Наталија веќе дванаесет години се занимава со мода, од кои десет како менаџер на проектот Моден Викенд Скопје, а две како дизајнер, стилист и сопственик на брендот „Терзија“. По професија е филолог и вели дека сè што научила во однос на моден дизајн (техничкиот дел) го научила со онлајн курсеви и кратка пракса во текстилни фабрики. Дизајнерската кариера ја започна со костими за капење, потоа накит, а моментално е активна со својата линија за спортска облека и Ready-to-wear- аспект во којшто најмногу се пронаоѓа.
Зошто го одбра модниот дизајн како кариера?
Затоа што сум болен естетичар и навистина мислам дека убавината го спасува светот, ама онаа вистинската:) Втората причина е фактот што не постоеше дизајнер кој создава спортска облека во Македонија и тука се поклопивме, јас со моите идеи, прекрасните материјали што ги најдов и дупката во пазарот. Мислам дека на тоа се должеше мојот почетен успех.
Што најмногу ти се допаѓа од оваа професија?
Многу ми се допаѓа фактот дека секое парче облека има некаква улога и парола. На пример, на едно парче облека улогата му е да биде основа, некое друго има улога на украс, третото заведува, четврто топли и обезбедува удобност. Секој дизајнер со својата визија создава чувство кое сака да го даде преку тоа парче облека.
Што и кој те инспирира кога создаваш нов дизајн?
Жени, патувања, приказни од минатото, ликови од книги, филмови… уметност.
Како сакаш да се чувствуваат луѓето кога ќе носат твое парче облека?
Удобно, софистицирано, секси.
Како би го опишала твојот личен стил?
Удобен, софистициран, секси.
Омилено парче облека што досега си го направила?
Сите хеланки од линијата Terziya movement.
Во моментов си актуелна со твојата најнова колекција, кажи ни што претставува таа за тебе?
Новата колекција се случи како резултат на ново настанатата ситуација – Ковид 19. Создадов неколку модели кои се одликуваат со удобност, топлина и мултифункционалност. Тие карактеристики на гармети според мене се потребни во ова време, кога поголемиот дел од денот го поминуваме дома. Исто така од секогаш ме нервирала таа балканска етикета на облека која се викаа „за по дома“. Кога сме дома дека треба да носиме нешто старо, скинато или пак со по некоја флека што не се вади. Убави сме најпрво за себе, без разлика дали сме дома, во канцеларија или надвор.
Во која насока го гледаш развојот и иднината на твојот бренд?
Среќна сум со тоа што го имам сега и тука. Ме радува фактот што успевам да создадам квалитетни парчиња од dead stock и рециклирани материјали. Не очекував толку брз подем на брендот и благодарна сум за поддршката од моите клиенти и пријатели. Се гледам и надвор, но сеуште ја немам силата на производство која е потребна за извоз, ама здравје … 🙂