Ако постои совршено годишно време за читање, тоа е есен. Создате си пријатна атмосфера, дома или некаде во природа, исклучете се од секојдневието и нурнете во нови приказни. Многу внимателно ви издвоивме неколку романи, во кои веруваме дека ќе уживате оваа есен.
1.Читачот – Бернхард Шлинк
„Читачот спаѓа во оној тип комплексни романи кои отвораат толку прозорци колку што читателот може да поднесе свеж воздух. Психолошки во длабока, филозофски во генерална и незаборавен во буквална смисла, „Читачот” е роман кој не се предвидува, не се претпоставува, ниту пак, се прераскажува, роман кој со секоја наредна страница одново и одново ја редефинира наративната маршрута.
Тргнувајќи од самиот наслов, ова е роман во кој во ниту еден читачки/читателски миг не се знае кон каде ќе тргне, а камоли каде (и како) ќе заврши „читањето”, дури и во жанровска смисла… Одлична лекција за книжевните вообразеници, скептици и неверници кои сметаат дека книжевното писмо не може да изненади“. –Оливера Ќорвезироска
2.Собирачи на пепел – Давор Стојановски
„Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски ја доби наградата за „Роман на годината“ за 2016 година.
,,Јаков на Стојановски своето скитање го започнува на пат до Бутел каде оди на погреб кај една познаничка и на враќање оттаму, притиснат од преполниот мочен меур и од потребата за уринирање, провалува во најблиската куќа, чија врата, случајно или не, е отворена. Олеснувањето на мочниот меур ја иницира и неговата потреба од ослободување од потиснатите слики. Купатилото станува вистинско митско место, зашто таму почнува да се чувствува пријатно и удобно. А удобноста доаѓа од: мирисите на омекнувачот, чистината, уреденоста, предметите на кои налетува, кои ги гледа и допира со очите, со рацете. Сите сетила се во погон. Сето тоа го враќа во детството… таму далеку назад во неговиот живот во кој било многу поразлично, не поубаво, туку, едноставно, поразлично од она што го живее сега.Затоа и слободно може да се каже дека Јаков е еден човек на денешнината кој е задоволен со/од својот потентен живот и од своето навидум ненаситно либидо…
Последната сцена е истовремена и вознемирувачка/возбудувачка и смирувачка. Ја имаме сликата на Јаков како се тушира во купатилото, како ја набљудува нечистотијата што се излева со водата во кадата, и како потоа сосема гол, како нов човек во нов живот, на ново и сосема непознато место во кое чувствува семејна атмосфера и некаква неопислива припадност, исчистен од секаква маска и лажливост, излегува од купатилото – оди до масата во кујната, гол како од мајка роден, седнува, и ги гледа избезумените и исплашени лица на домаќините. Им ги погледнува непознатите лица со насмевка и, со детска наивност, морничаво прашува што има за вечера.” – Весна Мојсова- Чепишевска
3.18% сиво – Захари Kарабашлиев
Авантура, неизвесност и љубов пренесени со интригантниот јазик на авторот што ќе ве натера да ја прочитате во едно седнување. Книгата започнува 9 дена по ,,исчезнувањето” на Стела, сопругата на Зак. Тој заминува во Мексико, во обид да ја удави тагата, а потоа се враќа во САД со случајно украдена марихуана. Користејќи го ова како повод да го смени својот живот, тргнува кон Њујорк единствено со својот стар „Никон“. Низ објективот на фотоапаратот, почнува да се открива себеси, фотографирајќи ја темната страна на Америка. Неговото патување води низ серија настани опасни за животот, прошарани со сеќавањата на неговиот однос со Стела и со животот во Бугарија од крајот на 1980-тите. Квентин-Тарантиновско опкружување и многу емоции. Лудите авантури на неговиот пат се вкрстени со ретроспективи од неговото минато во Бугарија – неговото заљубување во Стела во првите години од падот на комунизмот. И зошто 18% сиво? Доколку не сте фотограф, ќе дознаете.
Книгата има 22 изданија во Бугарија и ја добива наградата „Вик“ за роман на годината.
4.Мојата бабичка не знае која сум – Ива Безиновиќ–Хејдон и Хана Тинтор
Оваа детска книга, се најде на листата, затоа што не е само детска. Книгата ги обработува и им ги приближува на децата темата за стареењето и за смртноста, како и идејата за сеќавањето и за вечната љубов, преку описот на нежниот однос меѓу девојчето Ема и баба ѝ Зринка, која наеднаш почнува да ги заборава случките и луѓето.
Баба ми Зринка секојпат за сѐ велеше: „Може!“ Кампувавме и планинаревме, трчавме и возевме велосипед, пливавме во најдлабокото море. Градевме тајни скривалишта и правевме куќарки за бубачки од кутии за чевли.
Таа плетеше волнени џемпери според замисли од мојата глава, правевме играчки од чашки за јогурт, подготвувавме куклени претстави во нејзината градина. Патувавме со воз, со авион, со брод. Цртавме стрипови, читавме весници, пишувавме прикаски.
Ништо не беше невозможно. Мојата бабичка знаеше и можеше сѐ.
Сѐ до денот кога веќе не…
(Чудна шума)
5.Манастир Фуентерабија – Јагода Михајловска – Георгиева
Една од најтоплите нарации на македонски јазик. Роман за љубовта и слободата – двете основни нишки од кои со прекрасниот јазик Михајловска – Георгиева е исткаен овој прекрасен роман за суштинските препознавања во животот.
Романот е добитник на наградата “Стале Попов” за проза во 2017 година. Според жирито, во ова остварување авторката ,,раскажува уникатна и во исто време универзална приказна која според многу нешта е отпорна како на временски, така и на просторни ограничувања…”.
6.Парфем – Патрик Зискинд
Во Франција, во 18 век, под тезгата на еден смрдлив пазар, светлината на денот ја здогледува едно необично дете, Жан-Батист Гренуиј. Роден без никаков телесен мирис, но надарен со прекумерно истанчен нос, Гренуиј се издига од калта на Париз до најсовршените сфери на духот, до царството на опојот. Опседнат со идејата да создаде совршен парфем од нејпрефинетите девојчински мириси, што ќе го направи целосно човечен, Гренуиј се претвора во ладнокрвен убиец…
Во историјата на создавањето на еден парфем Зискинд вложува многу подлабока смисла. Стремежот кон апсолутното, причините и последиците на творечката генијалност… Тешко може да се одолее на оваа ужасна и истовремено прекрасна приказна за еден монструм кој го има најпрефинетиот нос на светот.
Парфем е есенција на вистинската литература. Напишан во блескав класичен манир, ритмичен, живописен, ироничен, поинаков од масовната литературна продукција, овој литературен трилер со години е на самиот врв на европската интелектуална проза. (Сакам книги)
7.Човекот по име Уве – Фредрик Бакман
Запознајте го Уве, 59-годишен вдовец. Тагата по неговата сакана го тера секој ден да ја посакува сопствената смрт. Уве е еден од оние што покажуваат со прст во луѓе што не им се допаѓаат. Секое утро врши инспекција по населбата во која живее. Ги преместува велосипедите и проверува дали ѓубрето е правилно селектирано – иако веќе поминале неколку години откако е разрешен од должноста претседател на здружението на станари. Вечно гневен и незадоволен, лесно избувлив, накратко: сосед од кошмарите. Меѓутоа, зад неговата мрзоволност, педантерија и железна принципиелност се крие една многу тажна судбина…
И така, еден ноемвриски ден, кога соседот што се вселува во соседната куќа случајно го уништува поштенското сандаче на Уве, одеднаш почнува комично топлата приказна. Приказна што суштински ќе промени еден човек и едно соседско здружување. Ова е роман за влијанието на еден човечки живот врз безброј други.
Истоимениот филм во 2017 година беше номиниран за „Оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. (Антолог)
Во 2022 е снимена адаптација под името A Man Called Otto, со Том Хенкс во главната улога.
8.Очи со боја на чевли – Петар Андоновски
„Додека читав, имав чувство дека гледам филм. Не знам зошто, но пред очи цело време ми излегуваше приказната за Амели Пулен. Можеби поради начинот на кои се раскажани приказните за Ема и Нестор, но можеби и поради тоа што романот е инспириран од фотографија на Јанаки Манаки, па и самиот произведува слики кај читателот“.
Ѓоко Здравески, Репер
Извадок: Слично како во лов на степски ветрушки или друг редок вид птици, Ема, педесетгодишна професорка по книжевност, следи мажи со убави чевли. Скриена зад купот книги во некоја од читалните, каде што обично ги минува своите попладниња, Ема седи во заседа и го чека пленот на денот. Кога ќе наиде мажот, таа тргнува по него и почнува да го следи. Па, така, често можете да ја видите како со мажите чека ред во банка, влегува во продавници за мебел каде што мажите избираат спални со нивните сопруги, оди во фирмите кај што работат. Додека оди по мажите Ема наликува на птица, на голема црна птица која во секој миг може да ги проголта. Нејзиниот долг нос, со благо заоблена коска наликува на клун. Нејзината фризура што никогаш не ги исполнуваше критериумите на „модерна фризура“, сега додека јуреше зад мажите, обидувајќи се да го фати нивниот чекор (Ема отсекогаш имала проблеми со брзото одење), ѝ беше разлетана, па Ема оставаше впечаток на грабливка која долго време се обидува да улови плен. Ема никогаш не им приоѓа на мажите, секогаш оди на неколку метри зад нив и ги следи сè додека не почувствува заситеност и тргне по друг маж.