Матео го глуми Боки, а Боки е главниот закачко во „Зоки Поки“ 🙂
Што те привлече да се пријавиш на кастингот за снимањето на „Зоки Поки“? Која сцена требаше да ја одглумиш на кастингот?
Јас секогаш се пријавувам на секоја активност. Воопшто не очекував дека ќе ме повикаат на кастинг, бидејки немав искуство со глума. Откако се случи тоа ми стана многу интересно. Имаше повеќе проби, но на првата требаше да одглумам како се карам со Зоки и Гоки.
Што ти беше најинтересно во текот на снимањето? Што ти беше најголем предизвик, најтешка задача, а што најлесна?
Бидејќи прв пат снимам серија интересно ми беше кога видов толку многу луѓе кои се грижеа за целото снимање, камери, светла, шминка и целиот сет за снимање. Во текот на снимањето најтешко ми беше да не се смеам кога требаше да глумам дека сум тажен или сериозен, а најлесна задача ми беше кога требаше да јадам.
Опиши го Боки со три зборови.
Палав, закачко, добар другар.
Дали Боки ги сака истите работи како тебе и во што се разликувате?
Јас и Боки имаме многу сличности, но се разликуваме по тоа што Боки е малку попалав од мене.
Дали откако почна серијата те препознаваат по ликот Боки на улица и дали тоа ти пречи или не?
Откако почна серијата ме препознаваат многу луѓе на улица, но искрено сакам да ме викаат по моето вистинско име, а не Боки.
Според тебе, што можат да научат децата, а што возрасните од Зоки, Лидија, Боки и Гоки?
Од оваа серија децата можат да научат дека другарството треба да се чува и да се почитуваат постарите и родителите. Исто така оваа серија може да нè научи дека освен игрите на компјутер или телефон постојат и други игри надвор пред зграда со другарите. А родителите ќе научат како треба да се однесуваат со децата и кои се проблемите во нивното секојдневие.