Иако постојано има предупредувања дека светската пандемија на Ковид-19 сериозно влијае на менталното здравје, за себе мислев дека добро се држам. Цело време си викав дека сум дисциплинирана и совесна за многу работи, ги почитував сите мерки, прележав, се вакцинирав, сè направив „by the book“. Имаше тука сè и сешто, промени на расположение, еуфорија, многу вино, манично печење banana bread, депресија, анксиозност, но генерално мислев дека имам контрола над ситуацијата. Но пред некое време забележав промени кај мене, започна со огромна паника кога татко ми два пати по ред не ми дигна телефон. Толку се исплашив и постојано мислев само на лоши работи, иако човекот е витален и здрав. Кога се слушнав и смирив не ми беше јасно зашто толку многу се уплашив. Веќе од утредента почнав за сè да се плашам, за децата, за сестра ми, за другарките, за партнерот, буквално за сите што ги сакам. И тоа не се плашев или не размислував само за нивното здравје, туку засилено ги чувствував нивните проблеми, грижи, нивните стравови. Мислев дека ми е период, дека ќе ми помине, дека е ПМС, но не ми поминуваше. Се нервирав зашто ми се менуваше односот и комуникацијата со нив, не ги сожалував, но бев многу повнимателна. Сакав да им купувам подароци и ситници, да ги расположувам и не правев размазени испади. Навечер ме мачеа нивните проблеми, се пашев од црни сценарија за нивните животи и си размислував, како од куп мои нерешени проблеми, јас паметувам за туѓи. Но кога почна да ме вознемируваат светски проблеми, да не можам да спијам за внатрешни и надворешни политики на туѓи земји, да размислувам дали планетата катаклизмично ќе заврши, за време на животите на внуци или правнуци, почнав да се грижам што ми се случува. Не дека пред тоа не сум била чувствителна или не сум имала емпатија ама ова веќе беше премногу. Хуморот не ме напушташе и ми текнуваа фрази што ги кажуваа мисиците во 90-тите години на изборите на убавина: „ Сè што сакам е мир во светот и добар маникир“.
Еден ден додека го носев мојот најмал син во градинка, бев сведок на една случка што ми ги разјасни сите мои дилеми. Две дечиња, се видоа пред градинка, воодушевено почнаа да трчаат еден кон друг, силно се гушнаа и тргнаа заедно кон влезот на градинката. По пат едното прво му го зема шишето со вода за да му помогне, потоа му подаде некоја мала играчка што му беше во раце: „Земи, за тебе е, ти ја подарувам дека нема веќе корона и пак почна да доаѓаш во градинка“. Одев по нив со моето дете цела растопена од што беа преслатки, а од разговорот на мајките сфатив дека едното детенце не одело неколку месеци во градинка. Нивната радост и воодушевување ми го разјасни моето однесување. Секогаш кога било како ни е загрозена безбедноста, стануваме нагласено емотивни, стравот за себе, за сите што ги сакаме ни ги буди најубавите, најчовечки емоции, чиста љубов и грижа. Па ако нешто убаво ни донесе оваа пандемија мислам дека тоа сигурно е лекцијата за алтрузиам. Нема поубаво од чувството на свесност за потребите, желбите, соништата на луѓето околу тебе. Нека сето ова што ни се случува последнава година, нè научи дека најмногу љубов, внимание и трпение треба да имаме за најблиските. Влегов во кола, ѝ се јавив на мајка ми, одговарав со трпение на сите грижливи прашања што вообичаено ме полудуваат, ги ислушав сите дневни рецепти што имаше план да ги готви и темелно ѝ објаснив нешто што ја интересираше, а не знаеше да го направи на нејзиниот телефон. Спуштив и ми олесна, бев совршено среќна и уште еднаш бев воодушевена од љубовта и сите нејзини лица. Зашто некогаш едно „требаше да пишеш кога ќе стигнеш“ е сè што сакаме да слушнеме.
.