Потхранување на консумеризмот или посовесни одлуки?
Знаете ли дека од 2000 година до денес производството на облека е двојно зголемено и тоа надминува сто милијарди парчиња облека на годишно ниво? И доколку овие податоци ги споредиме со количеството облека што завршува на депониите, односно 92 милиони тони на годишно ниво, тогаш е повеќе од очигледно дека ова има огромен отпечаток врз животната околина. Ресурсите потребни за производството што се одвива во модната индустрија се во сериозно големи бројки и ниту малку не се споредливи со ноншалантноста во однесувањето на потрошувачите, нивната неинформираност за целиот процес, за составот на облеката и можниот штетен отпечаток врз околината.
Зад нас е „Блек фрајдеј“ – поттикнувач на и онака консумеристичкото општество што наметнува постојана замена и обнова на производите. Па, така, водени од трендови и инстаграм-приказни на познати инфлуенсери многумина влегуваат во еден круг на постојано барање и купување на нова облека без да се размисли за неа, односно од каде потекнува, како дошла до нас, кој ја направил, во какви услови и со каков состав.
Затоа што одржливоста, а со тоа и нејзиното искористување како додавање вредност од страна на некои од брендовите е во голем подем, потрошувачот е ставен во позиција да инвестира во облека за чијшто состав нема вистински податоци и сè уште не постои утврден систем на нивно докажување. Постојат силни маркетинг-кампањи за кои, пред сè, стои профитот, а занемарени се креативноста, екологијата и човечкиот труд како главни делови што се испреплетуваат низ производството на облеката.
Сепак, доколку сте едуциран и свесен потрошувач или се обидувате да бидете таков, постојат многу начини преку кои со мал чекор може да придонесете кон поеколошко, совесно и оправдано трошење за овие новогодишни празници.
Токму затоа би сакала да предложам неколку локални брендови – да ја олеснам вашата потрага по подароци и да поттикнам подобри потрошувачки практики.
Yovanka Maison – рачно изработени модни додатоци со техника на хеклање без создавање отпад. Материјалите што ги користат се природни, етички произведени, FSC и OEKO-TEX сертифицирани, што се дел од остатоците на локалните фабрики. Како вакви, тие се биоразградливи и соодветни за рециклирање. Доколку се одлучите за чанта и/или капа, таа е неопходно да се нарача најмалку една недела пред да дојде до вас како готов производ, бидејќи сè се изработува исклучиво по нарачка.
Four Twentytwo – локален бренд за биоразградливи хулахопки со алое вера. И доколку знаеме дека за полиестерот, кој вообичаено е во составот на хулахопките, е потребно над 200 години за да се распадне сам по себе, тогаш оваа формула на влакно од кое се составени биоразградливите хулахопки (94% паметно предиво што се распаѓа три до пет години и може да се користи како енергија) е многу попаметен избор, нели?
Minnimal – бренд за облека што следи минималистички, класични, структурирани линии, текстури и кроеви и употребува природни материјали. Класичниот стил е сигурен избор и добра инвестиција особено доколку барате капут, сако, практично здолниште или панталони во женствен стил. Секое парче е дизајнирано и изработено во локално ателје.
Мирјана Јосифоска – дизајнерски шапки изработени од природни материјали, како лен, свила, волна, памук. Ова е идеален подарок за сите што сакаат да имаат свој белег во модните комбинации и да бидат совесни потрошувачи кои знаат дека одржливост во модата се постигнува со промислен избор и потрага по квалитет. Изработката е локална.
Esoapery – природна, органска козметика за лице и коса произведена локално. Со секое дополнување во истата амбалажа веќе имате можност да купувате со намалена цена од претходната.
Red Fox Goods – рачно изработени паричници од кожа. Со оглед на тоа што ова е моден додаток што трае и со текот на времето добива повеќе автентичност, подобро да инвестирате во поквалитетен и локален производ отколку да купувате секоја година нов. Квалитет пред квантитет кога купуваме паметно.
Игралиште – продавница за облека од втора рака и винтиџ облека. Можеби предновогодишна забава може да биде и заедничка потрага по добро парче облека во продавница што нуди различност во изборот и негува вредност како што е продолжување на векот на облеката што веќе ја поседувал некој.
Има толку многу причини да поддржиме мали, локални бизниси и дизајнери!
Најубавата е тоа дека тука можете да ја знаете вистинската приказна зад тој производ, да го запознаете дизајнерот и да создадете релација и дружба со луѓе од вашата заедница; да израдувате некој што имал визија да создаде нешто рачно, да почне можеби со малку, а со цел да изрази своја естетика и да биде дел од локалната економија. Според податоците на Американската независна бизнис-заедница, 48 проценти од ваквите приходи циркулираат во домашната економија, а само 14 проценти доколку купувате од познати, светски брендови. Обидете се да ги поврзете естетиката, практичноста и одржливоста, односно грижата за животната средина додека купувате локално.
Купувајте паметно!