Првата претстава „Иднината е приватна“ на независната театарска група „Пресврт“ остави силни впечатоци, покажа сосема поинаков начин на подготовка во време на пандемија и можност за млади актери и режисери да креираат проект кој го освежи моменталното „затишје“ во театарот и филмот. Со екипата на „Пресврт“ разговаравме за формирањето на групата како и за театарската сцена низ годините кај нас.
Како се формираше „Пресврт“, како изгледаа почетоците?
Идејата за „Пресврт“ започна спонтано, поставувајќи ги основите полека и сигурно, со многу разговори за тоа што сакаме да создадеме и да направиме. Финалниот концепт се развиваше скоро една година до конечно оформување и истапување во јавност на самата организација. Како и сите почетоци, беше возбудливо, хаотично и на моменти тешко, но во ниту еден момент без верба во идејата за создавање на силна независна театарска сцена која во својата суштина ќе биде самоодржлива и слободна средина за создавање, експериментирање и истражување на изведбените уметности.
Што точно значи вонинституционална и независна сцена? Колку актери брои „Пресврт“?
Често пати се случуваше во нашите првични разговори да пробуваме да ги дефинираме театарските сцени, зависна/независна, институционална/вонинституционална, затоа што сакавме со себе да расчистиме за што точно зборуваме кога велиме независна вонинституционална сцена и затоа што, колоквијално, овие поими се мешаат. За нас, вонинституционална и независна сцена значи театар кој се создава без финансиската поддршка од државните институции. Да се биде независен, согласно одредени дефиниции, значи да се создава без туѓо влијание во своето изразување и дејствување. Во овој контекст, независен театар е театарска организација/група која ја финансира својата продукција од сопствен капитал и од поддршката на публиката. И затоа ни беше важно, нашиот прв театарски проект „Иднината е приватна“ да се продуцира преку алтернативни начини во однос на државните конкурси за поддршка на проекти од доменот на културата.
Основачкиот тим на „Пресврт“ брои двајца актери, Наталија Теодосиева и Дени Стојанов, меѓутоа „Пресврт“ се стреми да биде заедница на театарџии од сите сфери на театарот. Покрај Наталија и Дени, основачи на здружението се и режисерот Милош Б. Андоновски, продуцентот Петар Антевски и Ерина Богоева, фотографка и продуцентка. Како наши драги членови, кои од самиот почеток ни ја дадоа поддршката, ги сметаме и остатокот од актерската екипа на „Иднината е приватна“, неверојатно талентираните и млади актери Ангела Стојановска, Дарко Ристовски и Нина Елзесер.
Вие сте театарска група која се финансира независно преку алтернативни начини како и прва која почна да собира средства преку crowdfunding кампања. Како сте задоволни досега од ваквиот начин на работа дали кај нас ја добивате потребната поддршка?
Не сме сигурни колку може да кажеме дека сме први во финансирањето на театарска претстава преку crowdfunding кампања, пред нас имаше обид на еден колега својата дипломска претстава да ја финансира на овој начин. Но, можеме да кажеме дека сме автори на проект на кој до самата премиера се работеше на прибирање на потребните финансиски средства. Покрај поддршката на публиката, „Иднината е приватна“ беше финансиски поддржана од Делегацијата на Европската Унија, како и спонзорирана од страна на Агенцијата за интелектуална сопственост „Берин“ и Модното студио „Ле-Те“ на Катерина Тошева. Како организација која сака да ја афирмира театарската уметност, сакаме да го истражуваме и потенцијалот на финансирање од страна на бизнис секторот кој го сметаме за клучен во создавањето на силна независна, вонинституционална театарска сцена.
Работејќи на crowdfunding кампања во време на пандемија и карантин, кога сите беа несигурни за сопствената финансиска состојба, немаме доволно простор со сигурност да го оцениме нивото на задоволство од исходот. Среќни сме што поддршката од публиката беше доволна да ја отпочнеме продукцијата на претставата и најголемиот мотив да се сработи претставата беа токму тие поддржувачи. Со сигурност може да кажеме дека би биле позадоволни доколку повеќе бизниси би го виделе маркетиншкиот потенцијал во театарот и би ја дале поддршката на вонинституционалната театарска сцена.
Неодамна ја имавте премиерата на првата претстава „Иднината е приватна“. Како изгледаше подготовката на претставата во услови на пандемија?
Беше вистински предизвик, од самиот почеток – до самиот крај. Постојано беше присутна претпазливоста, но и загриженоста за здравјето на сите членови на тимот и соработниците, а соодветно на тоа и грижата за хигиената, носењето маски, користењето на хигиенски средства, дезинфекција на просторот… Процесот во текот на шестте месеци постојано се менуваше: работевме онлајн, работевме на отворено, менувавме простори за работа и на крајот, сепак, се испостави дека е возможно и безбедно да се работи на театарски проект во новите околности.
Во нормални услови, претставата ќе имаше сосема поинаква форма и процесот ќе траеше многу пократко. Сепак, колку и да звучи парадоксално, условите на пандемијата како да ни одеа во прилог зашто проектот прерасна во облик кој нè возбудува и нè прави особено горди.
Како ја добивте идејата за претставата, што сакавте да прикажете на публиката, каква порака сакавте да пренесете? Како сте задоволни од фидбекот на публиката и од хибридното прикажување?
Разговаравме долго за тоа каква претстава сакаме и за што треба да зборуваме во времето во кое живееме. Светот денеска не само што ги ужива придобивките од развојот на технологијата, туку како да станува и нејзин роб. Токму тој однос, како и (не)свесноста за трагите што ги оставаме во сајбер-просторот и она што би можело да ни се случува во иднина беа појдовните точки за развој на драмската предлошка. Тој процес траеше два, три месеци, а откако почнавме со проби се случија пандемијата и карантинот. Материјалот што го работевме како да предвиде дека иднината за која зборуваме, всушност, и не е толку далечна: станавме целосно обеземени и зависни од онлајн алатките кои, после сè, ни покажаа дека сепак, не можеме целосно да се потпреме на технологијата.
Поради тоа што ова беше многу ново и прво од ваков тип искуство за сите нас, преносот во живо не успеаа да го видат сите од технички причини. Затоа 21 септември, денот кога повторно беше достапна претставата за гледање, го сметаме за „втора премиера“ и сме подеднакво возбудени како што бевме на 9 септември. Снимката од претставата ќе биде достапна на платформата Basita.Live до 22 октомври за сите оние кои сакаат да ја погледнат. Од оние кои успеаја да ја изгледаат премиерата без пречки добивме позитивни коментари. Кој знае, можеби „пресвртот“ почна да ни се случува!?
Што е следно од „Пресврт“?
Веќе активно дискутираме за следните потенцијални проекти на „Пресврт“. Покрај театарска продукција, организацијата се стреми да стане и простор за театарска едукација и доедукација. Во подготовки сме на неколку интересни едукативни програми со кои сакаме да го доближиме театарот до помладите генерации со цел да создаваме публика која ужива во театарската уметност со иста страст како оние кои ја создаваат. За сите наши следни активности следете нè на нашите профили на социјалните мрежи, Facebook и Instagram, како и на нашата веб страна www.presvrt.mk.
Дали сметате дека младите актери во Македонија добиваат доволно можности да ги изразат своите способности без разлика на филмската или театарската сцена?
За жал, живееме во мала средина каде можностите за докажување се тесни, а од друга страна пак, конкуренцијата е голема – мислиме на тоа дека многу актери на годишно ниво дипломираат. Кога сето ова ќе се земе предвид, да, младите актерите се соочуваат со тој проблем, кој всушност е есенцијален за прогресот и изградбата на еден актер. Од друга страна, филмови сè почесто се снимаат, па така се отвора простор за нови лица. Исто така и многу вонинституционални театри и здруженија се отворија, се надеваме со таа цел. Еден од поривите зошто „Пресврт“ треба да постои е токму тоа, младите актери, но и режисери да добијат можност да креираат. На нашата прва претстава „Иднината е приватна“ работеа исклучиво невработени театарџии.
Што може да се смени и да биде подобро?
Потребни се повеќе простори, сцени за работа и се разбира одговорните лица да им обрнат внимание на новите и млади уметници, да ги поддржуваат финансиски, да им го олеснат патот и да ги имплементираат во нивните театри или здруженија. Се чини дека кај нас има еден „терк“ цело време на сцена да ги гледаме истите актери, а подоцна сите се жалат дека нема нов и добар кадар. Се разбира дека ќе биде така кога оној млад кадар седи почесто во публика отколку на сцена.
Како може да ја зачуваме културата во услови на пандемија со оглед на тоа што периодов имаше мало затишје поради затворањето на културните институции?
Се надеваме дека затишјето само ќе ја навести бурата што ќе следува во сите уметнички дејности. Оние малку креативни проблесоци што ни се случија периодов ќе останат како белези од ова време и „новата реалност“ за која честопати слушаме по медиумите. Низ историјата, културата секогаш го наоѓала својот пат и успевала да опстои, дури и во поекстремни околности од моменталниве. Сепак, не треба да останеме парализирани и да ја користиме пандемијата како изговор. Со сработувањето на „Иднината е приватна“ понудивме само уште една можност и за останатите колеги кои нетрпеливо чекаме и ги поттикнуваме да отпочнат свои процеси – кој знае уште колку нови можности нè чекаат!