплома ја пишува постигнатата титула и таа редовно треба да биде во машки и во женски род. Значи, ако јас, како жена, сум завршила Филолошки факултет и сум дипломирала во областа филологија, на мојата диплома треба да стои дека сум ’дипломирана филологинка‘, ако сум завршила во областа новинарство, титулата на мојата диплома да гласи ’дипломирана новинарка‘, ако сум магистрирала, на дипломата треба да ми пишува ’магистерка‘ итн. Потоа, ваквата употреба ќе се преточи и во огласите за работа, во формалните титули на професионалното место и во обраќањето. Жените се дури и многу побројни во некои професии, а формалната титула сè уште им е во машки род, што не е праведно. Ако една жена може да биде домаќинка или готвачка, секако дека може да биде и академичка, уредничка, портпаролка или археологинка. Да ни е жив јазикот, што го дозволува тоа“.
Ако во нашиот јазик постои недостиг од форми во женски род за да се означат определени професии, а тој недостиг се пополнува со долгорочна и свесна употреба на феминитивите од колку што е можно повеќе луѓе, тогаш единствен начин за да се пополни празнината во лингвистиката и феминитивите да се прифатат е нивно постојано користење. Најчести форми што веројатно се поприфатливи за македонските родени зборувачи и често ги користат во неформалната комуникација се: филозофиња, геологиња, географкиња и слично. Но, суфиксот -иња се смета за српско влијание и е нестандарден во македонскиот јазик, па затоа има потреба да се најде некој што е посоодветен. За именките што означуваат професии, на пример филолог или хирург, сè уште нема соодветна форма во женски род (филолошка и хируршка ги перципираме исклучиво како придавки). Од друга страна, некои именки како: наставничка, ученичка, кои всушност биле придавки (наставничка канцеларија, ученичка книшка) со текот на времето се лексикализирале и навлегле во јазичната практика и сега без проблем се користат како именски форми, што уште еднаш укажува дека редовното, масовно користење на феминитивите е единствен начин тие да „одомаќинат“ во нашата јазична практика.
Новинарката и авторка Ивана Смилевска, која пишува за употребата на феминитивите, вели дека, според нејзиното искуство, не смета оти феминитивите треба да бидат некоја проблематика за која се потребни долги дискусии.
„Едноставно, потребни се. Новинарството стреми кон краток и јасен израз, па не разбирам зошто колегите повеќе би пишале ’жена-доктор‘, ’жена-министер‘, кога може да се напише ’докторка‘ и ’министерка‘. Кај нас, а и во светот, почнува да се отвора дебатата за ’феминитиви‘ и таа сè повеќе се разгорува во насока со родовите прашања и подемот на антиродовите движења. Таков е примерот во Франција, која сака да го забрани ’родово-инклузивниот јазик‘ со закон, политика што е поддржана од претседателот Емануел Макрон и центарот/десницата. Но, според предложениот француски закон, феминитивите би се додавале на овој начин (претседател.ки, сенатор.ки), односно дебатата е разгорена во насока на множина, а кај нас се дебатира во еднина. Впрочем, во македонските граматички правила, природно е да се членуваат зборовите по род. Зарем ’министерот за култура Костадиновска-Стојчевска‘ некому му звучи природно? Истовремено, разговорно одамна се користат зборовите како ’професорка‘, ’секретарка‘, па не ја гледам причината зошто тие не би преминале во пишани правила. Во земјава, пазарот на трудот е отворен за секого, па нормално е професиите во даден контекст да бидат членувани индивидуално, според личноста која ја врши функцијата“, вели таа.
Практиката да се користи множинска форма во машки род, само ако еден маж е дел од некоја група покажува на неправда во која повторно жените се оштетени. На пример: „Колку спортисти учествуваат? Колку жители има Франција? Кој е водител на трибината?“ Овде се тргнува од машкиот род како неутрален и често се истакнува „економичноста“ на јазикот, односно непотребното, дополнително комплицирање кога би пишувале во машки и женски род, но дали е тоа јазично коректно? Дополнителна забуна прават и скратениците на одредени феминитиви, па на прашањето како родовата прилагодба би се имплицирала врз кратенките за определени професии, професорката Татјана Б. Ефтимоска вели:
„Никако посебно. Скратениците се прават на најразлични начини, со наведување само на првата буква, со наведување на првата и последната буква со цртичка помеѓу или со скратување кај првата согласка. Истото правило ќе се задржи и при употреба на феминитивот. Арх. Мимоза Несторова-Томиќ е архитектка, а адв. Милошовска е адвокатка, и пожелно би било и да се прочита така. На крајот од краиштата, убавината е што овие форми можат да се прочитаат и во машки и во женски род, кому како му чини, па оттаму разновидноста е поголема“.
Во Србија, како наш сосед, исто така се водеа многубројни полемики за користење на феминитивите, во кои се вмеша и Српската православна црква, која тврдеше дека родово-сензитивниот јазик ја храбри жената да се оддалечува од традиционалните вредности. Во мај 2021 година Народното собрание на Република Србија го усвои Законот за родова рамноправност. Во законот се наоѓа одредба за задолжителна употреба на родово-сензитивниот јазик во јавниот простор и одреден е преоден период од три години. Но, и нашите соседи се сретнаа со недостиг на зборови, именки во женски род за професиите што во минатото биле извршени исклучиво од мажи. Отпорот кон феминитивите во Србија беше толкуван како отпор кон видливоста на жените во општеството. Разни женски организации по јавното негодување од донесувањето на овој закон постојано истакнуваа дека користењето на родово-сензитивниот јазик, во формална и во неформална комуникација, би им овозможувало на жените да покажат дека и тие се дел од различни функции и придонесуваат во развојот на општеството. Негодувањето од фактот дека ако постојат казни за сите што не користат родово-сензитивен јазик би значело дека законот го регулира српскиот јазик, а јазикот треба единствено сам да се регулира, односно српската политика за јазикот што досега е либерална, би преминала во директивна.
Во Словенија, како земја што веќе 20 години е во Европската унија, денес, користењето на родово-сензитивен јазик е практика и секојдневие. Првите повици и обиди за подигнување на свеста за важноста на употребата на феминитивите се појавија кон крајот на осумдесеттите, како период во кој се случија многу значајни политички и општествени промени во Европа. Во 1995 година, на иницијатива на словенечката владина канцеларија, направена е првата стандардна класификација на занимања (SCO), која вклучува форми во машки и женски род од различни професии, кои се објавени во Службен весник на Република Словенија, бр. 28/1997. Исто така, во тоа време беше објавен првиот Речник на словенечкиот стандарден јазик, се организираа голем број студии за феминитиви, трудови во кои фокус беа жените во словенскиот јазик. Во 2018 година, во Љубљана се одржа голема дискусија на тема „Јазик и род“, организирана од Факултетот за уметности и Комисијата за словенечки јазик при Словенечката академија за науки и уметности. На тркалезната маса на овој настан донесени се многу нови решенија, за форми во машки и женски род и инклузивната употреба на словенечкиот јазик.
Феминитивите се важни од многу аспекти и имаат многу поодговорна улога од нивната граматичка. Тие се позитивни примери за најмладите девојчиња и девојки, кои им посочуваат многу поширок спектар на нивни идни професии. Тие се ветар во грб, жените да ги следат своите соништа и амбиции, да се оттргнат од стереотипните улоги, кои општеството со векови им ги доделува. Јазикот е моќна алатка што може да ги забрза процесите на прифаќање и поттикнување на родовата рамноправност. Кај нас, Клубот на пратенички во Собранието усвои Стратегија за родова еднаквост и предвиде комисија за родова еднаквост, која треба да дејствува за обезбедување на еднакви можности за мажи и жени во општеството, но нејзиното дејствување е заглавено во политички расправи и реторики. Појавата на различни граѓански организации, на кои се приклучија верски лица, морето од дезинформации што ги пласираат и нивното дејствување за уназадувањето на борбата за родова еднаквост е показател дека постојат структури што ја блокираат Истанбулската конвенција и ги забавуваат институционалните механизми.
Важноста на медиумите и новинарите кои во голем број не само што не ја задржаа објективноста и професионалноста туку станаа и дел од ширење на родови дезинформации и говор на омраза се показател за потребата од нивна итна консолидација. Медиумите сè поретко обработуваат родово-сензитивни теми, нема континуитет во информирањето и многу од нив немаат еднаков пристап кон известувањето за жени и мажи. Во онлајн-просторот, во големиот број сајтови, за жал, многу често се пласираат дезинформации, со кои намерно или ненамерно се засилуваат голем број на родови стереотипи. Со проверениот клик-бајт систем на дезинформации, секоја објавена родово-сензитивна содржина завршува со низа навреди, говор на омраза и вознемирување во онлајн-просторот, насочен кон жени и девојки.
Употребата на родово-сензитивниот јазик и неговата едукациска улога, во пресрет на финалната фаза од донесување на предлог-законот за родова еднаквост, е многу важен и тој треба да се применува.
„Во јазик со граматичка структура каква што има македонскиот, феминитивите не само што се пожелни туку се и неопходни. Во отсуство на жени кои управуваат авиони, ќе нема ни пилотки, но оној момент кога тоа ќе стане реалност, нема дилеми дека тие жени ќе се именуваат со феминитив, исто како што сега имаме фудбалерки, ватерполистки, седмобојки“, вели професорот Симон Саздов, раководител на катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Kонески“ во Скопје.
Експертите укажуваат дека медиумите имаат клучна улога во менувањето на застарените норми, па користењето на феминитивите треба да биде дел од уредувачката политика на редакциите. На прашањето на кој начин би се намалиле отпорот и скептицизмот кон феминитивите, професорката Татјана Б. Ефтимоска вели:
„Со активна употреба и заживување. Во разговорниот стил, кој по својата суштина е најживата форма на јазикот и најнаклонета кон јазични новини, формите за женски род се постојано присутни (цвеќарка, мајсторка, водичка за жена водич, ракометарка). Треба да се надоврземе токму врз таа навика на говорителите и, најнапред во јавните пројави на јазикот, од страна на различни јавни личности, ’инфлуенсер(к)и‘ или ’влијател(к)и‘, при пишување текстови, изнесување мислења или објавување огласи, во реклами – да настојуваме да ги употребуваме феминитивите и за најразличните професии. Луѓето прво можат да се чудат или да им се чини одбивно, но потоа ќе ги прифатат и тие самите и новите генерации говорители. Феминитивите се неопходни и треба да се употребуваат по секоја цена. Јазикот е најтолерантната работа на светот и го дозволува тоа“.