Бавно живеење (Slow living) е дел од пошироко „slow” движење кое започнало во осумдесетиоте години во Италија. Соочен со отворањето на McDonald’s во Рим, Италијанецот Карло Петрини и група активисти го формирале движењето Slow food кое имало цел да ја зачува италијанската традиција за подготвување на храна. Движењето денес има поддржувачи низ целиот свет, ги поддржува и заштитува гастрономските традици, охрабрувајќи уживање во храна со вистински квалитет. Slow food движење многу брзо преминува и во други области на живеењето кои имаат доживеано огромно забрзување, како работа, пријателство, родителство, мода, слободно време итн.
Пандемијата, барем привремено, ги принуди речиси сите луѓе да го забават и да го поедностават својот животен стил, а со тоа се зголеми и интересот за Slow life движењето. Иако виралните видеа на инстаграм, кои покажуваат идиличен рурален живот, за повеќемина се далеку од реалност, сепак, ваквите содржини предизвикаа желба за повторно враќање кон природата, кон себеси, кон значајни хобија. Имајќи повеќе време за размислување и префрлајќи ја работата ,,на далечина” , многумина преиспитаа што е она што е навистина важно за нив.
Зошто е важно движењето ,,Бавно живеење” (Slow living) и дали и како е остварливо во нашиот свет со ненормално брзо темпо.
Slow living движењето не се однесува само на трендовскиот инстаграм хаштаг на сценирани моменти за на инстаграм. Се работи за повторно откривање на моќта на едноставното. Станува збор за препознавање дека вистинското исполнување не доаѓа од бркањето на следната ,,голема работа”, туку од почитувањето на убавината на она што е веќе тука. Суштината на бавното живеење е во тоа да сме присутни во моментот во сè што правиме: оброк, работа, кафе, хоби, време со луѓето што ги сакаме, филм, книга, па дури и времето поминато на социјалните медиуми (во што помали дози). Иако сето ова звучи како клише и уште една флоскула за самопшомош во свет кој живее во брзање, сепак, клишеата и не се лоши, само се премногу искористени. Понекогаш, работите што ги слушаме одново и одново имаат подлабока вистина што треба да се открие. Јасно е дека во жонглирањето со работните, семејните и социјалните обврски и нашата е-реалност во брзање и гужва, враќањето на овие клишеа е контраинтуитивно.
Бавното живеење или обидот да практикуваме барем дел од она што тоа подразбира може да биде од огромна помош за намалување на стресот предизвикан од избезуменото темпо на живот. Сите сме свесни за тоа и не ни се потребни научни истражувања.
Како да го прифатиме бавното живеење во услови на натрупан календар? Веројатно почнувајќи со микро-промени и најмали чекори. Важно е само да се почне од некаде. На пример:
БАВЕН ПОЈАДОК. Одвојте барем 15 минути секое утро, за појадок, сами или во друштво, без телефон во близина, само уживање во храната и кафето.
ПОВРЗУВАЊЕ СО ЛУЃЕТО ШТО ГИ САКАТЕ. Викендите се скапоцени, но вистинските врски бараат повеќе од тоа. Време за значајни разговори, заеднички оброци или едноставно уживање во меѓусебно друштво. Сеедно дали станува збор за партнер/ка, другар/ка, брат/сестра, родител.
ЦЕЛОСНА ПОСВЕТЕНОСТ: Психолошката моќ на електронските уреди и чувството дека нешто пропуштаме. Обидете се кога разговарате, јадете, пиете кафе или имате каква било заедничка активност со некого, да го немате телефонот в рака или на маса. Сеедно дали е на бесчујно, исклучен или свртен наопаку. Во секој случај дава сигнал дека вашето целосно внимание не е тука и дека во секој момент постои можност за нарушување на моментот. Ако можеме да го исклучиме телефонот и да не го проверуваме додека сме на работен состанок, зошто би било поинаку кога сме со семејство, партнер, пријател.
БАВНАТА УМЕТНОСТ НА ГОТВЕЊЕТО. Готвењето е најдобрата метафора на тоа дека за добрите работи (како и за добрата храна) е потребно време. Задоволството на создавање нешто е секогаш присутно, дури и кога станува збор за наједноставен оброк.
ГРАНИЦИ. Почитувајте ги вашето работно време, но исто така почитувајте го и вашето лично време. Обидете се, да ги исклучите апликациите, работните мејлови и повици, кога сте надвор од работното време. Ова е навистина важен чекор за да се биде целосно присутен во секој останат аспект од животот.
ДИГИТАЛЕН ДЕТОКС. Постојано сме бомбардирани од информации. Потребен ни е одмор. Сеедно дали тоа ќе биде легнување или викенд во природа без телефон. Поврзувањето со себе и светот околу себе е надвор од сите е-конекции.
ДВИЖЕТЕ ГО ТЕЛОТО. Вежбањето не е само за добра форма, го ослободува стресот и го подобрува расположението. Прошетка, велосипед или едноставно утринско истегнување е сосема доволно. Движењето помага да го цениме нашето тело и да бидеме присутни во моментот.
ПОСТОЈАН РАСПОРЕД НА СПИЕЊЕ. Легнувањето и станувањето во исто или приближно време секој ден, дури и во викенд, го регулира природен циклус на телото на спиење и будност, овозможувајќи полесно заспивање и будење со поголема свежина.
ЗАСПИВАЊЕ БЕЗ ЕКРАН. Сината светлина што ја емитуваат електронските уреди го нарушува производството на мелатонин, хормонот кој е клучен за спиење. Обидете се да го исклучите телефонот, лаптопот и телевизорот најмалку еден час пред спиење.
СОЗДАТЕТЕ РИТУАЛ ЗА ОПУШТАЊЕ ПРЕД СПИЕЊЕ. Нежно истегнување, топол туш, книга. Така ќе му сигнализирате на вашето тело дека е време да се смирите и да се подготвите за спиење.
Да ги вратиме моментите на бавност, поврзаност, присуство. Бавното живеење не значи мрзеливост или непродуктивност, се работи за намерност во сѐ што се прави. Уживање во малите моменти, давање приоритет на вашата благосостојба и создавање живот кој ќе биде исполнет, а не зафатен. Во свет опседнат со ,,повеќе”, да го направиме ,,доволно” нова револуција.