„ЗРНО“ е меѓународен фестивал на алтернативна фотографија, што годинава се одржа по прв пат. Под ова се подразбира алтернативната фотографија, сите убави и често заборавени процеси од времето на раната фотографија. Поразговаравме со тимот на „Зрно“ за фестивалот, идејата и концептот.
Како дојдовте до идејата за меѓународен фестивал за алтернативна фотографија?
Можеби од надвор тоа изгледа како нешто од ведро небо, но од наша перспектива, тоа е само природен тек на нештата. Повеќето од нас, кои го почнавме „Зрно“, активно творат со некоја алтернативна фотографска техника. Кристализираната идеја дојде од пионерот на македонската алтернативна фотографија, Сашо Алушевски, но, веројатно неговата проценка дека баш сега е моментот кога треба да се посади зрното, била добра, затоа што тимот многу брзо и лесно се создаде и профункционира.
Како се одлучивте за името „ЗРНО“?
Идејата е да засадиме зрнце страст кај секој кој е заинтересиран за она што го работиме. Зрното е потенцијал, надеж за нов живот, и ја слави мајката земја. Секоја фотографија, има повеќе или помалку видливо „зрно“, особено убаво зрно имаат старите, благородни фотографски постапки и секоја фотографија е настаната како игра на светлината, значи, го слави сонцето. А за да се роди нов живот, тие два принципи треба да се во усогласат, во еден хармоничен танц, за да може да се случи алхемиското спојување, и да се роди нов живот. А ние и садиме дрва. Тоа ретко кој го забележа. Сакавме да покажеме дека е лесно да се почне нешто свежо и ново, да се поттикне нов живот, кога има искрен мотив. Љубов. Покрај другите конотации, името на фестивалот се однесува и на овие нешта.
Колку и какви фотографи брои тимот позади „ЗРНО“?
Тимот не го составувавме нужно од фотографи. Повеќе се грижевме да собереме луѓе кои имаат искрена посветеност, страст за нашата визија. Можеби еден носечки столб на тимот, кој е малку видлив е Владо Димоски, човекот кој со децении стои позади бројни квалитетни поставки на наши автори од сите полиња на визуелните уметности. Наша потпора, совест и извор на сигурност. Андреј Ѓеоргиевски е архитект а во исто време човек кој умее да почне иницијатива и секогаш спремен за нова авантура. Мартина Павлоска е модел која има страст за полароиди и особа присутна на новите медиуми, Викторија Мачковска, која, покрај другите 200 нешта, со особена посветеност изработува цијанотипии, Мартина Пенева, архитектка, Ди-Џејка со многу истенчен фотографски израз, Јелена Белиќ, архитектка и фотографка, Кети Талевска-Бакревска, првата македонска авторка која експериментирала и се претставила со лумен принтови. И Сашо Алушевски, кој својата страст за благородните фотографски процеси ја шири на сите страни.
Што значи алтернативна фотографија, како се разликува фотографскиот процес, што подразбира? За какви фотографии станува збор?
Можеби и може да се рече дека и самите си го склепавме изразот и му дадовме дефиниција. Станува збор за стари, благородни и заборавени фотографски техники, односно секоја фотографска игра која бара посветеност, сосредоточување, храброст и неконвенционален пристап. Во последнава деценија, во светот стануваат сè попопуларни овие благородни процеси, сè повеќе автори се заситуваат од дигиталната фотографија и нејзината презентација на екрани, се повеќе станува јасно дека фотографијата може и често треба да е и тактилно, олфакторно… тотално доживување. Сметаме дека ова е особено важно во нашава средина, каде фотографијата доминантно е заглавена во еден самодоволен глиб, и и треба една освежителна утринска гимнастика. Погледнете ја само државната изложба на фотографии последниве години, и сè ќе ви стане јасно. Тоа е тажно. Ние внесуваме нов никулец во македонската фотографија.
Како сте задоволни од фестивалот и од гостите, како ги биравте гостите, какви реакции добивте од нив и од публиката?
Гостите ги поканивме на сличен принцип како што го формиравме тимот. Поканивме луѓе кои го прават тоа што го прават од посветеност и љубов, а не за престиж, пари… Тоа се наши пријатели од соседните земји, односно оние, кои со одушевување изреагираа на нашата иницијатива, и без многу прашања веднаш се согласија да се дел од првото Зрно.
Сите се согласивме дека фестивалот сериозно ги надмина и сите наши најскриени преамбизиозни очекувања. Нè понесе, нè промени. Не направи подобри луѓе. Тоа го слушнавме и од учесниците и од гостите. Сите сакаат уште и сите сакаат да се засади некое Зрно и во нивното окружување. Што ни ласка и секако ни е една од основните цели.
Сè уште добиваме трогателни коментари по социјалните мрежи, од многу учесници и што е многу интересно, од луѓе кои од разни причини, не можеле да учествуваат. На оние кои учествуваа, сакаме да им честитаме на храброста да бидат дел од првото издание, со тоа и да изградат дел од идентитетот на самиот фестивал, на годинешново прво, како и на следните изданија.
Какво искуство собравте од фестивалот, кој ви беше наjвпечатлив дел?
Нашите скриени надежи и длабоки уверувања, се покажаа во пракса. Има ли нешто повредно од тоа? Се покажа дека и со скоро понижувачка поддршка од институциите, во партизански услови, со дождови… со убави луѓе и вистинска посветеност – се случуваат чуда! Најубавото искуство е сознанието дека, една релативно голема група луѓе, со различни мајчини јазици, повеќето се сретнуваат прв пат, и за два дена стануваат едно големо семејство кое функционира. Заедница во која секој се грижи за секого. Една посветеност, поддршка и длабока взаемна доверба. Отпосле сфативме дека никој, во ни еден момент не помисли дека треба да заклучи врата или скрие паричник, или некоја скапа камера. Сè беше на отворено и сè беше достапно за секого. Нормално, ништо никому не недостасуваше. Тоа е најубавото искуство. Повторното откривање на убавата страна на човечкото во луѓето.
Која е примарната цел на „ЗРНО“ и какви планови правите за понатаму, на што ќе се посветите?
Веќе работиме на следното издание. Иако сме преполни со емоции и впечатоци, веќе се работи на следното издание. Се мисли, премислува, вага, остава да тече… Основна цел ни е да ја разбудиме страста кај секој кој ќе сака да стане дел од нашата мисија. Можеби не е ни важно што се бавиме со благодорни фотографски техники, но тоа го знаеме, таму е нашата страст, и сакаме да ја споделиме со секој заинтересиран. Сметаме дека е тоа клучно за секој човек. Да ја живее својата страст. А со тоа, секако, добива и заедницата. Веќе првите Зрна стигнаа во Никшиќ, Зрењанин, Нови Сад, Белград, Гевгелија, Струмица, Скопје, Битола, Марибор, Подгорица…
До година ќе видиме, дали ако грми на Илинден, тоа ќе влијае на посевите.
Колку македонските фотографи се отворени за ваков пристап кон фотографијата?
Од регионот имавме неколку реномирани автор(к)и кои се пријавија за учество, додека најголемиот дел од пријавените учесници од Македонија беа млади луѓе. Отворени. Игриви. Желни за осознавање. Насмеани и со сјај во очите. Тоа, веројатно дава добар одговор на вашето прашање.
Како може да се научат процесите, дали е потребно големо предзнаење?
За некои техники, како на пример, за колодиумската фотографија, потребно е одредено фотографско искуство. И не само фотографскo, веројатно, ами и животно. Но, на пример, за изработка на фотограми со помош на цијанотипии или лумен принтови, не е потребно никакво предзнаење. Потребна е посветеност и пракса, за да се дојде до пристоен резултат. Така и ги поставивме нештата. Идејата ни беше да понудиме можност за скоро симболична котизација (материјалите се навистина скапи!) различни луѓе да имаат можност, да си дозволат да ги научат основите на некоја фотографска постапка. Ако некој сè уште сака да учи, нека ни се обрати.