Овој викенд на 15 јули култното баскет игралиште во населбата Влае беше домаќин на првото издание на Red Bull Half Court во Скопје. Дознај повеќе како помина натпреварот во продолжение.
Јулско зајдисонце и вечер, пеколни услови и компетиција, одлична публика и забава и феноменален баскет беа само дел од она што овој викенд на 15 јули се случи на првото издание на Red Bull Half Court во скопската населба Влае. Овој турнир воедно претставуваше и национално Red Bull Half Court првенство во Македонија преку кое се одреди и тимот кој ќе ја претставува Македонија на светското финале кое ќе се одржи од 14 до 18 септември во Белград, Србија.
Red Bull Half Court е 3-на-3 турнир во баскет кој се одржува на ширум 5 континенти на планетава и со повеќе од 15000 очекувани учесници за 2023 година тој е најголемиот турнир во улична кошарка во светот. Се игра во класичен, брз уличен баскет во 3-на-3 формат – што значи игра до 21 поен или до максимум 10 минути активна игра. Red Bull Half Court се одвива по збир на првила кои се под капата на FIBA а на истиот се фаворизира брза, офанзивна и атрактивна кошарка.
Во текот на неколкучасовниот турнир кој воедно беше и првиот од овој тип што се одржа во Скопје учество зедоа 16 тимови од различни делови од Македонија: Кино Кино Влае, Змајеви, Снага, Бутел, Илинден, Баду, Skidrow, Гризли, Fitin, Hawks, Marl, Второ Место, Прилеп, Underdogs, Brotherhood и Solution.
Низ интензивната игра на жешкиот скопски бетон како најконзистентни, снаодливи и упорни се покажаа тимовите на Кино Влае вс. Бутел и Снага вс. Brotherhood кои дојдоа до полуфиналето во гореспоменатите парови. Во првиот дуел Кино Влае успеа да ги елиминира Бутел со 15-11, а во вториот Снага не успеа да додржи на налетот на Brotherhood кои испаднаа победници со 13-10 и се пласираа во финалето.
Во финалето Кино Влае (на свој терен) и Brotherhood играа атрактивен баскет кој беше надополнет со аплаузи, извици и емоции од верните следачи на кошарката. На крајот тимот на Кино Влае успеа да извојува победа со 4 поени разлика – 17-13 и да дојде до тикет за првото патување на наша екипа во финалето на Red Bull Half Court.
Од февруари оваа година во текот на повеќе месеци низ различни држави и делови од светот на 27 различни национални турнири се одржуваат квалификации за Светското првенство во Red Bull Half Court кое ќе се одржи во септември во Белград.
Како за финиш, организаторите на Red Bull Half Court во Македонија најавуваат едно изненадување за локалните скопски и влаевски баскетџии што наскоро ќе биде откриено.