Авторката Тамара Котевска, пред венецијанската публика на свечениот настан Lights Camera Impact за прв пат го најави својот нов филм „The Walk“ со говор и краток исечок од филмот кој ја расплака нејзината соговорничка Зејнеб – самата таа бегалец од Ирак. „Патешествие“ е приказна за триметарската кукла Амал што претставува дете-бегалче од Сирија, а која го обиколила светот со цел подигнување на свеста за бегалците. Филмот, преку куклата, го следи пеколниот пат на бегалците од Сирија до Англија и го открива лицемерието на Европа во тој процес на „одење” од земја во земја.
Ексклузивниот настан „Lights Camera Impact“ секоја година кани тројца светски реномирани автори чие последователно творештво се филмови што имаат потенцијал да влијаат на општеството и да ја менуваат свеста на луѓето за одредени важни социјални теми.
Оваа година меѓу поканетите гости беше легендарната Дајан Вон Фрустенберг – модна икона која потeкнува од семејство на бегалци, од мајка која едвај го преживеала концентрациониот логор. Дајан со децении важи за еден од поголемите активисти за правата на бегалците и филантроп кој финансиски поддржува филмови и уметност во кои верува.
Панелот почна со најавата на модераторот:
“Ова се извонредни жени кои ја имаат храброста да се борат, силата да опстанат и лидерски способности со кои инспирираат други околу себе. Ви благодариме!”
Алис Нелсон, претседателката на “Витални гласови” го отвори панелот со една прекрасна африканска поговорка: “ Ако сакаш да разбереш една култура, слушај ги нејзините приказни. Но ако сакаш да промениш една култура промени ги приказните кои ги раскажуваш.Таа продолжи: -Трите жени со кои имам чест да разговарам денес , се жени кои ја разбираат моќта на раскажувањето приказни!
Уживајте во моќта на овие талентирани и генијални уметници преку видеото од овој ексклузивен настан.