Македонската балерина Стефанија Гаштарска се занимава со балет од девет години, почнувајќи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на Данилоска-Кочевска. На 15 години учи во Државното училиште во Перм (Русија), една од најстарите балетски школи за класичен балет. Образованието го продолжува на Академијата за балет на „Бољшој“, каде што во голема конкуренција дипломира со високи оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја што влезе во „Бољшој“. Сега, таа е солистка во Пермскиот театар, а нејзините успеси како главна улога во многу познати балетски претстави, како и признанијата, говорат за вложениот труд и напорната работа.
Да се биде балерина во Русија, во театарот „Бољшој“ во Москва и во театарот во Перм е навистина голем успех и остварување на сонот за секој со балетска кариера. Како изгледаа вашите почетоци, како стигнавте до Русија и со што се соочувавте на почетокот?
Веројатно секој почеток е тежок, барем таа мисла ме тешела, без мака и жртвување нема успех. Многу пречки, негативна енергија, многу неизвесност, особено од финансиски аспект, премногу работа, откажување од сè што не е балет… Но, сето тоа донесе и уживање во часовите поминати во сала, со големи мисли и цели пред себе, огромно задоволство по секое успешно изведено чекорче. За среќа, гледано од денешен аспект, вредела секоја капка пот и солза. Патот до Русија, односно да се стигне во државата со најголема традиција, кога е балетот и уметноста во прашање, каде што има, пред сè, огромна конкуренција, е огромна мотивација и за мене беше единствената опција што си ја имав зацртано. Поминавме тежок период со мајка ми и имаше периоди кога почнав да мислам дека мојата неизмерна посветеност и жртва не е доволна. Успеав да стигнам до таму со многу работа и себевложување, многу настапи на големи натпревари, огромна посветеност и насоченост, но за сето тоа беа потребни и многу финансии што ние ги немавме. За среќа, секогаш се наоѓаше решение, веројатно кога имате преголема желба за нешто и правите сè што е во ваша моќ да го постигнете, на чесен начин, универзумот сам ви прави пат и проблемите се решаваат. Сè уште не знам како сето тоа го издржавме и го решивме, ама дефинитивно целиот тој пат со убави и тешки моменти направи да сум ова денес и од психички и од уметнички аспект.
Со оглед на тоа што балетот како професија бара голема посветеност и упорност, според вас колку треба да се вложи и физички и ментален труд за да се биде успешна балерина и да се добиjaт главните улоги во познатите балетски претстави?
За да одиграш главна улога најпрвин треба да си психички силна личност, да се игра прва улога во кој било балет е огромна одговорност и бара огромна како физичка, така и психичка подготвеност. Да се биде примабалерина е многу комплексно и бара огромна стабилност, самодоверба, моќ, самоконтрола и премногу работа. А за да се добие шансата за да ти доверат прва улога, е тоа е веќе и среќа, но и константно докажување и неизлегување од сала. Сепак, потешко од тоа да се добие главна улога е да се оправда довербата, а тоа е голем притисок што не може да го издржи секој.
Балетот е премногу ценет во Русија и балерините се на пиедестал во однос на другите професии. Највозбудлив момент е дефинитивно настапувањето пред преполна сала, пред публика која знае да цени и го вреднува секој атом потрошена енергија на таа сцена.
Балетските подготовки, вежбање и тренинзи се мошне напорни и тешки, потребна е особена мотивација и истрајност, а тука се и повредите што се случуваат понекогаш. Како изгледа еден ваш работен ден, а како се одвиваат вежбите за главните улоги во балетите?
Во суштината, балетот е премногу тешка професија, затоа и ние, како и професионалните спортисти, брзо, односно млади ја завршуваме кариерата. Да, телото ни страда од премногу напор, повредите се составен дел од оваа професија, бидејќи тој терор што го поминува телото од секојдневни со часови долги вежби со ниту малку природни потези не можат да не направат штета. Сметам дека не постои танчар која немал повреда, единствено се надеваме на брз помин и колку што е можно поскоро враќање во салата. Подготвувањето на одредена улога е комплексен, долг и макотрпен процес со вложување од 200% проценти. Најпрвин се навлегува во темата и ликот (многу е важно да знаеш точно што играш), па потоа учење на цела кореографија, вежбање додека не биде приближно до совршено, како и психичка подготовка и уметничко доловување на приказната.
Што ви е најголем предизвик во играњето? Како ги совладувавте тешкотиите во однос на кореографиите на почеток?
Предизвик е секој нов ден, секоја проба носи нови моменти, нови проблеми, нови тешкотии, но и уживање секако! Да се работи на нова улога е долг процес, но не е помалку краток и процесот на повторното изведување на веќе изведена претстава. Во балетот тежината е во тоа што не постои нешто како „готово, сработено е“, секое ново изведување бара нови проби од почеток како првпат да се игра улогата. Секогаш има нови моменти, детали, вежбање, никогаш не е доволно добро, секогаш може подобро. Тоа е приказна што не завршува, но тоа е и убавината, константна креација и надградување, незапирлив процес на создавање.
Што ве прави исполнета, што најмногу ви се допаѓа во балетот?
Буквално сè ми се допаѓа… просто, не можам да се замислам без балет. Од таа генијална музика на големите великани како Чајковски, Минкус, Адан, Прокофјев… до исполнувањето на тие генијални дела на Петипа, Иванов, Мекмилан, како и совршено вклопената кореографија што раскажува уште поневеројатна приказна. Тука е и можноста да бидеш лебед, Китри, Заспаната убавица, Јулија… Да ја доживееш и да ја преживееш нивната приказна е непроценливо и незаменливо.
Руското издание на списанието „Форбс“ ве вклучи на листата на осумте идни ѕвезди во Русија, а бевте споредена и со балерината Ана Павлова. Според вас, колку ваквите признанија даваат поттик за поголеми успеси во кариерата?
Да ме споредат со најдобриот лебед на сите времиња, и тоа на сцената на еден „Михајловски театар“ (Санкт Петербург), каде што и публиката и критичарите сериозно се разбираат во балет е нешто што ми изгледаше нереално и недостижно. Сепак, излезе остварливо и тоа ми е голема потврда дека сум на вистинскиот пат и дефинитивно огромна мотивација.
Која ви е омилена улога, во кој балет најмногу се пронаоѓате?
Уф, најтешкото прашање. Се пронаоѓам во секоја улога што ја работам во моментот. До скоро мислев дека Жизела е моја улога, па потоа се случи Јулија (Ромео и Јулија), Црниот лебед, па Никија… Навистина не знам, но дефинитивно желба што ми остана нереализирана е Китри во претставата „Дон Кихот“ и се надевам во скоро време ќе можам да се пофалам и со таа премиера.
Какво е чувството да настапувате на руската балетска сцена, со оглед на тоа што балетот е високо ценет таму и многу се вложува во него? Кој момент е највозбудлив?
Да си балерина во Русија е огромна привилегија. Како што кажавте, балетот е премногу ценет таму и балерините се на пиедестал во однос на другите професии. А највозбудлив момент е настапувањето пред преполна сала, пред публика која знае да цени и го вреднува секој атом потрошена енергија на таа сцена. Умеат да ти возвратат на тоа самовложување со огромен аплауз и овации. Публика станата на нозе е момент за кој се живее, ние балерините дефинитивно живееме за тој момент, кој е непроценлива среќа и задоволство, највисок степен на уживање/
Што правите кога не тренирате, како го поминувате слободното време? Што најмногу ви се допаѓа од животот во Русија?
Имам само еден слободен ден во неделата и гледам да го поминам во одморање, масажа, маникир, во работи за кои преку недела немам време ни да помислам, а не да ги реализирам. Преку лето, во тој еден месец одмор, уживам со семејството и тоа ми се кратки и многу скапоцени денови што едвај ги чекам.