Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје оваа година спроведува проект за граѓанска отчетност (social revision) во четири општини – Центар, Боговиње, Штип и Шуто Оризари. Основната цел на граѓанската отчетност е да обезбеди јавна одговорност при спроведувањето на програмите, законите и политиките. Конкретно, во овој случај станува збор за пристапот до услуги што го олеснуваат живеењето на жените и нивната вклученост во општествените процеси во овие четири општини. Активистките од Центар, Боговиње, Штип и Шуто Оризари, по направена процена на терен, дефинираа различни приоритетни теми во секоја од општините. Преку спроведување на конкретни активности во рамките на проектот, жените се охрабруваат да се вклучат во јавни дискусии и акции за подобрување на нивната состојба во општеството, како и подобрување на услугите што им се неопходни за квалитетен живот.
Бежика Асан, ромски здравствен медијатор, општина Шуто Оризари
Исклучително сте активна и постојано работите на зајакнување на ромската заедница и намалување на проблемите со кои се соочуваат жителите на општина Шуто Оризари. Со кои социјални проблеми се соочуваат жените од оваа општина?
Генерално гледано, ромската заедница се соочува со многу проблеми. Жените носат двоен товар, еден од страна на општеството, другиот културолошки, од средината, традицијата, семејството. Не можам да издвојам нешто посебно, туку сакам да истакнам дека дел од нив нема доволно образование, дел се соочуваат со нерегулирани семејни односи, дел се со некомплетна документација и сето тоа им претставува пречка за остварување на социјалните права. Плус, недостатокот на социјални, па и други услуги, на пример здравствени, како и пристапноста на постојните услуги многу им го отежнува секојдневието. Како последица на тоа, голем дел од жените се економски зависни од членови на семејството, не располагаат со имот и живеат во длабока сиромаштија, па често се и жртви на семејно насилство.
Вие, заедно со уште неколку активистки, во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“, почнавте проект за граѓанска отчетност. Кој проблем го лоциравте како приоритетен што го работите со овој проект?
Одлучивме дека мораме да продолжиме да се застапуваме за најранливите, лицата кои не се евидентирани во посебната матична книга на родени. Тие се наш приоритет, затоа што нивната состојба не им дозволува да имаат пристап до есенцијални социјални услуги, ниту да се интегрираат во каков било процес. За жал, долгорочната негрижа за оваа група луѓе сега резултира со цели семејства без документи и генерации кои не можат да се образуваат, да се вработат или да користат каква било финансиска поддршка. Само за ориентација, станува збор за околу 700 лица, од кои поголем број живеат во Шуто Оризари, а досега има околу 370 лица кои се регистрирани во матичната книга. Иако државата прави напори да се справи со ситуацијата, во меѓувреме се појавува и друг проблем, кај оние што влегле во процесот на евиденција и се внесени во Посебната матична книга. Сега тие се видливи за системот, а сепак остануваат надвор од можноста да бидат вклучени во образованието или да се вработат и, уште полошо, да ги остварат правата од здравствена и социјална заштита. Навидум решениот проблем, всушност е само замаскиран. Затоа е важно да се продолжи активно да се работи на проблемот.
Како се одвиваше работата на проектот, на кој начин се пристапи кон решавањето на конкретниот проблем?
Проектот е во тек. Ние сме тим од пет жени, долгогодишни активистки, препознаени од населението во Шуто Оризари и токму тоа ни овозможува во периодов да спроведуваме теренска анкета, според наменски изготвен прашалник. Таргетирано одиме кај семејства во кои има лица кои веќе се регистрирани во матичната книга на родени или лица кои се без документи и сè уште не поднеле барање за упис. Сакаме одблизу да се информираме за искуствата низ процесот што го поминале или бариерите што ги одвраќаат да го очнат процесот. Од добиените одговори, по направената анализа, ќе можеме да утврдиме кои се најпроблематич ните точки и да се застапуваме за нивно решавање кај надлежните. Во следната фаза се планирани состаноци со релевантни актери, мобилизирање на заедницата за самозастапување и поголем јавен притисок за конечно интегрирање на овие лица.
Ваков вид проекти за граѓанска отчетност се од исклучителна важност за општинската заедница. Кои придобивки се забележаа од реализирањето на овој проект?
При реализацијата на вакви проекти не е важен само конечниот резултат и мерењето на резултатите во бројки, туку вклучувањето на заедницата во текот на целиот проект. Конкретно, кај овој, преку директната комуникација се споделуваат информации што се важни за целната група, особено оние што не се образовани и не знаат каде да се обратат за да искористат одредени права во делот на здравството и социјалната заштита. Додека сме на терен помагаме и со пополнување на одредени формулари и барања, им посочуваме кои документи им се потребни и ги мотивираме да се обраќаат до граѓанските организации доколку наидат на проблем со институциите. Незнаењето и неинформираноста често доведуваат до проблеми кога се во прашање правата. На крајот, тоа завршува или со неискористување на некое од правата што им следуваат или укинато право, најчесто на гарантирана минимална помош. Едноставно, градењето на локални партнерства и зајакнување на заедницата се најголемите придобивки.
Ринора Асани, помлада соработничка во општина Боговиње
Во помалите општини од исклучителна важност е жените да имаат непречен пристап до социјалните услуги. Каква е состојбата во општина Боговиње и кои се главните проблеми со кои се соочуваат жените од оваа општина?
Точно е дека сите граѓани на Oпштина Боговиње, особено жените, имаат потреба и треба да имаат непречен пристап до социјалните услуги за да можат да ги исполнат своите барања, без разлика дали се од информативен, советодавен или заштитен карактер.
Во рамките на Министерството за труд и социјална политика, на почетокот на 2020 година се отвори Канцеларијата за социјална работа во Општина Боговиње, н.м. Камењане, која ги доближи социјалните услуги за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Врз основа на податоците што ги добивме од Канцеларијата за социјална работа минатата година, тоа што го забележавме е дека мажите ги користат овие услуги во поголем број од жените. Најбарани услуги беа примање на социјална помош. Односно, сè уште постои идејата мажот да ги пријави проблемите или барањата до Општината или до Канцеларијата за социјална работа. Ретки се случаите кога жените се тие што поставуваат барања и треба да се работи во оваа насока за подигање на свеста на граѓаните.
Вие, како активисти, заедно со Фондацијата „Фридрих Еберт“, почнавте проект за граѓанска отчетност. За каков вид проект станува збор?
Станува збор за еден многу важен проект за заедницата во Општина Боговиње – развој на услуги за деца со попреченост и како крајна цел отворање на дневен центар за деца со попреченост, каков што, за жал, до ден-денес немало во Општина Боговиње.
Кои проблеми ги лоциравте како приоритетни за да бидат решавани со овој заеднички проект и на кој начин пристапивте кон нив?
Неколку години наназад се зборува за таква потреба во нашето општество, бидејќи имаме деца со попреченост на кои им треба поддршка од сите нас, од целата заедница, за да можат целосно да ги остварат своите потенцијали. За жал, во моментов се принудени да одат во Тетово, каде што има посебна паралелка за деца со попреченост, но ние знаеме дека тоа не е вистинска инклузија. Вистинска инклузија ќе биде кога тие деца ќе бидат заедно со своите врсници во иста училница, а дневниот центар ќе биде простор каде што ќе добиваат дополнителна поддршка. Дополнително, тоа ќе значи многу и за родителите, особено за жените, имајќи предвид дека тие секогаш го носат најголемиот товар во општеството.
Гледајќи ја потребата за вакви услуги за поддршка и ваков центар, се одлучивме за оваа иницијатива со помош на Фондацијата „Фридрих Еберт“. Стапивме во контакт и со градоначалникот и со Министерството за труд и социјална политика и веруваме дека успешно ќе ја реализираме, зашто ја имаме нивната поддршка. Разговаравме и со семејствата кои имаат деца со попречености за да ги слушнеме нивните потреби директно од нив. Во моментов се подготвува проектното решение за дневниот центар од страна на Општината.
Ваквиот вид соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ и општините донесе можност за ефикасно решавање на постојните проблеми. Што сакате да постигнете со вашиот ангажман во овој проект за граѓанска отчетност?
Она што за мене, како млада жена, е особено значајно е женскиот активизам и женската солидарност во борбата за подобро општество. Оваа иницијатива со „Фридрих Еберт“ нè поттикнува да го правиме токму тоа. Да се здружиме, да бараме од сите чинители да бидат свесни за потребите на сите групи граѓани и да одговорат на тие потреби. А подобро општество ќе имаме само доколку овозможиме еднакви можности за секое дете, без разлика каде живее.
Бисера Кафтанова, граѓанска активистка
Каков е квалитетот на социјалните услуги што ги користат жените во општина Штип?
Како и секоја општина во државава, така и во нашата има многу проблеми со кои се соочуваме. Во нашата општина жените претежно работат во текстилната индустрија. Секојдневие им е неплатено здравствено осигурување, неисплатена плата во законскиот рок, неплатена прекувремена работа, непристојни услови за работа… Претежно, тоа се институции и услуги што ги користиме, но за жал поради нашето работно и работното време на институциите на локално ниво, честопати не можеме да извадиме документи и да дојдеме до услуги што ни се потребни, на пример, издавање документи.
Вие и уште неколку активистки почнавте проект за граѓанска отчетност во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“. Кои проблеми ги лоциравте како приоритетни за да се почне со нивно решавање?
Проектот за граѓанска отчетност е одлична можност за лоцирање проблеми, предлагање решенија и нивно решавање. Како и во секоја општина, така и во нашата, ние како активистки лоциравме неколку клучни проблеми што засегаат поголема група граѓани. Во моментов работиме само на еден од нив, а тоа е безбедност на движење на граѓаните (со возило или како пешаци) на две клучни улици што се спојуваат. Констатиравме дека од едната страна нема тротоар, а на другиот дел, каде што се спојува со другата улица, воопшто нема тротоари и не е осветлен. Овде безбедноста на граѓаните е навистина доведена во прашање и поради честите сообраќајни незгоди, но и кражби на луѓе и имот. Овој проект го презентиравме пред градоначалникот на Општина Штип и на директорот на јавното претпријатие „Стипион“, ги запознавме со проблемот што го лоциравме како приоритетен и дека бараме соработка со нив за негово решавање. Добивме поддршка и се надеваме на разбирање и од страна на министерот за транспорт и врски поради споделени ингеренции на локалната и централната власт. Овој проект, преку постојаните теренски анкети, наиде на одобрување и од граѓаните на Општина Штип, препознаени сме во нашата локална заедница, па нивната поддршка ќе биде неопходна доколку дојдеме до некаква несоработка од страна на локалната или централната власт.
На кој начин пристапивте кон нив, како течеше процесот на работа на овој проект?
Откако го лоциравме проблемот и го претставивме на општинските власти, од нив побаравме информации од јавен карактер ,за да можеме да следиме дали ќе се одвои дел од општинскиот буџет за овој проблем, кои се идни чекори и ингеренции на локалните власти поради споделената одговорност со Министерството за транспорт и врски. Потоа побаравме и информации од јавен карактер од Министерството за внатрешни работи во врска со тоа дали и колку несреќи се случиле на овој потег, дали има кражби и тешки кривични дела, бидејќи, како граѓани, често слушавме од медиумите за кражби и сообраќајни незгоди на тој потег од градот. Информациите што ги добивме од локалната самоуправа, јавното претпријатие и МВР, беше потврда дека ова е сериозен проблем, кој бара итно решение. Во континуитет имаме теренска анкета со граѓаните. Речиси секој ден сме на терен и собираме информации не само за овој проблем туку нашите сограѓани даваат и други идеи, детектираат проблеми со кои секојдневно се соочуваат, но и даваат решенија за нив.
Ние сме пет жени, од различни области и сектори, секоја од нас и поради работата и поради малата локална заедница е препознаена од граѓаните. Важно е дека граѓаните се искрени со нас, што е големо олеснување. Проектот е во тек, ќе бидат сумирани и резултатите од терен, ќе бидат презентирани повторно до надлежните, ќе видиме дали ќе бидат ставени овие проблеми како приоритетни и дали ќе бидат издвоени буџети и решенија. Ние сме тука да следиме и да правиме притисок.
Колку граѓанската отчетност е важна за развојот на една општина?
Граѓанската отчетност е многу важна и не само за општината туку и за граѓаните. Од искуството на терен и разговорите со граѓаните, можам да кажам дека тие навистина имаат потреба некој да дојде до нив да ги праша за мислење, за проблем, за решение, да им помогне. Приоритет на една локална самоуправа треба да ѝ биде добросостојбата на граѓаните, овозможување на полесен пристап до услуги, решавање проблеми под ингеренции на општината, а безбедноста, барем за нас како активистки, треба да биде на прво место. Ние сме само линк помеѓу реалната слика на теренот, односно проблемите на граѓаните и локалната власт. Овој проект може само да им помогне и да им олесни и ним, за да бидат поуспешни и поефикасни во работата. Во нашиот случај, во нашата општина, проблемот е веќе лоциран, разработен, предложени решенија за него. Останува да следиме и да се трудиме поради комплексноста со споделените ингеренции со централно ниво, да правиме притисок за да се реши овој проблем. На крајот, успехот ќе биде заеднички, а во корист на штипјани и штипјанки.