„И знаковниот јазик е дел од нашиот идентитет, како што е македонскиот јазик“
Да се направи претстава на знаковен јазик во која актерите паралелно ќе говорат и ќе изведуваат на знаковен јазик е навистина предизвик, но радоста и среќата кај гледачите е огромна, и за глувонемите деца и за децата со оштетен слух. Јован Ристовски е режисерот кој ја реализираше идејата за „ТРИ“, првата претстава на знаковен јазик, а „трите самовили“ станаа вистинска сензација секаде каде што се прикажуваше претставата.
„ТРИ“ е првата македонска претстава на знаковен јазик која бележи големи успеси и целосно ја заинтересира публиката, децата, но и возрасните. Како дојдовте до идејата за претставата?
Инспирацијата потекнува уште од 2010 година, кога го режирав интернационалниот музички фестивал „Тра ла ла“ во Битола. Две-три недели пред музичкиот фестивал дојдов до фикс-идеја да поканам дете со оштетен слух како претставник од заводот „Кочо Рацин“ – Битола, со идеја да интерпретира монолог на знаковен јазик на крајот од фестивалот на тема Космос. Некои соработници коментираа дeка е луда идеја на музички настан да настапува глувонема личност, но бев истраен и не отстапував од идејата до крајот.
Монологот на актерката што го слушаа сите во публиката и глувонемото девојче кое го интерпретираше на знаковен јазик за глувонеми и наглуви лица беше сензација за сите. По завршувањето на фестивалот, дознав дека соучениците на глувонемото девојче исто така биле во публиката… едноставно уживале, беа пресреќни што присуствуваат на таков настан. Бев шокиран, збунет, фасциниран од нивните реакции и емотивно погоден од фактот дека глувонеми деца беа пресреќни на музички настан што не го слушаат. Тоа беше клучниот моментум за оваа идеја и прашањето: Што ако им направам претстава на тие деца со оштетен слух на знаковен јазик?! Ако се среќни со музички настан што не го слушаат, тогаш театарска претстава на знаковен јазик за нив би била вистинска сензација за доживување.
Нашата земја и култура генерално беше и сè уште е заинтересирана за проекти на тема сплотување на етничките разлики – односно дава поддршки за таков вид проекти… Сме направиле претстави на турски, албански, ромски, српски, влашки, англиски, германски… сите можни етнички групи сме ги задоволиле на сите нивни јазици, но никогаш на знаковниот. Се давале огромни буџети и поддршки за проекти поврзани со етничките групи, но за глувонемата популација никогаш никој не поддржал професионални театарски или филмски остварувања. Пред сè, глувонемите лица – знаковниот јазик го третираат за мајчин јазик. Тој факт ме донесе до ниво да размислувам дека и знаковниот јазик е дел од нашиот идентитет, како што македонскиот јазик е еден од најбитните богатства за градење на идентитетот на нашиот народ и на нашата култура. Ова се сериозни прашања што ќе се обработуваат допрва.
Дали вие самиот го знаете знаковниот јазик и дали актерите го знаеја пред да почнат да глумат во претставата?
Воопшто немав познавања за знаковниот јазик, а ниту актерите. Во текот на театарскиот процес имавме тутор-дефектолог, кој нè обучуваше за основите на знаковниот јазик, за да можеме полесно да го совладаме драмскиот текст на знаковен јазик, кој актерите на сцената паралелно го говорат и го изведуваат на знаковен јазик. Им благодарам од срце на нивната професионалност, трпение, волја и нивната љубопитност да се впуштат во процес што беше непознат за сите нас. На пробите со туторот дознавме многу нешта и проблеми за оваа популација за која не сме ни свесни дека постојат. Исто така, апсолутно не знаевме дека има еднорачен и дворачен знаковен јазик, дека има алфабетски знаковен јазик. Азбуката се учи во еден ден и мислам дека треба да се воведат часови во редовната програма во основните училишта како задолжителна лекција. Тоа што може да ги направи најсреќни лицата со оштетен слух е да го познавате нивниот јазик. Со малку поголема свест и љубопитност се надевам дека во иднина граѓаните ќе го научат знаковниот јазик. Не е тежок. Напротив, тој е многу логичен, описен. Како екипа, по процесот станавме побогати луѓе знаејќи уште еден јазик, сосема уникатен и практичен.
Како се одвиваше процесот на подготовка на претставата, дали имаше особени предизвици што требаше да се совладаат?
Немав од каде да се послужам со туѓи искуства и знаења за да режирам претстава на знаковен јазик, тоа беше феноменална благородна авантура во процесот на проби. Најтешкиот дел се однесува кон актерите. Тежок е актерскиот пат, кои треба мислата и намерата на ликот да ја играат и во исто време да го интерпретираат знаковниот јазик на сцената и паралелно да ја изразуваат актерската игра и мизансценот. Се случуваше како во детска градинка, како деца кои допрва прозборуваат.
Што ве воодушеви особено и како се чувствувавте кога првпат ја видовте претставата на сцената?
Во претставата постои сцена што ја нареков „Училница“. Еден од ликовите – Sвонко Бонбонко – ја учи знаковната азбука со помош на ТРИ-те самовили. Сите деца во публиката ја учеа знаковната азбука во интеракција со актерите. До мене сè уште стигнуваат коментари и информации дека детската публика и по претставата продолжува да се интересира за знаковната азбука. И се разбира… по 11 години од идеја до реализација, а во публика среќни деца со оштетен и без оштетен слух, тоа е возвишено, благородно чувство.
Која е пораката на претставата, зошто ја одбравте темата екологија?
Живееме во време каде што ние ја спасуваме планетата. Се организираат конференции, стратегии, анализи, научни трудови, решенија итн., за тоа како да ја спасиме планетата која тивко умира. Тоа е врвот на трагедиите што човечката цивилизација можеше да го постигне! Најмладите преку претставата учат дека различното ѓубре треба да го фрлаат во соодветните канти за сортиран отпад.
Сметате ли дека ова е добра основа, да се почне и со други претстави на знаковен јазик, каква поддршка добивте вие?
Искрено, имав сосема мала, многу мала, премала поддршка од државата од која очекував најмногу да ме поддржи. Но, оваа идеја ја препозна ГИЗ (GIZ – Германско друштво за меѓународна соработка). Таму работат прекрасни луѓе. Самец, Тина, Лиса ви благодарам на вашата доверба и поддршката за реализација на оваа идеја. Ова што го направив е иницијатива за еден ден да прерасне во задолжителен репертоар во Народниот театар Битола во редовната програма поддржан од Министерството за култура, бидејќи единственото основно училиште се наоѓа во Битола и сите глувонеми и наглуви деца од нашата земја живеат и учат во интернатот и заводот „Кочо Рацин“ и исто така во Театарот за деца и младинци – Скопје да се поставува претстава на знаковен јазик за младинци, бидејќи единственото средно училиште за деца со оштетен слух се наоѓа во Скопје. Да, ова е добра основа за поставување претстави на знаковен јазик во редовна програма!
Кажете ни нешто повеќе за себе. Како почнавте со режија, што ве инспирира и ве води низ работата?
Животот, луѓето, природата… мистеријата наречена живот. Сакав да бидам архитект, како татко ми, но станав архитект на моите соништа.
Во текот на пандемијата за момент запре театарскиот живот, како и сè друго, но сега полека се враќа публиката во театарот. Сметате ли дека во денешно време може да се задржи вниманието на гледачите во театарската уметност?
Човековото внимание денес е многу лесно да го задржите, ако мудро знаете како да го изведете тоа. Според мене, потребно е само да бидете искрен.
На што работите моментално и какви се вашите планови за идни проекти?
Неколку… меѓу нив во моментов се борам да добијам поддршка за реализација на претстава на знаковен јазик за возрасни.