Кратките и студени денови се совршени за долго и топло читање на книга во омиленото ќоше во вашиот дом. Ако си ветивте дека оваа година ќе читате повеќе или ако си поставивте одреден број на книги, периодов е совршен за да почнете да ја испишувате листата. Ви направивме избор на неколку книги од македонски автори и различни жанрови во кои веруваме дека ќе уживате оваа зима.
1.Тони | Румена Бужаровска
Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. ’Тони‘ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие
2.Кадифената покривка – новелети за жени-убијКи | Оливера Николова
Задачата што Оливера Николова си ја поставила себеси во „Кадифената покривка“ е да ги оживее личните приказни на убијките, да ги открие и долови мотивите на злосторствата, да ги дешифрира и да ги „реши“ според одличната, проверена и препознатлива сопствена раскажувачка формула; да ги направи разбирливи, да ги донесе блиску пред нас, да ни ги послужи на подавалникот на можното, да ги вгнезди во едно обично секојдневие, во една обична стварност каква што е оваа околу нас. – Оливера Ќорвезироска
3.Приказничар | Жарко Кујунџиски
„Кујунџиски е мајстор на расказот, мајстор на разумот чиј корен е во срцето. На едно место, во еден расказ, пишува за себе, за тоа дека расказите ги пишува најпрвин во главата. Но, по прочитувањето, сосема е јасно дека нему разумот не му е спротивен на срцето. Како во молитвата: тој мисли со срцето. Затоа и му се случува да напише нешто толку топло, искрено и чудесно, што сигурен сум, ќе ја смени физиономијата на современиот македонски расказ.“ – Венко Андоновски
4.Излегување од сенката | Дијана Петрова
XIX век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно.
Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот.
5. Бамбино |Ника Гавровска
Бамбино е илустрирана сказна. Станува збор за свет на работ на магичното, оддалечен од сликите и претставите на урбаното живеење, свет којшто е несомнено пред-индустриски и пред-модерен. „Старите раскажуваат дека во сува зима, кога има длабок снег, ако дувне топол ветер, може да те пресретне еднорогиот елен. Тоа е чудовишно животно, магично суштество, те допре ли со рогот – ќе те снема. “