Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава своето 43. издание ќе го има од 20 до 24 август во Битола, а во главна програма ќе се натпреваруваат вкупно 14 играни филмови, наградени остварувања од европски и светски фестивали, како и два македонски филма, „Снежана на крајот умира“ на режисерот Кристијан Ристески и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски. Според директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамeвски, годинава на фестивалот, кој ќе трае осум дена и кој дефинитивно и конечно е битолски, ќе бидат прикажани и 12 филмови кои ќе се натпреваруваат во кратката програма, а се враќа и документарна програма, како и студентските филмови и мак корнер програма. На фестивалот ќе присуствуваат и гости од светски филмски академии.
„Годинава имаме исклучителен добитник Ентони Дод Ментл, кој се смета за најголем мајстор на филмска фотографија, пионер на дигиталната камера и е првиот оскаровец за филм снимен со дигитална камера. Тој ќе ни дојде и ќе биде гостин во Битола каде што ќе ја прими наградата, која е симболот и знакот на нашиот фестивал“, истакна на прес-конференција Дамeвски. Тој посочи дека годинава се чествуваат оние кои се пионери во кинематограферската работа, луѓе кои отвораат нови видици, визии, естетики…
Селекторот на долгометражната натпреварувачка програма Слаѓан Пенев, посочи дека ќе има и по два и по три филмови во една вечер во големата сала во Домот на културата во Битола, најавувајќи го најдоброто од кинематографијата. Тој издвои три филма „Тркалото на среќата и фантазијата“ од Рјусуке Хамагучи, канскиот победник „Триаголник на тагата“, како и шпанскиот филм „Алкарас“, кој е добитник на „Златна мечка“ во Берлин.
Селекторката на документарната програма, Кумјана Новакова, посочи дека ИФФК „Браќа Манаки“ е важен фестивал за виталноста на нашето општество.
„Програмата е простор на промени зашто 70 проценти од филмовите ги потпишуваат жени, односно женскиот сензибилитет отвора нов израз и претставува промена на традицијата со која сакаме да раскинеме. Од друга страна е и простор на креативна храброст затоа што со селекцијата влегуваме во доку- фикцијата и на хибридните филмски јазици”, истакна Новакова. Таа ги издвои документарците „Три минути продолжување“ и „Фабриките на работниците“, а соопшти и дека жирито на документарната програма е составено од жени.
Режисерката Марија Апчевска, која е селектор на кратката програма, пак, рече дека е ставен фокусот на кратки филмови кои имаат извонредна фотографија, бидејќи кинематограферот е значаен за наративот на филмот.
„Имаме селектирано 12 филмови од цел свет. Особено ми е задоволство што во изборот имаме и филмови кои се снимени од жени кинематограферки. Имаме и наши домашни македонски филмовиа се филмови кои веќе биде на светски фестивали, наградувани се, но и имаме нови гласови, филмови на режисери и кинематографите чие време допрва доаѓа, а тие во Битола ќе уживаат на нашиот фестивал“, кажа Апчевска.
Ѓорѓи Пулевски е селектор на студентската програма насловена „Први чекори“, која е исто така натпреварувачка.
„Задоволство ми е што го најавувам враќањето и надградувањето на студентската програма која ја нарекуваме „Први чекори“. Тоа е една визија на фестивалот кој е една појдовна точка на младите кинематографери, им даваме елан, инспирација и препознавање на нивниот квалитет и талент. Избравме 18 филмови од 17 земји во селекцијата од најголемите филмски академии од Лондон, Виена, Полска, Чешка, Минхен, Мадрид итн. Ќе одлучува интернационално жири, а најдобриот кинематографер ќе добие кристална камера 300“, рече Пулевски.