Македонскиот фотограф Томислав Георгиев ја освои главната награда на глобалниот фото конкурс насловен „Вода=Живот“, организиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.
На конкурсот, како што информира Амбасадата на Кралството Холандија, учествуваа над 140 фотографи од целиот свет, а жирито составено од професионални фотографи, фото репортери и експерти за вода од холандското МНР ја одбраа фотографијата на Георгиев која прикажува човек кој ги чисти тревите и ѓубрето од реката Црн Дрим во Струга.
„Победникот не само што ни помага да ги разбереме предизвиците во врска со водата со кои сме соочени, туку и нѐ охрабрува да преземеме нешто во врска со тоа“, се наведува во изјавата на Натали Ојлслагер, програмска директорка на Конференцијата за вода на ООН 2023.
Со фото конкурсот „Вода=Живот“, како што се наведува во соопштението, Холандија сака да го обедини светот на една од многуте теми поврзани со водата, стремејќи се да најде заедничко решение за глобалните предизвици.