Изложба на фотографии од Скопје „What’s blurring your lens“ вечерва ќе се одржи во Котур кафе и филм од 18 часот. Организаторите од невладината организација ЕYE (ECO Youth Environmentalists), велат дека целта на изложбата е да открие како младите го гледаат Скопје со свои очи.
„Не ги ограничивме каде да се фокусираат при фотографирање. Но, можеме да откриеме една работа, на повеќето фотографии што ни ги испратија младите забележавме дека сите ја вклучиле сиромаштијата во нашата држава. Со оваа изложба сакаме да им дадеме глас на младите луѓе за проблемите со кои се соочуваат секојдневно и да ви покажеме дека тие се важни и дека промената може да дојде само од една фотографија“, велат од EYE.
Изложбата следи по спроведување на интензивна работилница која траеше два дена и обучување на 17 млади луѓе од Скопје како професионално да фотографираат со своите мобилни телефони, како да известуваат и реагираат на проблемите со кои се среќаваме преку фотографијата, како и да научат за активизмот и новинарството.
„По тренингот младите имаа задача да покажат како го гледаат Скопје со свои очи. Одговорот можете да го најдете на фотографиите што ќе бидат изложени денес во 18:00 часот во Котур. Реално и ние сме изненадени од сликите што ни ги испратија. Навистина се убави, возбудливи и сите пренесуваат некоја порака. Повеќе не ви откриваме, ве покануваме да нè посетите денес!“, велат организаторите.
Невладината организација EYE постои од 2017 година.
„Досега се фокусиравме на проекти поврзани со животната средина. Презедовме акции за почисто Скопје, каде многу млади придонесоа за чистење на Скопје. Исчистивме 20-тина населби во Скопје. Но, оваа година одлучивме заедно со тимот Дорина Ајдини, Зана Шехи, Ерзана Малиќи и Артан Ѓемаили да преземеме уште една иницијатива и еве сме со проектот ‘Скопје низ моите очи’“, дополнуваат од EYE.