За викендов ви предложуваме 5 книги со различна тематика кои може да ги најдете во некоја од македонските издавачки куќи.
„Тил“ од Даниел Келман (Артконект)
На почетокот на 17 век, кога историјата и митологијата сè уште се преплетени, кога сè уште не постои јасна граница меѓу магијата и науката, кога сè што знаат луѓето се гладот и војната, на сцената на опустошената Европа стапува Тил, комедијант, акробат и дворски шут. Почнувајќи го своето патешествие од едно мало германско село, па стигнувајќи сè до кралските дворови на големите владетелски династии, Тил се обидува да ги открие големите загатки на животот за љубовта, моќта, знаењето, среќата, а притоа, сосем случајно, ја открива бесмртноста.
„Збунетост“ од Ричард Пауерс (Арс Ламина)
Астробиологот Тео Бирн бара живот низ универзумот додека, по смртта на неговата сопруга, сам го воспитува своето необично деветгодишно дете Робин. Робин е топло, љубезно момче, кое поминува часови сликајќи детални слики од загрозени животни. Тој, исто така, ќе биде избркан од трето одделение затоа што го удрил другарчето в лице. Како што неговиот син станува сè попроблематичен, Тео се надева дека ќе го заштити од користењето од психоактивни лекарства. Тој дознава за експериментален третман со неврофидбек за зајакнување на емоционалната контрола на Робин, кој вклучува обука на момчето на снимените модели на мозокот на неговата мајка.
„Најдобрата работа што никогаш не ја доживеав“ од Лора Тејт и Џими Рајс (Полица)
Лора и Џими се спријателиле кога и двајцата студирале новинарство на Универзитетот во Шефилд, што значи дека последните десет години ги имаат поминато во седење по англиски пабови и во муабети за животот и за љубовта. Сега заедно пишуваат книги – ги земаат лаптопите и пишуваат сè што ќе им падне на памет, но освен тоа, речиси ништо друго не се сменило во нивното дружење. Џими сè уште ја прекорува Лора оти редовно доцни, а Лора сè уште може да продолжи да пие дури и откако Џими се онесвестил под масата.
„W“ од Игор Штикс (Антолог)
Најновиот роман на Игор Штикс е книга што буквално не се испушта од раце. Напишана во манирот на најдобрите скандинавски трилери, преполн интриги и пресврти, „W“ ни дава пресек на последните половина век на европската и светската левица, на нејзините борба, падови и застранувања. Овој роман, кој во атмосферата потсетува на Пол Остер или Хавиер Серкас, никого нема да остави рамнодушен.
Како да ги придобиеме другите – Психологија на доказите и сугестиите од Волтер Дил Скот (Ѓурѓа)
Да се има влијание врз другите може да биде вистински предизвик, но постои начин на кој може да се постигне тоа. Оваа книга нуди стратегии што ќе гарантираат сигурен ефект врз стекнувањето доверба и супериорност, а тоа ќе биде најсилното оружје на вашиот пат кон успехот. Имајќи ја довербата на другите, вие можете да ги надминете поставените граници и да постигнете врвни перформанси. Ако ги искористите сите ваши потенцијали, вашите најголеми амбиции набрзо ќе се остварат. Променете ја свесноста за вашата сугестибилност и ќе станете совршени лидери!