Најдобрата другарка на Зоки Поки, Лидиди ја глуми Анастасија Аневска, а во интервјуто ни раскажа за најинтересните случки од снимањето и зошто толку и се допаднал ликот на Лидија.
Што те привлече да се пријавиш на кастингот за снимањето на „Зоки Поки“? Која сцена требаше да ја одглумиш на кастингот?
На кастингот за серијата „Зоки Поки“ отидов бидејќи бев љубопитна. Претходно имав глумено во кратки филмови и театарски претстави со теми за возрасни. Ова беше прва улога во детска серија која имав можност да се обидам да ја добијам. Лектирата ја имав прочитано уште во трето одделение и ми беше многу интересна, па баш се радував што ова беше улога од книга која многу ја сакам, а и бев љубопитна дали се истите приказни. Сакав да видам што треба да се глуми, поточно што треба да се прави, но исто така и да видам дали ќе успеам во тоа што ме исполнува да го правам. Ми беше мило што запознав деца кои исто имаат желба да глумат и беше возбудливо да се работат сцени со нив. За да ја добијам улогата на Лидија требаше да поминам на поеќе нивоа на кастингот, па одглумив повеќе сцени како на пример сцената кога јас, Зоки и Гоки играме „Не лути се човече“ во втората епизода, сцената кога јас го советувам и известувам Зоки за извидничкиот живот во четвртата епизода…
Што ти беше најинтересно во текот на снимањето? Што ти беше најголем предизвик, најтешка задача, а што најлесна?
Целото снимање беше интересно за мене. Тоа беше прекрасно и големо искуство. Да се биде Лидија, а не Анастасија, да се биде друг лик макар и со мали разлики од твојата личност е предизвик. Најлесната работа беше дружбата со Матеј, Матео и Матеј (замислете сите тројца имаат речиси исто име па кога ќе викнеш еден како да си ги викнал сите – недостасуваше уште јас да се викам Матеа), дружбата со возрасните актери, статистите, снимателите, режисерите, шминкерите, костимографите, сценографите. Сè беше одлично, бевме многу луѓе и беше весело, смешно и уживав во целиот процес иако беше многу жешко надвор (понекогаш и по 40 степени целзиусови), па стилистите имаа полни раце работа да ни го одржат изгледот. Целата екипа од продукцијата „Кино Око“ се трудеше максимално да нѝ го направи целиот процес лесен и удобен, а истовремено и забавен. Затоа сум им многу благодарна. Една од најинтересните случки на снимањето беше во првата епизода на серијата кога се подготвуваше тортата за снимање. Тортата беше исечена на парчиња и поделена во мали чинии наредени на масата од сетот. Ние имавме пауза за ручек и се вративме назад на снимање ама Боки некако многу му се допадна тортата и си кркна едно парче. Кога требаше да се започне снимањето на сцената луѓето одговорни за сценографијата забележаа дека недостасува парче торта, односно дека едно чинивче беше испразнето, па прашаа кој го изел. Боки по кусо двоумење кажа дека тој го изел парчето, а одговорните му рекоа ги прскале парчињата торта со некоја состојка за да не се растопат (снимањето беше во лето) па го тераа да пие вода. Се разбира Зоки, Гоки и јас се изнасмеавме.
За Лидија сиот свет е жолт, син, зелен, црвен, односно шарените бонбони што и ги купи Зоки. Што е за тебе „сиот свет“? Колку е слична Лидија со тебе?
За Лидија сиот свет е жолт, црвен, зелен, син, розев и многу многу други бои кои за Лидија се прекрасни, како и за мене. Светот е место кое ги содржи сите бои и треба да се истражува и доживува. И јас го истражувам и доживувам. Истражувам кое е моето место во него, кои се моите луѓе во него, што сакам да правам во него, што и со кого сакам да споделувам во него. Лидија е дел од моето истражување и доживување. Затоа сме многу слични. Па дури и кога светот е сив, исто како и Лидија, се трудам да нучам да го направам разнобоен, прекрасен и да остане таков засекогаш, а кога има толку добродушни, храбри, паметни и дарежливи пријатели како Зоки, Гоки и Боки, тоа не е така тешка задача. Треба да се употреби само малку снаодливост, како Лидија, да се биде несебичен како таа и нејзините другари и да се биде искрен.
Кога ќе пораснеш сакаш да бидеш актерка, па дали имаш желба да глумиш некоја посебна улога на лик од стрип, филм, цртан или книга?
Мислам дека сè уште е рано да донесам конечна одлука за тоа што ќе бидам кога ќе пораснам. Засега го истражувам актерството и тоа ме прави многу среќна. А доколку решам да станам професионална актерка, би била многу среќна ако некогаш ја играм улогата на Пипи Долгиот Чорап. Мислам дека сум и слична на тој лик, особено со пегите, како и сегашната актерка која го игра овој лик во Театарот за деца и младинци, Соња Стамболџиоска.
Дали откако почна серијата те препознаваат по ликот Лидија на улица и дали тоа ти пречи или не?
Засега сè уште никој не ме препознал на улица како Лидија, бидејќи и не се движиме многу и не се дружиме со децата заради целата состојба со корона вирусов. Ќе видиме што ќе се случи кога ќе започнеме повеќе да комуницираме. Нема да ми пречи ако ме препознаат како лик од серијата „Зоки Поки“.
Според тебе, што можат да научат децата, а што возрасните од Зоки, Лидија, Боки и Гоки?
Луѓето кои ја гледаат серијата и самите можат да препознаат колку може да се научи од Лидија, Зоки, Гоки и Боки, без разлика дали се тие деца или пак се возрасни. Во секоја епизода има многу мудри мисли и пораки од кои публиката многу може да научи. Но најважното што може да се научи од Зоки, Гоки, Боки и Лидија е важноста на другарството, искреноста, љубовта, солидарноста, поврзаноста, грижата едни за други и во добро и во лошо, наспроти славата на Youtube, Instagram, TikTok, „добрите, паметни“ телефони, лагите и себичноста.