Сава Oсигурителна Групацијa е снабдувач на примарно осигурување, реосигурување, управување со средства, здравствени и помошни услуги и решенија за пензионирање. Матичната компанија Позаваровалница Сава д.д. (Сава Ре) е компанија за реосигурување со седиште во Љубљана, Словенија, и оперативна холдинг-компанија на Сава Осигурителна Групација. Сава Ре е најголемата компанија за реосигурување со седиште во централна и источна Европа, која опслужува повеќе од 350 партнери на над сто пазари за реосигурување ширум светот, а групацијата е една од водечките осигурителни групи во регионот, со присуство во шест земји на Балканот. За сите работни предизвици разговараме со Татјана Бојковска – Член на Управен одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје.
Вашиот кариерен пат во Сава пензиско друштво АД Скопје почна во 2012 година, што значи дека имате богато искуство во повеќе сфери во финансискиот систем. Со какви предизвици се среќавате како член на Управниот одбор?
Искуството стекнато низ годините на ангажман во областа на ревизија на финансиски извештаи, банкарство и во системот на капитално финансирано пензиско осигурување значеше можност не само за професионален туку и за личен развој. Овие две димензии се неопходни за градењето капацитет за позицијата член на Управниот одбор, која по дефиниција бара не само менаџерски туку и лидерски вештини со цел креирање и поддршка на средина на меѓусебна доверба поволна за генерирање и реализација на нови идеи во функција на остварувањето на стратешките цели. Дел од предизвиците на новата позиција се стандардни за неа во смисла на повисоко ниво на одговорност со поширок поглед кон функционирањето и управувањето со Друштвото како целина. Другиот дел од предизвиците се однесува на специфичностите на делот од финансискиот систем во кој функционираме, имајќи ја предвид неговата социјална димензија, економските и демографските предизвици и согледаната потреба на ниво од Управниот одбор за преземање на дополнителни иницијативи и активности, во интерес на членовите на пензиските фондови.
Мој став е дека, при учествувањето во носење на стратешки одлуки, во предизвиците треба да се фокусираме на можностите, наместо на ограничувањата и низ предизвиците да градиме успеси како Друштво, но и како дел од системот на капитално финансирано пензиско осигурување. Резултатите говорат дека ова веќе се реализира во практиката.
Светската криза, инфлацијата и постпандемичниот период се одразија на многу аспекти од секојдневното живеење. Зошто е важно да се вложува во стабилна финансиска иднина?
Изминатите години бевме сведоци на рекордни монетарни олеснувања, првично имплементирани во насока на поддршка на економскиот пораст, со поизразен интензитет во пандемичниот период. Порастот на инфлацијата како резултат на постпандемичното отворање на економиите при високи нивоа на ликвидност, но и на порастот на цените на суровините поттикнат од геополитичките превирања доведе до затегање на монетарните мерки. Во делот на фискалната политика, порастот на задолженоста на државите значи намален капацитет за идна социјална поддршка на населението. Во овој поглед, особено важно за нашата економија и за нашите макроекономски движења, а беше потврдено деновиве со објавата на Проекциите на населението на Република Северна Македонија до 2070 година од страна на Државниот завод за статистика, се исклучително неповолните демографски движења.
Доколку ги ставиме во контекст сите расположливи релевантни информации, анализи и согледувања, заклучокот е јасен: Вложувањето за обезбедување на дополнителен извор на приход во периодот кога добата на активна работоспособност ја заменуваме со таа што следува е не само важно туку претставува и прашање на одговорност кон себеси. Едноставните пресметки укажуваат дека е најдобро колку што е можно порано да се почне со ваков вид вложувања. Доброволните пензиски фондови се инструменти дизајнирани токму за таа цел.
Сава пензиско друштво зад себе остава успешна година во која освои неколку престижни награди, од кои една на европско ниво. За какви достигнувања поконкретно се работи и што покажуваат овие награди за вашето работење?
Во втората половина од годинава нашите достигнувања беа потврдени преку влез во финалето на Светскиот пензиски самит на три теми и прогласувањето на најдобар пензиски фонд во земјава од страна на финансискиот магазин „Ворлд фајненс“. Сепак, круна на годинава што изминува, a резултат на вложувањето на севкупниот тим, е што на годинешното доделување на престижните награди ИПЕ (Investment & Pensions Europe), кое се одржа во Виена, Австрија, Сава пензиско друштво беше прогласено за победник во категоријата „Мал пензиски фонд“ (Small pension fund), каде што влегуваат управувачи со средства под управување пониски од една милијарда евра. Дополнително, на истиот настан бевме де факто второрангирани во категоријата „Акции“ (Equities) што се доделува на европско ниво, без оглед на големината на средствата под управување. Ваквите награди претставуваат потврда за квалитетот на нашето работење, но и обврска и понатаму да продолжиме со успеси, во интерес на нашите членови.
Иако основна цел на секоја компанија е да оствари профит, вие преку одговорно работење настојувате да креирате вредност за општеството. Кои општествено одговорни практики ги применувате за да имате свој придонес во одговорното работење?
Сава пензиско друштво е дел од Сава осигурителна групација, кај која одржливиот развој е еден од трите стратешки приоритети. Во овој сегмент, кој е составен дел од визијата на Сава пензиско друштво, настојуваме преку низа активности да влијаеме, како директно:
– врз заштита на животната средина преку низа кампањи и активности,
– врз подобрување на корпоративните практики на домашните компании преку акционерски активизам,
– врз свесноста за здравиот живот и хуманоста преку поддршка на спортски и хуманитарни активности,
така и индиректно, со настојување за кревање на нивото на свесност за значењето на одржливиот развој преку сопствен пример и едукативни текстови објавени на нашиот блог-портал „Никогаш сами“.
Особено сме горди на кампањата „Вие ажурирате, ние донираме“, чиј претходен назив беше „Ажурирај и донирај“. Суштината на оваа кампања е позитивно влијание врз животната средина со поттик на намалувањето на потрошувачка на хартија преку избор на известување преку е-порака. Имено, членовите се поттикнуваат да ги ажурираат своите податоци и да изберат ваква форма на известување, а за возврат Друштвото донира средства за потребите на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, со што не само што се поддржува здравјето на децата туку и се крева свесноста за потребата од вакви чекори.