Бојан Матејин е наш избор за соговорник поради многу нешта, но сепак би ги издвоиле неговата креативност, препознатлив уметнички израз и секако неговиот ентузијазам. Графички дизајнер, визуелен уметник кој негува посебна љубов за фотографија, Бојан е уште еден доказ дека во нашата земја има талентирани, млади луѓе, кои имаат голема желба за работа, успех и надградување на своето знаење.
Дипломиравте на Академијата за визуелни уметности во „Џолев и уметностите“ и моментално сте фокусиран на фотографија и дизајн. Кога забележавте дека кај вас се појавува љубов кон визуелни уметности?
Од секогаш знаев и бев сигурен во себе и во мојата креативност, но ми требаше вистински момент да се изразам на некаков начин. Започнав да работам на случајот пред околу 8 години кога започнав да се бавам со графичкиот дизајн, но пред една година со запишувањето и дипломирањето на Академијата за визуелни уметности „Џолев и уметностите“ ми се погоди како што се вели „кец на десетка“ во период кога мечтаев по надградување. Имав неуспешен обид на високо образование на два различни факултети, отидов да живеам во странство неколку месеци со цел да ми се избистри мозокот, и конечно можам да потврдам дека го направив вистинскиот избор. Академијата ми отвори чакри поврзани со уметноста кои што никогаш не сум ни претпоставувал дека ги имам или дека некако можам да ги имплементирам во секојдневието. Започнав да гледам убавина и уникатност во секој можен ќош, предмет, видео, фотографија, човек, момент, простор… Чувството да го гледаш светот на такво ниво е незаменливо.
Каков вид на фотографија работите најчесто?
Не се занимавам толку многу со „традиционален“ начин на фотографија, повеќе сум на графичкиот дизајн сконцентриран ама често сакам да експериментирам со спој на фотографија и графички елементи или фотоманипулација. Многу сакам детали и моменти од дадена ситуација и исто така апстракт, документарна, едиторијал, lifestyle… Како вид на фотографија ми е навистина тешко да издвојам, многу зависи од психичката или душевната ситуација во која што сум во моментот колку и да звучи чудно ова. Многу почитувам „едноставна црно бела“ фотографија во која што има раскажано некаква приказна. Од тука би ги издвоил Platon како експерт на ова поле, сигурно имате видено негов црно бел портрет на славна личност и Damon Baker кај кого исто така преовладуваат црно бели портрети но на малку поинаков начин.
Од друга страна пак, обожавам и луди моменти како пост-апокалиптичен, футуристичен out of this world стилот на Frederik Heyman или Nick Knight.
На кој начин го надградувате својот личен, креативен печат?
Долго време сум во невладиниот сектор, во последно време пасивно но сепак се сметам за граѓански активист кој што константно се обидува да направи некаков вид на промена за одреден општествен проблем со внесување на креативен елемент. Преточување на личните искуства и случки од мојот живот во самиот креативен процес и креирање на дела кои што создаваат мали „друштва“ би ги нарекол – од различни категории. Обожавам експериментирање и ризикување со стилови, текстури, бои – јас го категоризирам тоа како „хаос“. Од друга страна пак, сакам и минимализам.
Кои критериуми ви се важни кога избирате да започнете со работа на некој проект?
Research. Понекогаш и самото истражување знае да трае подолго од самиот работен процес. Секогаш ми е најважно да ископам најдлабоко што можам во самата тема и да исцрпам нешто карактеристично за она што го работам. И доколку има можност разговор со клиентот и земање забелешки или анкетирање на одредена група на луѓе со цел да се добие некој вид на НЗС на информациите и доближување до целта или таргетот.
Велат дека добар дизајн на продукт е загарантирана успешна продажба. Што мислите вие, колкава е улогата на дизајнот за приказната да биде успешна?
Добар дизајн на продукт е истовремено дизајн, маркетинг, реклама и продажба. Сметам дека треба да се инвестира на ова поле повеќе затоа што тоа е првиот момент на конекција помеѓу производителот и купувачот и истовремено тоа е првиот извор на финансиски прилив за производителот. Факт е дека добар дизајн на продукт дополнето со добра маркетинг стратегија – продава, и тоа е целосна фасцинантна психологија и може да се разговара на темава многу долго. Како пример за добар дизајн на продукт, па и маркетинг, би ги издвоил Apple, Coca Cola, Nike…
Производ, постер или нечија работа што ве воодушевил во последно време?
Секогаш на прво место ми е Jonathan Zawada, најголема причина е затоа што е дизајнер на еден од моите омилени артисти „Flume“ . Има голема доза на „истрипаност“ или ексцентричност во неговите дела, што секогаш ме предизвикува да дејствувам или размислувам на малку поинаков начин.
Исто така би го издвоил и Steve Reeves aвторот на многу постери за познати филмови меѓу кои Moonlight (фаворит од него), A star is born, IT, The Nun и така натаму.
Колку е тешко во услови на пандемија да се остане креативен?
Со самото тоа што имаме многу повеќе слободно време, сметам дека е убаво да се искористи на продуктивен и креативен начин, а процесот е индивидуален. Јас лично успевам да се изразам креативно во овие тешки моменти, не објавувам сè, многу голем дел се чува за дадена адекватна прилика. А инспирација најмногу црпам од пропуштените секојдневни моменти коишто не сме ги ценеле доволно пред само една година и менталното здравје на мене лично и на моите блиски луѓе околу мене. Тема која што стана многу актуелна во последно време, но мислам дека е сосема во ред. Редно време е да разговараме отворено и да си даеме поддршка еден на друг. Најважно е да останеме свесни и смирени.
„Take care of YOURSELF and make sure everyone around you are okay. Do more of what makes YOU happy and BE KIND to one another.“
Како изгледа Скопје низ вашиот објектив?
Скопје е град кој што константно се менува. Во него постојат многу улички, згради, маала, детали и моменти. Секое ќоше од градот е различно, и на некој начин, тоа е убаво… Што би се рекло, има од сè по нешто. На моменти знае да е хаотично тоа, ама барем имаме се на едно место?
Најмногу впечаток ми оставаат моменти кои потсеќаат на старо Скопје. Постарите градби и квартови, бруталистичните градби и секако погледи од кровови со интересни перспективи. Улицата Илинденска во правец Влада – Градски парк на зајдисонце, Шар Планина во позадина со старите градби и дрвореди од двете страни ми е еден од омилените моменти во Скопје. Исто така би ги одвоил целите предели на МСУ и УХМР. Совршен склоп на архитектура, природа и поглед на градот.
Што е пресудно за еден постер да биде добар?
Моментално сум фокусиран на експериментирање со минимализам и типографија, и некако целиот дизајн моментално тежнее на тие страни. Less is more – секогаш. Но на крајот од денот, станува збор за персонални вкусови. Најважна е функционалноста на самиот постер, односно концизно и прецизно пренесување на пораката и погодување на таргет групата.
Како најлесно се изразувате, која форма на уметност е најблиска до вашиот карактер и природа?
Во последно време практикувам фотографии направени од мобилен телефон, аматерско можеби за некого, ама супер форма за изразување во даден моментот. Исто така многу сакам и студиска фотографија со модел и зададена тема, но сепак на прво место секогаш ми е графичкиот дизајн. Персонално, го доживувам како жива материја која константно се менува и адаптира во дадена ситуација.