Филмот „Gipsy Queen“, кој ја раскажува приказната на мајка Ромка што преку боксерска кариера се обидува да обезбеди подобар живот за своите деца, ќе биде претпремиерно прикажан денес во 20:30 часот на Школка во Градскиот парк – Скопје. Проекцијата на филмот, кој е дел и од „Нетфликс“, е прва проекција во земјава.
„Али е жена, мајка со лавовско срце која работи како чистачка во познат ноќен клуб во Хамбург. Но, и покрај нејзината сила да се бори за подобар живот на своите две деца, Али носи рана во своето срце. Една вечер Али открива боксерски ринг кој и враќа безброј спомени од нејзината младост. Нејзиниот талент во боксерскиот ринг е повторно откриен а тоа и буди нова надеж за подобар живот…но, по која цена?“, се вели во описот за филмот.
Али ја толкува ромската актерка Алина Сербан која воедно е првата жена Ромка театарски и филмски режисер од Романија. Таа е добитник на наградата за најдобра актерка на German Actor Guild Awards 2020.
Филмот е добитник на неколку награди во категорија „Најдобар филм“ на европско ниво.
По проекцијата ќе има отворена дискусија на која присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања.
Настанот е во организација на Институтот Ромалитико. Оттаму инофрмираат дека за време на настанот ќе има и донаторска акција каде секој од присутните ќе има можност да донира за две одделни акции.