Проблемот со инклузија на децата со попреченост во редовната настава исплива на површина минатата недела кога таткото на единаесетгодишната Ембла Адеми, која е со Даунов синдром, обелодени на социјалните мрежи дека таа тргна на училиште со еден ден задоцнување и сама, затоа што родителите на другите ученици од ОУ „Башкими“ во Гостивар ја бојкотирале наставата. Тие во петиција напишале дека одлуката да не ги пуштаат своите деца на настава ја донеле заради пречки во наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и нејзино наводно „агресивно“ однесување. Дури откако јавно се проговори за овој проблем, Ембла се врати во училиштето во редовна настава, иако било пријавувано повеќепати до надлежните во текот на првото полугодие дека Ембла не треба да биде изолирана и да учи сама со образовен асистент, ниту да биде преместувана од паралелка во паралелка.
За жал, по објавувањето на овој настан, се пријавија и други вакви случаи низ училиштата во земјава, каде законски и правно треба да е овозможено децата со попреченост да посетуваат редовна настава и да не бидат одделени и сегрегирани. Законот за основно образование преку членот 11 предвидува инклузивно образование, институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој поддржува инклузија на сите деца во редовниот образовен процес без дискриминација.
Иако законски и правно училиштата треба да обезбедат недискриминирачка и несегрегирана средина и образование еднакво за сите деца сепак реалноста е сосем поинаква. Коренот на овој проблем според искуството на Бојан Шашевски, новинар во Радио Моф и татко на дете со аутизам, е повеќеслоен односно „најпрво неконстантни и недоволно ефективни инклузивни политики, кои очигледно досега не создадоа достоен образовен и хуманистички систем како водилка за внатрешно инклузивно уредување, но истовремено и едукативно убедување на мнозинството за еднаквата положба на лицата со атипичен развој“.
„Овие лица би ги нарекол лица со поинакви вештини, бидејќи во себе имаат потенцијал, вештини кои треба да бидат заедничка општествена вредност. За да може да бидат самостојни и одговорни граѓани, да се остварат себеси како луѓе, а потоа и да учествуваат во јавниот живот и пазарот на трудот. Но, сè додека акцентот е на нивната „попреченост“, тоа ќе оди потешко. Долг е патот, најблаго речено, иако има поместувања. Ако некои родители не сметаат дека треба да има момче или девојче во класот со малку „различно однесување“, како предност а не проблем за колективот, треба сите да се запрашаме дали инклузивните кампањи не штимаат? Дали медиумите потфрлуваат во известувањето? Дали државнот буџет во делот инклузија е доволен? Дали треба да се осврнуваме на важноста за инклузијата само кога ќе се случи дискриминација или сегрегација, или само декларативно да „оддаваме важност“ за Денот на нетипичните лица? На родителите, децата, но и на наставниците и инклузивниот кадар им треба поддршка 365 денови. За сите заедно да создадат заеднички став, кој ќе стане заеднички принцип. Генерациска вредност. Дека децата се деца, со индивидуални предизвици и карактеристики, дека во школа заедно треба да седат во класот, заедно да одат во тоалетот, заедно на ексурзии, заедно да искусуваат љубов, среќа, тага, емпатија“, вели Шашевски.
Според Данче Тодоровска, специјален едукатор и рехабилитатор во Здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“, коренот на проблемот е во средината и колку таа е запознаена со состојбата на Ембла и сите нејзини карактеристики.
„Често се случува некои однесувања да бидат грешно интерпретирани како резултат на нецелосното разбирање на состојбата на личноста. Дополнително, неинформираноста може да предизвика и погрешен пристап како од родителите така и од децата. Но, во 21 век каде што зборуваме за целосна инклузија и тежнееме кон нејзино имплементирање во сите аспекти, не смееме да дозволиме сè уште да постои неинформираност за различните состојби“, смета Тодоровска.
Едукација и образование на прво место
Наместо досегашниот страв и стигма, потребна е едуцираност на населението која што ќе ги разбие стереотипите и наместо на изолација ќе учи на прифаќање и толеранција. Училишните клупи се место каде може таа едукација да биде спроведена најефективно од наставниот кадар доколку има поддршка и се почитуваат законите.
„Инклузијата има не само морална, туку и законска обврска. Си има Закон за основно образование, кој со новите измени внесе и поинклузивна димензија. Треба да се почитува и спроведува. А, училиштата да бидат свесни за својата улога, да формираат инклузивни тимови, квалитетен кадар, училишна инфраструктура, заедништво. Исто така, да престанат да отфрлаат деца со атипичен развој, да ја префрлаат грижата од себе кон „други соодветни места“ – специјалните училишта како „Златан Сремец“ и „Иднина“. Не! Тие сега стануваат Ресурсни центри и наскоро нема да запишуваат ученици, туку ќе бидат во функција на поддршка на редовните школи, каде пак сите деца ќе учат заедно без разлика на „попреченоста“. Училиштата треба да бидат промотор на инклузија, а не на дискриминации, стигми и стереотипи“, вели Шашевски.
Специјалниот едукатор Тодоровска вели дека кога во образовниот процес има деца кои имаат посебни образовни потреби, тогаш сите треба да ги знаат тие посебни образовни потреби.
„Наставниот кадар секако посетува едукативни семинари, но тука јас би ги вклучила и родителите бидејќи и тие се дел од образовниот процес на своите деца. Специјалниот едукатор и рехабилитатор би можел најдобро да им ги објасни на родителите тие состојби и да ги истакне како слабите, така и силните страни на децата. Наставниците и родителите треба да работат тимски за да ја прилагодат средината во која секое дете ќе може да го постигне својот целосен потенцијал. Кога би се едуцирале родителите, тогаш тоа би го пренеле и на своите деца, па така би се зголемила свеста за различностите и би се развила емпатија и разбирање кон тие личности. Во тој случај, петициите би се потпишувале за позитивни промени во образованието, а не за дискриминаторни акции кон 11-годишно дете“, вели Тодоровска.
Превенција пред доцна реакција
Тоа што недостига во ваквите случаи, кои не се изолирани е систем на превенција кој ќе работи на тоа да не доаѓа до ескалација на проблемот во една образовна инситутиција и истиот да се решава откако ќе биде обелоденет јавно. Шашевски смета дека граѓаните треба да пријавуваат и да реагираат на неправилностите, но не можат да бидат дежурни следачи наместо институциите.
„Едноставно, треба да постои систем, механизам – правен и етички. Не да „гасиме оган“ кога ќе се изгориме, туку да создаваме услови, капацитети и кадарност, за да не ни настане „оган“. Државата направи некои исчекори во поглед на инклузијата, ама тоа, сега засега, не е доволно. Бавен е процесот, буквално сите учат. Има ситуации во школите кога некое дете има „различно однесување“, а ниту наставникот, ниту образовниот асистент не знае како да се „справи“ со ситуацијата. Тоа, загрижува. Исто така загрижува и фактот што некои родители, бидејќи надлежните не обезбедиле образовен асистент за поддршка на наставникот, мораат да седат на часот заедно со детето, обавувајќи функција на образовен асистент, губејќи од своето работно време. Тоа, е апсурдно! Од 2021 година почна нов систем за образовната асистенција, со цел образовните асистенти да бидат под државна капа и со државна плата, па наместо со хонорари од 7-8.000, да земаат 24.000 денари месечна нето плата и да бидат вработени преку петте училишта со ресурсен центар. Ама, прашањето е дали има доволно таков кадар, дали е дефицитарен, дали нивните обуки и компетенции се ефективни? Тоа, се анализи кои допрва ќе ги дознаваме“, објаснува Шашевски.
Тодоровска смета дека иако постојано се работи на тоа, сепак нашиот образовен систем сè уште не е комплетно подготвен за тоа како треба да изгледа целосна инклузија.
„Како главен проблем кој што ја обележа оваа учебна година е недостатокот од лични образовни асистенти, а на сметка на тоа децата кои не добија асистенти беа принудени да останат дома и да ја следат наставата онлајн. Наставниот кадар често се соочува со ситуации за кои не е целосно обучен и сите горенаведени бариери директно влијаат врз имплементацијата на тоталната инклузија“, заклучува Тодоровска.
Сепак, тоа на кое треба да се работи е соодветна имплементација на законите, нивно правилно спроведување и систем на целосна инклузија преку едукација и информации, зборување со родители, заеднички активности, повеќе образовни асистенти и обучен кадар. Не смееме да дозволиме ваквите случаи да се повторуваат и децата да бидат лишени од редовното и квалитетно образование.