Дождовниот црв во „Денот на црвот“ е повеќе од протагонист
Со писателката Симона Јованоска поразговаравме за нејзината книга „Денот на црвот“, што годинава ја доби наградата Роман на годината, за нејзиното искуство со пишување и за тоа како пандемијата ја поттикнала да го заврши романот.
Ја добивте наградата Роман на годината за „Денот на црвот“, роман за впечатливи ликови, трагични настани, егзистенцијални прашања, животни искуства, но и нишка хумор. Како се создаваше „Денот на црвот“? Што беше најголем предизвик? Како ги развивате ликовите?
„Денот на црвот“ се создаваше во една многу необична, полна со предизвици пандемична година, кога ни се случи нов вирус и целосен локдаун. Додека ги чував децата дома, зашто градинките беа затворени, имав можност да размислувам пошироко, да поставувам прашања, да стравувам и да се борам да го задржам здравиот разум во таквите тешки околности. Најголем предизвик беше одржувањето на темпото, пронаоѓањето баланс меѓу рутината, обврските и живеењето со приказната и ликовите, што претставува еден од најтешките задачи во пишувачкиот процес. За ликовите сакам да верувам дека се развиваа самите, на нив се лепеа локални, но и универзални особини и бремиња, лично, но и широки дилеми, проблеми и предизвици со кои може да се идентификува обичниот човек.
Ми се допаѓа вашата кратка рецензија „Овој роман почнува со црв кој излегува од земјата, а завршува којзнае каде. Скроз откачен и динамичен, да не ти го раскажувам – прочитај го“. Која е поврзаноста помеѓу дождовниот црв и борбата на ликовите во приказните? Колку нивната волја е пресудна да се изборат, да се излезат од калта како дождовниот црв?
Се сеќавам на рецензијата и уште стојам до неа. Доволно е прецизна за да ја навести суштината и доволно интригантна да не ја открие содржината. Дождовниот црв е повеќе од протагонист, тој го претставува чинот на помирување со сопствената природа, летаргијата во безизлезноста, комоцијата во несовршеноста и истовремено. Тој претставува своевидно будење, пробивање низ калливиот внатрешен пат до точка од каде што нема назад. Волјата е силен драјв што нè води каде што е тешко, каде што постојат дилеми и сомнежи, но нејзиното отсуство не се стигматизира, туку се претставува како совршено природна (не)погода под чие влијание живеат оние на коишто им недостига.
Во едно интервју споменавте дека дејствата во романот произлегуваат и од вашата душевна состојба во времето кога сте го пишувале. Како ја најдовте инспирацијата во себе и колку пандемијата влијаеше на вашата креативност и на вашето пишување?
Јас и моето литературно пишување сме постојано во некоја love-hate relationship. Од една страна, постои импулс што е потребно да го чувствувам некое време и да го игнорирам, зашто пишувачкиот процес и напорен и истоштувачки за мене. Првенствено, борбата се води на отворен мегдан, каде што е потребно да најдам сила, мотивација и, пред сè, смисла да седнам и да ја напишам конкретната приказна. Кога објавуваш, ти си ранлив, колку и да изгледа сето тоа гламурозно отстрана. Доколку во оваа борба победи поривот, влегувам во вител од ликови, места и настани што не ми се познати и од којшто не знам кога ќе излезам, но како што приказната почнува да се „раскомотува“ внатре во мене, така успевам да дојдам до смислата, да ја скротам и да ја претворам во артикулиран израз, својствен за мене. Пандемијата беше последниот тригер пресуден за „Денот на црвот“.
Што читате во слободно време? Кои автори/ки ве воодушевуваат и им се навраќате?
Морам да признам дека отсекогаш сакав да читам и како што минува времето, иако читам помалку поради обврските околу домот и семејството, читам поквалитетно. Ако порано бев упорна да ги завршувам почнатите книги, па дури и тогаш кога не ми легнуваат, сега не го правам тоа. Сега, доколку не ми се допадне по 10-15 страници – не ја читам конкретната книга. Виктор Пељевин е еден од моите омилени автори на кои секогаш им се навраќам, без разлика дали станува збор за потцртан пасус во „Чапаев и Празнина“ или премиерно читање на „Синиот фенер“ – авторот секогаш испорачува и не сум се разочарала. „Куцкамен“ е уште една од книгите на кои им се навраќам, а Хулио Кортасар е книжевен гениј кој ја мотивира и истовремено ја застрашува авторката Симона. Обожавам магичен реализам и чувството што провејува низ сите дела на Габриел Гарсија Маркез, а фан сум и на расказите на Јуриј Мамлеев и Данил Хармс.
Од животното искуство најмногу учат оние што имаат волја да научат, ние другите не се плашиме и да згрешиме понекогаш. ☺
Хуморот ве води и низ секојдневието, активна бевте и на „Твитер“, ја сакате неформалноста и сарказмот. Колку денес социјалните мрежи можат да понудат за да се влијае на некои поважни прашања низ која било форма или, пак, само даваат површна и нереална слика за нештата?
Хуморот е механизам со којшто здраворазумните луѓе ја филтрираат реалноста, во надеж дека ќе наидат на еднакво здраворазумни од другата страна кои ќе имаат стомак да го сварат него. За добар хумор потребни се ужасни предуслови, неправди и баналности кои, за жал, не ни недостигаат во државава. Иако на „Твитер“ веќе не сум активна, го почитувам краткиот израз и сметам дека е добра платформа за размена на мислења. Сум сведочела на позитивни иницијативи што произлегле на социјалните медиуми, без разлика дали станува збор за донации, апели или притисоци врз власта. Ако се прашувам јас, тоа (треба да) е една од основните намени на социјалните мрежи. Површноста е цената што ја плаќаат овие иницијативи, опортунистите маскирани во добронамерници, водење агенди, кич и шунд во сите општествени пори како прецизно отсликување на реалноста и нашата положба во неа. Нема што да нè згрозува, тоа сме ние, тоа се наши соседи, сограѓани и современици кои „живеат на интернет“, кој никогаш не претставува проблем сам за себе, односно ако не ти се допаѓа содржината на социјалната мрежа, не обвинувај ја мрежата – обвини ги творците на конкретната содржина.
Некако како да се намалија љубителите на книги низ годините, луѓето изгубија трпение да читаат. Годинава, на Саемот на книга и немаше баш голем одѕив. Како да се зголеми интересот според вас, што треба и може да биде поттик за читање?
Не верувам дека бројот на љубителите на книги е намален, туку дека тој број процентуално бил отсекогаш ист. Пред сè, мораме да престанеме да ги стигматизираме луѓето кои не читаат доволно или читаат наслови различни од нашите преференции. Читањето треба да произлегува од љубов и желба, да се развива од најмала возраст со внимателно избран кадар и да се гради со соодветна училишна програма – адаптирана на денешните генерации со теми блиски до нивните интереси и сензибилитет. Трпението е намалено поради обемот на информации со кои секојдневно сме бомбардирани, мозокот сам се штити од себеси. Ако читаш сè, големи се шансите да прегориш. Од друга страна, ова остава простор за манипулации, лажни вести и намножување на кликбејт наслови што ги чекаат своите пет минути за да создадат конфузија и информативен хаос. Повеќе дискусии, повеќе медиумски простор на темата, како и повеќе промоции низ државата се прв предуслов за приближување на книгата до обичниот човек, присилен секојдневно да се бори со реални проблеми.
Како би се опишале сега во однос на вашите авторски почетоци? Како се развивте како писателка? На што ве научи вас животното искуство?
Сè уште учам, тоа е never ending процес. Не можам да речам дека сега, по само еден роман и по само една значајна награда, сум премногу искусна или дека веќе сум ги научила сите аспекти на пишувањето. Во тоа ја гледам и убавината, да почнеш неискусно, да се развиваш, да видиш каде ќе те одведат пишувачките афинитети, да не се плашиш да експериментираш, ниту да очекуваш дека ќе им се допаднеш на сите. Од животното искуство најмногу учат оние што имаат волја да научат, ние другите не се плашиме и да згрешиме понекогаш. ☺