Ирина Камилоска една од најдобрите македонски планинарки е спортистка која зад себе има многу освоени врвови и големо планинарско искуство, кое го стекнала како дел од различни експедиции. Таа е вистински пример за спортски, здрав живот, физичка и ментална сила и силна поврзаност со природата. Токму затоа заедно со нашите соработници Rosa поразговаравме со неа за позитивниот импакт што го остава во нашата средина.
Низ годините остваривте многу планинарски подвизи, искачивте многу врвови и исполнивте многу предизвици. Како почна вашата љубов кон планините и се сеќавате ли на вашето прво искачување?
Љубовта кон планините ја носам во мене од кога знам за себе. Моите родители за прв пат ме качиле на планина кога сум имала само 40 дена, и тоа на Три Води (или на тетовски оргинално наречено Три Воде), кое е планинска месност на Шар Планина на висина од 1.350м. Се разбира дека не се сеќавам на тоа, но затоа се сеќавам на голем број излети во оваа месност од моето детство. Татко ми инсистираше секој викенд да го поминеме во природа, и многу сум му благодарна за тоа. Но, моето прво искачување на планински врв беше во организација на најстариот македонски планинарски клуб “Љуботен” од Тетово, кој што викендов славеше 99 години постоење, и со кој што го искачив истоимениот врв Љуботен на Шара. Висок дури 2.498м, на мои 15-16 години.
Како изгледа процесот на физичка подготовка за освојување на некој голем планински врв?
Искрено тоа е многу тежок процес. Тука се работи на подготовка на целосна психофизичка кондиција. Кога планирам експедиција, мене не ме загрижува физичката кондиција бидејќи истата ја одржувам во континуитет. Тука повеќе се работи на психичка издржливост на напорот кој следува на секоја експедиција, изолирани од најблиските, со слаб или воопшто никаков контакт со денови, без можност да се јаде разновидна храна, без можност за спиење на удобен кревет, без можност за секојдневно туширање, без сопствен тоалет итн. Живот во шатор, на висина од неколку илјади метри не е воопшто лесен! Подготовките се целосна изолација од социјален живот. Правам два до три тренинзи на ден. Тежински тренинзи, велосипед, качувања…многу качувања. Подготовка на телото да ги издржи овие тренинзи со истата таа храна која што ја носам на експедиции. Тука нема пржени јајца за доручек или домашна пита, туку има инстант нудли и супи, протеин, овес, мелени апетисани и по некоја конзерва туна. Буквално ова јадам можеби месец дена пред поаѓање на експедиција, за да го подготвам организмот за тоа што следува. Ова е рецептот за сите мои успешни експедиции.
Бременоста за момент ги одложи вашите планинарски авантури. Кои се вашите идни, спортски планови?
Во моментов навистина не можам да кажам дека имам конкретни планови. Мајчинството е најубавата работа што ми се случила до сега, и уживам во секој миг на оваа улога. Планините се тука, знам дека ќе почнам повторно со експедиции и искачувања, но временски точно кога ни самата немам решено за да ви кажам. Тоа ќе биде во оној момент која јас ќе се почувствувам подготвено за повторно да се вратам во полн ек. До тогаш, се задоволувам со искачувања на планините низ Македонија.
Велат дека не постои поголема награда од задоволството по освоен врв. Кој е најголемиот предизвик со кој сте се сретнале чекорејќи по вашиот професионален пат?
Искачување на врв е најголемото задоволство, иако во тие мигови додека сте на врвот уживањето не е целосно бидејќи мислите и фокусот се на симнувањето долу. Најголем предизвик за мене беше кога од врвот на Ама Даблам тргнавме да се симнуваме, и по само неколку метри симнување останавме без јажиња. Едноставно анкерите на кои се закачуваат јажињата не беа доволно длабоко “заковани” во мразот, и излегоа. Тоа значи дека од врвот до камп 3, на вертикала повеќе од 65% стрмнина имавме слободно симнување без обезбедување. Тоа не звучи можеби толку страшно да се случеше на висина од 2.500м, но на висина од скоро 7.000м, после 10 часа активно искачување по мразови, снег и сув студ, верувајте е голем проблем. За среќа се симнавме безбедно со мојот партнер, но тоа ми беше навистина еден голем предизвик.
Неодамна започнавте една преубава иницијатива, организирано заедничко планинарење на мајки и бебиња и деца. Како почна оваа иницијатива и колку е важно родителите да се пример за своите деца?
Иницијативата започна во моментот кога сфатив дека моите искачувања на Водно откако станав мајка, беа проследени од огромен број на жени, и мајки, кои бараа совет како и тие да го прават истото со нивните деца. Тогаш одлучив дека сакам да им дадам ете “шанса” да ми се придружат и други мајки, кои лично до тогаш не ги ни познавав. Кога прв пат објавив дека може да дојде со мене која сака мајка, еден драг пријател ми пиша “Ирина, и една мајка да дојде утре со тебе, ти си успеала во намерата!” Не беше една. Кога ги видов како ме чекаат на договореното место, срцево ми трепереше и очите ми се насолзија. Не можам да ви опишам колкав успех беше тоа за мене. Групата брои веќе над 20 мајки од лани, и има десетина кои имаат мали бебенца годинава што чекаат да се приклучат на пешачењата на Водно. Се дружиме и во парк, одиме заедно и на вежбање, си одиме по родендени, споделуваме совети, рецепти, си се поддржуваме во малите бизниси што некоја од мајките го има… Станавме една убава група мајки со деца кои поместуваат граници. Не постои подобар пример за дете од родител спортист. Одговорно тврдам дека со спортот децата ги стекнуваат најважните животни вештини, а тоа се дисциплина, упорност и трпеливост.
Големо внимание посветувате на здрава и избалансирана исхрана. Кои намирници најчесто ги купувате и како ги комбинирате?
Во моментов ги постиме Велигденските пости, па на трпезата најчесто имаме вода, овошје за доручек, салати, хумус, овес, чиа, или за ручек домашно приготвени манџи како грав, грашок, леќа, ориз и слично. Кога не постиме, тоа што најчесто го купуваме се јајца, сирење, грчки јогурт, риба, пилешко бело месо, и поретко телешко или свинско. Навистина се трудиме да јадеме балансирана храна, кај нас дома постојано се готви, понекогаш имам чувство како деновите да ги поминувам буквално во кујна!
Како се мотивирате да водите активен живот, редовно да вежбате и да сте во добра физичка форма?
Немам недостиг на мотивација, баш напротив сакам што повеќе да успевам да се организирам, и да го дуплирам тоа што го вежбам периодов. Ако возам велосипед еднаш неделно на пример, да возам барем два пати. Тоа што мене ми недостига е повеќе слободно време за вежбање!
Кој е вашиот совет за подобрување на квалитетот на животот со имплементирање заеднички, здрави навики и семејни ритуали?
Советот е многу едноставен. Бидете најдобар пример за сопственото дете. Доколку прескокнувате појадок, кој што впрочем е можеби најважниот оброк за телото, вашето дете со тек на време може да почне да не појадува. Доколку јадете брза храна и сендвичи, вашето дете ќе јаде исто таква храна. Доколку сте пушач, во 90% од случаите децата на пушачите се исто така пушачи! Дали е тешко да се води здрав живот? Не. Тоа е единствениот начин да му покажете на вашето дете кои навики и ритуали ги имате во семејството, за да може да ги следи и да станат дел од неговиот живот. Еден ден ќе ви бидат благодарни.