Владата на Северна Македонија на вчерашната седница на предлог на Министерството за правда го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права. Со овој предлог-закон, трансродовите лица ќе може да добијат впишување на полот во матичната евиденција што ќе го одразува нивниот родов идентитет.
За полесно да разграничиме и појасниме што значи овој предлог-закон за транс-лицата како и за тоа зошто е важен овој предлог-закон да се усвои и во собраниска процедура, ги контактиравме Кочо Андоновски програмски директор во ЛГБТИ Центарот за поддршка, Лила Милиќ, трансродово лице и активистка за еднакви права и правата на трансродовите лица и сексуалните работници, како и со Наташа Бошкова, адвокатка чиј фокус на работа е застапувањето на случаи на повреди на човековите права на луѓето кои употребуваат дроги, сексуалните работници, луѓе кои живеат со ХИВ и ЛГБТИ луѓето и е дел од тимот на Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници „МАРГИНИ“.
Бошкова ни објасни дека Законот за матична евиденција го регулира начинот на водење на податоците во матичната евиденција на граѓаните, а со дополнувањето се додава посебна глава со која се регулира постапката за правно признавање на родот.
„Преку јасно утврдена постапка, форма и рокови транс луѓето ќе можат да лесен, предвидлив и транспарентен начин да ди го остварат правото и да им се упише полот што ќе го одразува нивниот родов идентитет. Дел од трансродовите луѓе успеаа да го остварат правото и според досегашниот закон, но во долга и неизвесна постапка што ги изложи на дополнителни стресови и страдања. Многу е важно овој закон што побрзо да влезе во собраниска процедура и пратениците кои се залагаат за подобрување на човековите права на сите граѓани да го поддржат и изгласаат. Како резултат на правниот вакуум што постои, Европскиот суд за човекови права во 2019 година утврди повреда на правата на транс лице, но покрај решавање на индивидуалниот случај на ова лице, државата има обврска да го донесе и доследно да го спроведува. Секое отстапување од оваа обврска, ќе значи повреда на правата на транс луѓето и потенцијално нова постапка пред ЕСЧП за заштита на правата на транс луѓето“, вели Бошкова.
Да се потсетиме на случајот со лицето ИКС кое ја тужеше државата и доби позитивна пресуда од судот во Стразбур во корист на трансродов маж, во случајот ‘Икс против Македонија’, во кој Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет. Адвокатката Наташа Бошкова од Коалиција МАРГИНИ и адвокатот Константин Кожокариу од Велика Британија го застапуваат случајот ‘Икс против Македонија’ пред Европскиот суд од 2016 година. Подносителот кој е трансродов маж од Македонија ја поднесе тужбата против Македонија поради недостаток на законска рамка и ефективен правен лек за правно признавање на родот, и арбитрерно и неоправдано наметнување на барање за генитална операција од страна на институциите на државата како услов за промена на ознаките за пол во личните документи.
„Го поздравуваме чекорот што Владата на Северна Македонија го презеде на вчерашната седница на предлог на Министерството за правда. Утврдување на Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство е за поздравување бидејќи покажува спремност и политичка волја да се усогласат меѓународните закони со нашите во насока на почитување на човековите права. Овој процес започна откако Европскиот суд за човековите права донесе пресуда во корист на правата на трансродовите лица во Македонија. Лицето Икс ја тужеше Македонија поради повреда на правото на приватност и неефикасен правен лек во земјата. Процесот за изготвување на измените беше инклузивен и во неговото креирање беа вклучени поширок круг на чинители кои се засегнати од промените“, вели Кочо Андоновски.
Тој дополнува дека овој закон значи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица, а со тоа и промена на родовиот маркер во личните документи.
„Тие ќе можат да го променат родовиот маркер во лична карта, пасош, возачка дозвола и сите остатанти документи во кои е наведен и родот. Со ова, значајно се подобрува квалитетот на живот на трансродовите лица. Она што претстои е што поскоро да се отвори на седница во Собранието каде очекуваме од пратениците да покажат отвореност и одговорност и да го усвојат законот“, вели Андоновски.
Лила Милиќ вели дека со донесувањето на овој закон ќе исчезне институционалната дискриминација за трансродовите лица и со тоа ќе се подобри и нивниот живот.
„Очекувам опструкција и негодување во Собранието од дел од пратениците, како што покажува досегашното искуство на пример со Законот за спречување дискриминација пред неколку години кога требаше да се впишат и сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законот, но имаше остра дебата во парламент помеѓу претходната власт и тогашната опозиција. Но, се надевам дека сега сепак ќе помине предлогот и ќе се усвои бидејќи би значел крај на институционалната дискриминација и би можеле непречено во тој случај да се користат здравствените услуги и другите услуги и права што сега е навистина проблем за трансродовите лица. Во тој случај ќе ни остане само да работиме на општото прифаќање на трансродовите лица“, вели Милиќ.