Арапова е родена во Струмица, а дипломирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 2012 година. Во текот на целото свое школување се занимава со сликарство и има учествувано на бројни колонии и групни изложби. Користи комбинирана техника за нејзиниот ликовен израз, најчесто колаж со кој се движи од експресионизам до експериментален поп арт.
Моите уметнички дела се олицетворение… на одблесоците од мојата свест, потсвест и надсвест, (како и на секој автор си мислам), односно на визуeлизација која е резулат на она што го произведувам со размисла, анализа, која понатаму протекува со неконтролираната експресија на потсвеста која го носи делото во нов правец, за да накрај сепак заврши како запис од сопствената надсвест-како и да изгледа делото и без разлика дали ми се допаѓа. Или може да важи и обратниот процес-ја примаме пораката од нашата надсвест „моментот на инспирација“, копаме по потсвеста, и накрај умствено го пакуване во краен израз. Сите уметнци имаат една тешка задача на интеграција и пратење на таа линија-свест/надсвест. Понекогаш и завршува делото неитегрирано, односно е експресија само на едно енергетско ниво. Можам и на друг начин да ви одговорам за тоа како ги доживувам моите дела, но ете денес прво на памет ми дојде една метафизичка перцепција.
За еден уметник да твори е најважно… неговата акција да биде чиста експресија на неговата душа. Да не го залаже допадливоста, и опседнат со убавината да скршне од сопствениот израз. Ако е искрен авторот пред себе и не го дотерува она што чисто и дирекно протекува од неговиот извор. Тогаш може слободно да го пушти да тече и дури тогаш на творештвото ќе му нема крај.
Инспирација и мотиви за сликање наоѓам во.. внатрешниот интимен свет на човекот и во совршеноста на природните форми.
Со уметност се занимавам од… најрана возраст. Она што те привлекува од најрано детство те прогонува цел живот. И затоа после многу време одлучив да го негувам овој порив кој ми е одреден.
Техниката што најчесто ја користам е… колаж и комбинирани техники.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добила… дека сум била на пат да станам уметник во вистинска смисла на зборот.
А негативна… Негативната сама си ја давам – не работам константно, а тоа е меѓу главните фактори според мене за исполнување како автор.
Најчесто се вели дека делата говорат за внатрешните чувства на уметникот… Да, и би дополнила и за внатрешната борба, себеспознавањето, себеинтеграцијата, па и самољубовта.
Изложбите се најголема можност на еден уметник да допре до поширока публика… Да, и треба да почне да се менува старата музејска перцепција на изложбите, треба да се ослободи просторно и идејно, за да се има слобода на презентирање.
Индивидуалноста и креативноста на еден уметник најмногу доаѓаат до израз… кога е ослободен од секаква мисловна, филозофска, академска категорија, икога твори е присутен само во сегашниот момент, во една медитативна поврзаност со своите искуства и мемории како надсвест.
Уметник на кој му се восхитувам… На повеќе уметници и тоа различни. Инспирацијата некогаш ми даваат класичните техники, некогаш современите, експериментални. Моментално следам една млада и многу активна канадска авторка, Ерин Армстронг.
Уметнички правец кој најмногу ме привлекува… Апстрактен експресионизам, имресионизам…