На почетокот на новата година многу дизајнери прават избор на трендови во уредувањето кои сметаат дека ќе преовладуваат во периодот што следи. Од Ателје Проектинг ни испратија избор на неколку клучни насоки во дизајнот на ентериери за 2022 година кои би биле релевантни и кај нас. Доколку правите некоја промена во домот оваа година земете ги во предвид следните идеи.
Акцент со боја
Ентериерите со неутрални бои се провлекуваат секоја сезона меѓу најпопуларните, но оваа година ќе бидат освежени со акцент во некоја посилна боја. Црвена, сина, жолта или зелена се боите кои ќе се користат како акцент на неочекувани места. Со храбра примена на појака боја најлесно може да се постигне ефект на уникатност во просторот како на пример со фотелја, комода, теписон, табуретка, или можеби и дел од елементите во кујната со посакуваната боја.
Органски форми
Иако е минатогодишен тренд, органските форми сè уште се меѓу омилените. Мебелот и декорацијата се со заоблени агли, со форми инспирирани од природата, и текстурата на материјалите од кои се изработени се во истиот дух. Органски форми имаат различни растенија, карпи, школки и сл. Боите кои се користат се исто така поврзани со природата, преовладуваат различни нијаси на сиво, беж, окер, теракота, зелено-маслинести тонови и длабоки кафени нијанси.
Травертин
После подолго време „владеење“ на мермерот во ентериерите, изборот се ориентира кон природен камен со потопол изглед. Сјајните полирани површини со висок сјај отстапуваат место на мат завршници и завршинци со нагласена текстура. Травертинот е еден од фаворитите кои лесно се вклопува заради својот изглед со неутрална крем боја и мек изглед. Освен на подовите, може да најде примена и во бањите, како декоративна ѕидна облога, во дизајнот на маси или украси. Травертинот кога е осветлен од внатрешна страна, заради уникатната текстура прави несекојдневен ефект.
Винтиџ и антиквитети
Дизајнерите секоја година сè повеќе се ориентираат во промовирање на одржливост во дизајнот. Еден од начините е со реупотреба или пренамена на веќе користен мебел. Старите парчиња мебел и светилки не само што го збогатуваат ентериерот тие му даваат и одржлива дизмензија. Наместо да се купува ново парче, се реупотребува нешто што веќе е произведено. На тој начин го намалуваме консумеризмот кој има земено голем замав во сите индустрии. Тој може и да се преработи, освежи или заштити дополнително доколку има потреба. Мебелот изработен од дрво е посебно квалитетен и овозможува пребојување и заштита доколку има потреба за тоа.