Теодора Милеска е инспиративна активистка, посветена феминистка и соосновачка на организацијата PERIOD, која се залага за елиминирање на менструалната сиромаштија и за промовирање на еднакви права и пристап до менструални производи. Преку својата работа оваа организација не само што го адресира едно од најзанемарените прашања во општеството туку и отвора простор за дијалог за менструалното здравје како дел од човековите права.
Како соосновачка на иницијативата PERIOD Skopje веќе петта година посветено работите на менструалната сиромаштија и стигма, преку различни сервиси и едукација. Кои позначајни проекти и каков напредок постигнавте во изминативе години?
Најголемиот напредок што го постигнавме како PERIOD Skopje верувам е тоа што менструацијата е тема што сè почесто ја сретнуваме во јавниот дискурс. Кога почнавме со нашата работа, речиси никој да не го означуваше и чествуваше 28 мај – денот на менструалната хигиена, а денес и изминативе години гледаме сè повеќе постови, активности за негово одбележување.
Преку нашата работа креиравме над двесте едукативни постови, споделивме над 1.000 менструални производи и работевме директно со над сто млади луѓе на овие теми. Можеби како најдраго ни е истражувањето предводено од „Тииит! Инк.“ и „Реактор“, кое ги постави основите за заложби за унапредување на менструалната правда и ставање крај на менструалната сиромаштија кај нас.
Оваа година, одлучивме да го ставиме фокусот на првата менструација – со „Тииит! Инк.“ организиравме настан по повод Меѓународниот ден на менструалната хигиена. Во состав на настанот беше промовирана и истоимената збирка на над 70 приказни со прва менструација, кои беа собрани последните неколку години. За нас, ова е од огромна важност, бидејќи преку овие приказни и колективни наративи имаме цел да поттикнеме средина каде што преовладуваат слободата и разбирањето. Дел од приказните сведочат за тоа што се случува кога менструацијата ја сметаме за „личен проблем“ и за нешто што треба да го чуваме во себе. Се надеваме дека ќе поттикнат размислување за важноста на кршењето на бариерите и почнувањето разговори во јавните простори за важноста на менструацијата, но и соодветното и навремено (!) информирање со точни и проверени информации за неа.
Кои се најголемите предизвици со кои се сретнувате во борбата со менструалната сиромаштија во нашата земја?
Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме во справувањето со менструалната сиромаштија е недостатокот на свест и приоретизирање на прашањето, особено кога работиме со донесувачи на одлуки. Многумина не го препознаваат длабокото влијание што го има менструалната сиромаштија врз образованието, економското учество и целокупната благосостојба на една девојка и жена. Менструалната стигма, исто така, игра значајна улога, бидејќи општествените наративи често ја обликуваат менструацијата како нешто срамно или приватно, што го отежнува јавното зборување на оваа тема. Овој молк ја зајакнува стигмата и го отежнува јавното решавање на проблемот.
Дополнително, несоодветната инфраструктура – како што е отсуството на чисти, достапни јавни тоалети – дополнително го отежнува менаџирањето со менструацијата, особено во училиштата и работните места. И секако, отсуството на менструално образование во формалното образование ги овековечува дезинформациите и стигмата, оставајќи ги младите луѓе делумно неинформирани и неопремени на некој начин за тоа како да се справат со менструацијата и менструалната болка во нивното секојдневие. Сите овие фактори заедно придонесуваат кон постоењето на менструална сиромаштија кај нас.
Свеста за менструалното здравје се подигнува со едукативна содржина, со работа на терен и со точни информации. Кои ресурси или системи за поддршка се најпотребни за жените кои се погодени од менструална сиромаштија?
За ефикасна поддршка на жените, девојките и другите погодени од менструална сиромаштија, потребна ни е комбинација на ресурси и системски промени. PERIOD Skopje почна како иницијатива првенствено насочена кон едукација на младите преку создавање содржини на македонски јазик што опфаќаат различни теми поврзани со менструацијата. Меѓутоа, за посеопфатно решавање на менструалната сиромаштија, од суштинско значење е пристапот до бесплатни менструални производи, особено во образовните институции. Дополнително, мали акти на промени, како вклучување на менструални производи при собирање донации, може да направи значителна разлика за оние што се наоѓаат на маргините на нашето општество. Покрај производите, пристапот до навремени и точни информации за менструалното здравје е од суштинско значење. Ова вклучува подобро образование за менструалните нарушувања и пристап до дијагноза и третман, област што често се занемарува поради недостигот на средства за истражување на менструалното здравје на глобално ниво. Исто така, иако ние најчесто работиме со млади, забележавме зголемена потреба за информации за менопаузата, што ја нагласува важноста од проширување на разговорите за менструалното здравје во сите животни фази. Генерално, најважниот ресурс е поттикнување на општествена промена каде што менструацијата се дискутира поотворено и без стигма. Подигнувањето на свеста и промовирањето отворени разговори може да помогне да се прекине молкот и да се обезбедат подобри системи за поддршка за жените и луѓето кои имаат менструација.
PERIOD.Movement е глобална организација што постои од 2019 година и чии создавање било инспирирано од менструалните навики на бездомните жени ширум САД. За каков вид организација станува збор и кои активности ги презема?
Да, оваа организација на некој начин го почнува глобалното менструално движење. Најголем дел од таканаречените поглавја се наоѓаат во САД и се предводени од млади жени и девојки, студентки и средношколки. Работата на организацијата се заснова на три столба: образование, сервиси – односно, распределба на бесплатни менструални производи и застапување – во креирање на нови и соодветни политики што ја адресираат менструалната сиромаштија.
Вие сте основачка на Feminist Book Club, клуб за читање и место каде што можат да се водат конструктивни, поучни дискусии за феминизмот. Кои се вашите омилени феминистички наслови што најчесто ги препорачувате?
Да, во 2020 година ја почнав оваа активност во состав на работата на ХЕРА. За жал, по пандемијата работата на овој клуб запре. Но, морам да споделам дека двете години каде што овој клуб беше активен навистина беше простор за иницирање прашања и богати дискусии на членовите, пред сѐ девојки и жени, кои беа од целата територија на Македонија. Книгата што ме натера да го почнам овој клуб е „Ким Џи Јен, родена 1982“ (Kim Ji Young born 1982) од корејската авторка Чо Нам Џу. Секогаш ја давам како препорака, бидејќи навистина е многу убава почетна точка за влез во феминистичките дискусии и заложби поради реалноста на приказната и нејзината близина до нашите или барем искуствата на нашите мајки и баби. Дополнителни книги што би ги препорача се „Мажи кои мразат жени“ (Men Who Hate Women) од Лора Бејтс, со фокус на застапеноста на мизогината култура особено во дигиталните простори, како и „Невидливи жени“ (Invisible Women) од Керолајн Кријадо-Перез, која ја нагласува важноста на родовата статистика во неколку области, и навистина ќе ве натера да размислите.