Изминатиов месец светот живееше во спортска еуфорија и четири милијарди гледачи ширум светот секојдневно уживаа во натпреварите од Светското фудбалско првенство што се одржа во Катар. Тоа е уште еден доказ дека фудбалот е глобален предводник на сите тимски спортови, честопати прва спортска љубов на многу деца кои се запознаваат со игри со топка и затоа заслужено го има приматот за најпопуларен спорт. Столе Димитриевски, нашиот репрезентативен голман, е доказ дека и нашата земја има врвни спортисти со кои може да се пофали. Со него разговаравме за неговата љубов кон фудбалот, кон неговата земја, кон семејството.
Целата македонска јавност со голема радост ги следеше вашите настапи на Европското првенство во фудбал во 2020 година. Што значат ваквите достигнувања за вас како играч?
За мене, како спортист, но и за целата македонска репрезентација, пласманот и настапот на Европското првенство имаат историско значење. Многу ми е мило што после години постоење на нашата земја успеавме да се пласираме и да им овозможиме радост на нашите навивачи. Сега, во овие моменти и целата еуфорија околу Светското првенство во Катар, навистина ми е жал што не се пласиравме и на ова првенство. Особено што бевме на чекор, натпреварите со Италија и Португалија, ни покажаа дека знаеме да играме добро и против квалитетни екипи. Иако не се пласиравме, сепак сум задоволен од играта што ја покажавме на двата натпревари. Поразите се зад нас, сега следуваат нови квалификации, за пласман на Европското првенство во 2024 година, имаме мошне тешка група. Но, ако го дадеме максимумот, ако покажеме добра игра и борбеност, тогаш сметам дека ќе го добиеме посакуваниот пласман.
Врвниот спортски професионализам бара голема жртва и посветеност. Што ви паѓа најтешко да жртвувате?
Секој спортист кој има или посакува успешна спортска кариера сметам дека е подготвен, свесен и посветен на жртвување многу работи. Мене најмногу ми фали времето поминато со мојата сестра, моментите што сум ги испуштил од нејзиното растење. Тие моменти тешко се дополнуваат, па затоа во последниве години внимавам и сакам колку што е можно повеќе време да поминувам со неа и со моето семејство. Често, сите одвојуваме време за патувања или правиме различни работи заедно, зашто мислам дека тоа е бесценето.
Вашиот настап на Европското првенство уште еднаш докажа дека единствено спортот има моќ да ја сплоти целата држава. Имате ли различни емоции кога настапувате за репрезентација од настапите за матичниот клуб?
Нормално е дека има различни емоции. Според мене, настапите за репрезентативниот дрес немаат споредба со ништо. Кога ги играм натпреварите за мојата земја, се чувствувам посебно, многу ми е тешко да го опишам тоа чувство, станувам емотивен кога пробувам да го опишам. Реално, треба да се доживее тоа чувство. Нешто најголемо што можеш да го доживееш во спортот. Можеш да освоиш различни трофеи, на клупско ниво, секако сите ќе ти се драги и ќе се радуваш. Но, навистина ништо нема споредба со репрезентативниот успех, кога знаеш дека ѝ носиш радост на целата земја.
Десет години сте дел од шпанската фудбалска лига и живеете во Шпанија. Кои делови од шпанската култура најмногу ви се допаѓаат?
Десет години живеам во Шпанија и можам да кажам дека шпанскиот менталитет и култура по многу нешта е сличен на македонскиот и затоа многу брзо и многу лесно се приспособив на начинот на живот таму. Луѓето во Шпанија, слично како нас, сакаат да излегуваат, да прошетаат, сакаат места со добра храна, добро вино, добра забава. Знаат да уживаат во животот. Имаат многу места што се за нивните секојдневни ритуали, како аперитив пред ручек, ресторани идеални за дружење со другари, пријатели, деловни соработници. Целосно сум навикнат и имам голема почит за нивната медитеранска култура и начинот на живот. Пресреќен сум што имам можност да играм во една феноменална држава како Шпанија.
На кои аспекти од живеењето треба да влијаат јавните личности, со свој сопствен пример?
Јавните личности носат голема одговорност во секој аспект од своето живеење. Ако луѓето кои немаат јавна професија можеби можат да си дозволат некои грешки, за нас тоа е поинаку. Од постирање на социјалните мрежи, па до секојдневен контакт со навивачите, ние носиме одговорност за достоинствено однесување и спортски манири. Сознанието дека голем број деца во Македонија, Шпанија или каде било, мене или моите соиграчи ги гледаат како идоли, носи тежина и одговорност. Некој се угледува на тебе и сака да е како тебе, а тоа значи дека многу внимателно треба да биде секое наше излегување во јавноста. Едноставно, кога си пример за нешто или за некого, немаш простор да не се однесуваш најдобро што можеш. Искрено сметам и дека е привилегија да можеш да бидеш добар пример за нешто или да влијаеш на нечиј живот.
Честопати за фудбалерите се врзани голем број предрасуди, почнувајќи од нивниот приватен живот, па сè до нивната професионалност. Како стојат моментално работите во професионалниот фудбал?
Нормално, како и во секој спорт или како и во секоја работа, има големи предрасуди. Често сме сведоци на предрасуди од различен вид, дискриминација, навреди и сл. Можеби некои поранешни играчи со своето неспортско однесување придонеле да се засилат дел од тие предрасуди, но јас постојано потенцирам дека не треба да се генерализира за ништо. Секаде, во секоја професија, има луѓе кои посветено и професионално ја извршуваат и други што помалку професионално ја вршат. За себе, настојувам да немам предрасуди, да не осудувам никого и го очекувам тоа од другите.
Менталното здравје на играчот е многу важен дел од спортскиот професионализам. Како се справувате со стресот и притисокот што ви го наметнува секојдневието?
Професионалниот спорт, особено фудбалот, кој е спорт со многу голем број натпревари, бара многу голема физичка подготвеност, има ситуации во кои треба да играш и изморен, што создава дополнителен психички товар и нормално е да биде потребна навистина многу голема ментална сила. Лично, многу сум горд на мојата карактерна особина смиреност и сметам дека токму таа има голем удел на моето создавање како играч. Имам една филозофија што ја применувам, мислам дека ако сум мирен и стабилен можам да донесам подобра одлука за што било, така што верувам дека тоа е основа за добра игра и се трудам да живеам така.