Белиот совињон е винска сорта што уважува популарност кај винските ентузијасти на глобално ниво, а сè почесто е избор и на македонскиот вински пазар. Магистерот по винарство, Теодора Лазаревска, нè запознава со карактеристиките на сортата чијашто арома и комбинации со јадења одлично одговара за потоплите денови.
„Дивата“ бела сорта
Покрај шардонето, белиот совињон е уште една класична сорта со потекло од Франција, што е синоним за бели вина во Сотерн, Жирон и Шаронт. Мислењето за нејзиното настанување е поделено. Според некои ампелографи, совињонот е „дете“ од Бордо, според други е настанат во долината на Лоара, по пат на мутација и вкрстување на сортите траминец и шенин блан. Името е добиено од францускиот збор sauvage („див“), така што буквално може да се преведе „дивата“ бела сорта. Лозата е впечатлива и се карактеризира со бујно стебло и жолтеникаво-зелени гроздови што зреат во рана епоха. Совињонот е енергично грозје што нуди разновидни стилови вино, па можете да го вкусите како поскромно, лесно и ароматично или силно со интензивни зелени ароми.
Освежителна и егзотична арома
Совињонот е распространет во голем број лозарски земји, каде што се сретнува под различни синоними и стилови. Во Словенија е познат како „Muskatni Silvanac“, во северна Италија како „Sauvignon Bianco“, а во Германија „Weisser Sauvignon“. Во Македонија најмногу се одгледува во тиквешкото, скопското и кумановското виногорје. Белиот совињон е сорта на умерена и континентална клима, а неговата магија целосно доаѓа до израз од лозјето и почвата, каде што се одгледува. Најдобро успева на терени од песок и варовник. Во 19 век почнува да се сади во Калифорнија, Чиле, Австралија и Нов Зеланд, каде што дава разновиден спектар на вина повеќе од кое било друго винско грозје. Вината варираат од освежителни и елегантни до диви и егзотични. Во постудените области има мирис на трева, зелен бибер и минерални тонови, а во потоплите региони дава вина со овошни вкусови на огрозд и кисело јаболко или круша.
Тренд на вино со арома на „чад“
Шеќерите и вкупните киселини во ширата се на високо ниво, па зависно од начинот на производство често во виното има непревриен шеќер. Методите на винификација варираат од едноставна ферментација во резервоари по пресување до ферментација во дабови буриња и одлежување. Во Франција се произведуваат десертни сотернски вина, што најчесто се добиени од доцна берба на грозје, заразено со благородното гниење Botrytis. Ботритизирано вино се добива онаму каде што има уникатни климатски услови за инфицираното грозје да концентрира шеќери и габата да ја насочи во благородно гниење и дехидрација на зрната. Виното од ова грозје не е пивко, но затоа е ценето како најнежно бело вино. Запознавајќи ги придобивките на совињонот во комбинација со дабот, во светот се рашири трендот на вина со ароми на дрво и „чад“, стил препознатлив како „Fume Blanc“.
Одлично во комбинација со димен лосос и школки
Македонскиот бел совињон е суво и освежително бело вино, најчесто со низок потенцијал за стареење во шише и претставува одличен избор за топлите летни денови. Во нашите винарници виното се произведува целосно од истоимената сорта или во купажа со белата сорта семијон со која совршено се надополнува. Виното нема посебно изразена боја и често се опишува како бледожолта со зеленкави тонови и нијанса на слама. Мирисот е препознатливо хербален, некогаш дури свежо тревкав, а вкусот потсетува на тропско овошје и огрозд. Грозјето дава суровина за производство на врвни бели вина со среден степен на алкохол, од 12 до 13 проценти. Извонредната хармоничност и свежина на ова бело вино овозможува и експериментирање со комбинациите на храна. Одлично се вклопуваат со димен лосос и сардина како предјадење или свежа риба и салата за главно мени. Школките, припремени на различен начин, секогаш се добитна комбинација со ова вино. Од изборот на сирења, по правило, младите вина одат подобро со млади сирења и спротивно. Белиот совињон можете да го уживате разладен на температура од 8 до 10 Целзиусови степени, комбиниран со сирењата бларнеј, брик или гауда. Сотернските слатки вина можат да се послужат со торта од морков, пита од праска или профитероли. На здравје!