Олгица Паковска – Пако е македонска уметница чија главна инспирација се жените, женскиот сензибилитет, нивната внатрешна убавина и расположение кои умешно ги портретира на своите платна.
Дали артистите го гледаат светот поинаку од оние кои не се артисти?
Сигурна сум дека сите „уметнички души” поинаку го доживуваат светот околу себе. На секој уметник му е важна емоцијата, од неа сè поаѓа. Уметниците се емотивци, тие ја гледаат убавината во малите нешта. Токму тие се нашата инспирација. А ако зборувам за себе, мојот живот го исполнува уметноста, сликањето, собирањето старини, уредување на мојата градина и секако животот на село во мојата викендица. Уживам во едноставниот живот.
Од Вашите дела може да се забележи дека инспирација Ви се жените. Како тие успеале да го задржат вашето внимание низ годините? Која техника ја користите?
Уште од моите почетоци во 70-те години кога започнав да сликам во техника масло на платно, моја вечна инспирација се жените. Често пати се обидувам да насликам и машки ликови, но секогаш од долу извира женскиот сензибилитет. Веројатно сум романтичар во душата, сакам да ги прикажам сите расположенија на жената и мајката, од среќа до тага, од разочарување до гордост, од болка до возвишеност. Особено ме привлекува модата и архитектурата од 18-от и 19-от век, па затоа моја инсипрација се и филмовите кои го прикажуваат тој период, особено животот на село. Затоа голем дел од жените кои ги сликам се облечени во фустани во тој стил.
Кога сте сигурни дека делото кое го сликате е завршено и нема потреба од дополнителна работа?
Вообичаено ги пренесувам моите чувства на платното. Се додека не го постигнам она што го чувствувам, сликата не е готова. Понекогаш успевам тоа да го направам за кратко време, а имало и такви слики кои сум ги преработувала и по неколку пати, сè додека не почувствувам дека сум успеала да прикажам нешто за кое не се потребни зборови да се опише.
Можете ли да го „видите” делото завршено уште пред да го започнете?
Јас никогаш не се подготвувам пред сликањето, како на пример да правам скици или некаков си концепт. Веројатно како и писателите на кои ќе им дојде некоја инспирација, па веднаш го исполнуваат празниот лист со поезија, така и јас го исполнувам белото платно со некој лик на жена која „излегува од мене”. Се препуштам на чувствата, уживам во мешањето на бои, креарирањето на приказни кои ќе се читаат од моите слики. Досега сум имала повеќе самостојни изложби, една од нив пред 10 години во Стична, во близина на Љубљана. На мое големо задоволство, на изложбата се појавија многу посетители од цела Словенија. Сите оние кои посакаа да имаат дел од моите слики ме прашуваа што сум чувствувала кога сум ја насликала конкретната слика. Кога им ги раскажавав тие мои чувства, тие се расплакуваа. Тогаш знаев дека сум успеала да допрам до некој, а мојата слика била успешна приказна, раскажана на моето платно.
Животот без бои би бил?
Боите го развеселуваат животот. Без разлика на мојата возраст (полни 69 години) ги обожавам светлите и пастелни бои, особено на облеките. Но кога ги сликам моите дела најчесто ги употребувам земјаните тонови. Особено сум горда на боите кои ги добивам мешајќи неколку нијанси и тонови. Тие ми помагаат да ги прикажам моите чувства. Борбата помеѓу светлината и темнината, ја даваат магијата на сликата.
Дали крајниот резултат е поважен од процесот или пак е обратно? Или можеби е еднакво?
За мене крајниот резултат е круна на мојата работа. Задоволство ми е да ја анализирам завршената слика. Потоа следи процесот на врамување и уживање во делото. Уште позадоволна сум кога моето семејство ги оценува моите слики. И иако се работи за вкус, нивното мислење ми значи, особено од мојата ќерќа и мојот внук. Ние имаме слични вкусови и сензибилитети и тие се моите најголеми критичари и подржувачи.
Што мислите, како некој може да го зголеми својот креативен потенцијал?
Јас верувам дека луѓето се раѓаат креативни. Секако дека убавите нешта, уметноста, патувањата, модата, архитектурата може да ја поттикнат вашата креативност, но внатрешното чувство за естетика е вродено и никако не може да се научи.
Како уметница, кој е најдобриот совет што сте го добиле и сакате да го споделите со другите?
Најдобриот совет го имам добиено од мојата драга пријателка, за жал покојна, Светлана Христова Јоциќ: „Сликај си како што те води срцето и биди своја”! Се надевам дека успевам во тоа.