Сибел Бајрам стана позната на македонската јавност по својата амбициозност и упорност, како вистински пример дека девојките и жените од ромската заедница можат и заслужуваат рамноправно да се борат за свое место на пазарот на трудот. Магистер на науки, образовен работник, оваа девојка е мотивација за сите нас, доказ дека колку и да имаме лоша стартна позиција вистинските квалитети секогаш испливуваат на површина.
Ромите во нашата земја постојано се изложени на неправда, дискриминација и различни предрасуди. Каква е моменталната ситуација има ли некое подобрување во последните години?
Има подобрувања во однос на ова прашање меѓутоа не во голем сразмер за да се промени целата ситуација. Како Роми, граѓани коишто се жители во оваа држава, немаме подобрени услови за вработување, консултирања во процесите на креирање политики за нас, не се мисли на оние наши сограѓани од социјално загрозени семејства и најмногу погодени сега од кризата. Дискриминацијата, стереотипите и предрасудите сè уште се присутни во сите можни сегменти од нашето општество и делување. Сè уште нè дискриминираат како заедница при влез во институции, при влез во кафулиња, базенти, во образованието, во економијата, социјалата, здравството, дури и во јавниот превоз. Рамковниот договор и Декадата за Ромите имаат удел во помош во повеќето есенцијални области, меѓутоа повторно ситуацијата во изминативе 10тина години не е драстично променета и сè уште тапкаме на место, за жал.
Ромската заедница најчесто е лишена од квалитетно образование, недостиг на кадри и еднаквост во образовниот систем. Што најмногу влијаеше на вашата одлука да вложувате во своето образование?
Морам да истакнам еден важен момент тука. Ромската заедница, како што напоменав и претходно, честопати се наоѓа на тапет и е дискриминирана и етикетирана за заедница којашто е најмалку едуцирана и како таква дава најмал придонес во развојот на нашето општество како такво. Ромската заедница, како и секоја друга етничка заедница, помала или поголема, е разнолика. Имаме навистина добро ситуирани и финансиско моќни семејства, имаме семејства со нормална и просечна можност за егзистенција и имаме семејства коишто навистина се многу загрозени, лишени се од многу од нивните граѓански загарантирани права и слобода и заборавени се од нашата држава, или на истите се сеќаваат само за време на изборите. Ромската заедница внатре во себе е шаренолика и има индивидуи со кои може да се пофали. Имаме навистина солиден број на образовани кадри, експерти во своите области и домени на работење и делување, и лица коишто навистина честопати и волонтерски се ангажираме за доброто на нашата заедница и преземаме различни активности и иницијативи, меѓутоа сепак, како индивидуалци ја немаме таа моќ, поддршка и помош за да помогнеме и да ги решиме проблемите, условите и ситуациите на нашите сограѓани Роми.
Јас од мала израснав во невладин сектор, конкретно во Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ коешто постои веќе добри 17 години и главен осврт на работење и фокус еобразованието на децата Роми. Воспитувани сме заедно со мојата сестра Семра, да вложуваме во образованието и да не подлегнуваме на мали препреки кои ќе ни се јават на патот, туку гордо, и со крената глава да продолжиме да чекориме по нашата замислена патека. Вложував, вложувам и понатаму ќе вложувам во моето образование, доквалификации и професионален, како и личен развој. Ромската заедница е патријархално насочена, како и повеќето заедници во нашата држава и треба да се случуваат промени. Треба повеќе да се вреднува трудот и заложувањето на жените како столб на едно семејство и треба да се поддржуваат и поттикнуваат особено во делот на продолжување на нивното образование.
Какво е вашето искуство од вашето детство и младост, се чувствувате ли дискриминирана?
Моето детство беше исполнето со дружба со другарчиња од различни етнички заедници бидејќи живеам во етнички мешана населба. Првото неубаво доживеано чувство ми беше на 7 или 8 годишна возраст, кога почнав да посетувам курсеви по англиски јазик. Кога децата од групата дознаа дека сум Ромка и на првиот тест кога добив највисоки поени во тестовите на знаење по англиски јазик, почнав да слушам шепотења од типот на: „Видете ја Циганката, како може она да е подобра од нас, како може да знае повеќе??? Од каде кај неа толкаво знаење и желба и што бара таа тука меѓу нас??“ И тогаш мојот покоен дедо, којшто многу се залагаше за мене и моете непрекинато посетување на курсевите по англиски јазик, ги собра родителите на децата и им објасни што се случило. Втората дискриминација ми беше во средното училиште, од каде што после првото завршено полугодие од прва година учење се префрлив во една гимназијата. Таму немав директна дискриминација од соучениците, туку од тамошната фамозна фела на одредени
професорки коишто не ме доживуваа како една од останатите ученици од мојот клас, туку како различна бидејќи едноставно поради мојата трудољубивост, трудење и залагање ме дискриминираа и не им беше јасно како Ромка толку може да се труди и да учи и наоѓаа разно разни начини како да ме дискриминираат. Пресвртот во мојот живот се случи тука, кога сосема се разочарав и не знаев што ќе правам понатаму. Меѓутоа благодарение на моето семејство и тетка ми Фатма, јас одлучив дека веќе никогаш нема да подлегнам на никаква дискриминација, навреда и неправда, туку ќе стојам гордо и исправено и достоинствено ќе се изборам со истите. Тогаш се префрлив во друго средно училиште, каде што имав преубава дружба со моите соученици и прекрасните професори, кои многу ми помогнаа да се адаптирам и со коишто сè уште имам одлична комуникација и ми беа позитивен пример за тоа како еден професор треба да се однесува со свој/а ученик/чка особено кога е една и од друга заедница. Оттогаш наваму, секогаш се спротивставувам на неправда, имам борбен дух, се борам за правда и не дозволувам да се нанесе неправда на мои сограѓани, особено не на девојки кои се полни со елан и желба за образование.
Значи секојдневно се среќавам со секаков вид на стереотипи, предрасуди, меѓутоа скоро секогаш наоѓам модус како да се изборам со тоа и од секое такво соочување и искуство излегувам посилна и секој пат сè помотивирана за да дадам придонес кон позитивни промени првин, внатре во заедницата, а потоа и локално.
Работите како наставничка по англиски јазик во ОУ„26 јули“ во Шуто Оризари и директно влијаете врз голем број на идни генерации. Кои чекори ги преземате како образовен работник за подобрување на квалитетот на наставата?
Ја имам таа среќа да бидам дел од воспитно-образовниот процес скоро три години. Ја сакам мојата професија бидејќи е многу благородна, меѓутоа истовремено и тешка, одговорна и полна со различни предизвици. Се трудам многу околу моите ученици. Им организирам различни предавања, презентации и часови за запознавање на англиската култура и јазик. Особено сум горда бидејќи навистина имам задоволителен број на ученици од сите одделенија коишто имаат афинитети и одлично го совладуваат англискиот јазик. Секогаш им кажувам да ја ценат и негуваат таа дарба којашто верувам како заедница ја имаме, а тоа е способноста за брзо изучување на некој странски јазик и можноста за брзо усовршување на истиот. Како млада, амбициозна, девојка Ромка, се трудам максимално околу моите ученици. Се трудам да имам поразлична и не толку типична настава сè со цел тие да го засакаат јазикот меѓутоа и да добијам поголема блискост и доверба кај нив. Честопати знам да организирам најразлични активности и учениците уживаат во нив. Ги советувам никогаш да не се откажуваат без разлика на тежината на проблемите, ги поттикнувам и мотивирам да продолжат со своето образование, кај машката популација честопати апелирам да ги почитуваат и ценат своите мајки, баби, сестри и сите припаднички на понежниот пол, бидејќи ако сакаме некој еквилибриум треба да почнеме да работиме на истиот од рана возраст. Тие секогаш се советуваат со мене на најразлични теми, прашања и двоумења, а јас за возврат на нивната искреност и блискост секогаш ги советувам и помагам најдобро што можам.
Ова е благодорна професија, меѓутоа истата треба да се работи со љубов, разбирање, почит и подготовеност да се помогне, желба да се остане и повеќе од работното време и отвореност со учениците за разговор на теми и надвор од нашите предмети. Кога еднаш ја имате довербата на учениците, никогаш не смеете да си дозволите да ја изневерите истата, туку секогаш треба да се негува.
Оваа година Националниот младински совет на Македонија ви ја додели наградата за младинско учество во рамки на проект на УСАИД. Што ова награда значи лично за вас со оглед на тоа дека се доделува на поединци и групи што дале свој значителен придонес?
Ова е втора награда којашто ја добивам за мојот активизам и волонтерство. Првата беше во 2015 година, Награда за најуспешен волонтер на Р. Македонија и оваа година ова е втората награда за Младинско учество. Оваа награда е од особено значење за мене, бидејќи како млада, амбициозна, активистка и девојка борец, до сега не добила признание за својот вложен труд, енергија, и залагање од општеството, заедницата или пак држвата. Меѓутоа јас сум растена со идеја дека сè што правам во животот не мора да биде забележано и валоризирано од страна на некој, туку доволно е истото тоа да помогне на оние на коишто најмногу им треба и дека на крај на денот доброто со добро се враќа.
Оваа награда ми вроди верба дека всушност некој и знае да препознае труд, вложена енергија и години во помош на одредена заедница, особено ромската заедница која честопати се наоѓа на тапет и е дискриминирана по најразлични основи. Ќе продолжам и понатаму со мојата мисија, меѓутоа овој пат тоа ќе биде со уште поголема енергија, мотивација и елан. Убаво е кога на млада индивидуа ѝ се доделува признание за досега вложените години во труд и истото ова признание, Наградата за младинско учество, верувам дека ќе ги мотивира сите млади луѓе и понатаму да продолжат со својата мисија и да не се обесхрабруваат бидејќи во животот добрините со добрини се враќаат и сè што сме заслужуле кога-тогаш во одреден дел од животот ќе ни се врати. Многу сум благодарна на луѓето коишто гласаа за мене и на бордот којшто одлучуваше составен од членови од УСАИД и НМСМ за доделување на наградата.
Сметате ли дека жените и девојките од ромската етничка заедница имаат фер и рамноправни услови за учество на пазарот на труд?
Како девојки и жени Ромки, искрено сметам дека немаме фер, рамноправен и еднаков пристап до вработување и користење на креирани политики и програми од страна на нашата држава. Имаме задоволителен број на образовани, професионалци и експерти девојки и жени Ромки меѓутоа многу ретко истите сме консултирани за било какви прашања или пак креирани политики за нас, што навистина е несфатливо. Живееме во едно општество каде што за жал повеќето работи се одвиваат врз основа на познаство, врски и непочитување на трудот, експертизата, времето потрошено за работење и вложување за менување на одредени наративи, политики, начела и гледишта. Овој момент ме разочарува и предизвикува чувство на омаловажување на мојот и трудот на моите пријатели и соработници, меѓутоа што е тука е. Јас ќе продолжам да се борам, гласно да говорам за неправдите коишто им/ни се нанесуваат на мене и мојата заедница, ќе продолжам да ги мотивирам младите девојки да продолжат да чекорат по патот на
образованието, бидејќи во животот ништо не е сигурно освен знаењето, карактерот, и доблестите коишто си ги носиме длабоко во нас. Верувам дека ќе дојдат денови кога секој ќе си го заслужи својот дел и ќе си добие соодветен третман и дел во општеството, онакво какво што вистински заслужува и доликува.
Позитивен пример сте за активизам и често за вашата волонтерска работа сте наградувана. На кој начин може да се подигне свеста за активно вклучување на граѓаните во општеството?
Ова е втора награда и навистина ми значи многу. Вреднувањето на трудот е навистина благородно нешто и истото вродува со уште поголеми резултати кај оние чијшто труд се валоризира.
Треба многу промени во нашата држава и патријархални општества и тие се навистина долготрајни и макотрпни процеси. Меѓутоа иднината се младите кадри, оние коишто допрва треба да создаваат кариери, да даваат свој придонес во креирање на едно здраво и функционално општество и оние млади коишто ќе се одлучат и покрај сите нееднаквости, неправилности и нефукнционирање на системи, да основаат семејства во државата и да растат и воспитуваат идни генерации коишто ќе бидат двигатели на промени во општеството. Мојот апел до државата, сите институции, засегнати страни и сите носители на одлуки и политики е да внимаваат на младите, да ги почитуваат нивното вложено време, труд, образование, и да не се плашат да даваат можности на нас младите бидејќи заслужуваме да бидеме слушнати, да ни биде вреднуван трудот и да добиеме работни позиции според образование, експертиза и владеење на тоа поле за коешто ќе се носат закони и имплементираат политики за промена на сегашната полумртва трка во која што се наоѓа поголем дел од младината во државата.
И секако, би сакала во ова интервју да истакнам особено благодарност до моите родители и сестра ми за сиот досегашен труд, енергија и финансии за да бидам ова што сум денес и да си ги остварам моите соништа, да и се заблагодарам и на тетка ми Фатма Б. Аземовска, којашто е жена борец и секогаш ми била пример за истрајност, мудрост и решителност. Исто така морам јавно да му се заблагодарам и на мојот прекрасен дечко, Мухамед, за сета досегашна поддршка,
мотивација и поттикнување да продолжам со мојата едукација, вложување во себе и остварување на моите желби и соништа.
Кога имаме поддршка од нашите најблиски и кога тие се среќни и задоволни од нас, тоа е една успешно завршена мисија и наше лично чувство на исполнетост и сатисфакција.