Убавите приказни се насекаде околу нас. Но, често, поради предодредени мислења, зацртани верувања, непопустливи ставови и предрасуди, ние и не ги гледаме. Тоа влијае на нашето однесување и ни предизвикува немир и тензија во време кога многу повеќе ни е потребно чувството на надеж и блискост. Иницијативата #НаправиМесто на Македонски Телеком има цел да го промени светот во кој живееме со тоа што ќе ги охрабри луѓето да направат место во своите срца и умови за повеќе разбирање и емпатија и за сите оние убави работи што нѐ опкружуваат, а многу често не ги забележуваме.
Македонски Телеком ја отвори оваа тема за да ја доближи до јавноста идејата за општество предводено од дигитален оптимизам, кое ќе ја користи технологијата како алатка за поврзување и доближување на луѓето. За причините поради кои Телеком реши да отвори ваква широка општествена тема и за улогата што можат да ја одиграат големите брендови во поттикнување промени во општеството, разговараме со Радмила Димова, менаџер за бренд и маркетинг.
Луѓето и врските што ги создаваат тие се централниот фокус на широкоопфатната иницијатива #НаправиМесто, која во последниот период е активна во јавноста. Од каде е инспирацијата за ваква комуникативна платформа на Македонски Телеком?
Во природата на луѓето е да создаваат врски и да бидат меѓусебно поврзани. На крајот од денот, сите сме социјални битија и како такви вмрежено работиме, живееме и функционираме како дел од заедница. Токму оваа карактеристика ни помогнала да опстоиме во минатото, а потоа и да jа изградиме нашата цивилизација. Врските ни ги збогатуваат и ни ги обликуваат животите, ни помагаат како заедница да ги надминеме предизвиците. А денес, светот во кој живееме е полн со предизвици. Но, и покрај нашата природна потреба за поврзување и покрај сите можности што ни ги отвора технолошката еволуција, сè повеќе се оддалечуваме и се затвораме, создавајќи социјални бариери што го отежнуваат вистинското поврзување.
Преку комуникацијата #НаправиМесто ги адресирате дел од општествените проблеми со кои се соочуваме постојано и за кои се чини дека не сакаат да си заминат. Дали овие предизвици ве поттикнаа да почнете ваква иницијатива?
Првото прашање што си го поставивме кога почнавме да ја развиваме платформата беше: кои се нашите најголеми предизвици, тука, во Македонија? Сè помалку се разбираме, а сè повеќе се зајакнува перцепцијата дека сме целосно различни едни од други ако доаѓаме од различна средина, ако имаме различна култура на живеење, различни верувања и убедувања. И покрај тоа што живееме технолошки поповрзани од кога било досега, прашање е дали сме вистински поврзани. Сите сме свесни дека доколку сакаме да живееме подобро и да бидеме посреќни треба да направиме нешто околу ова. Нашиот заклучок беше дека за да се случи тоа најпрвин треба да направиме место. Оттаму и името на иницијативата „Направи место“, која повикува да се отвориме и да имаме разбирање и емпатија, затоа што има повеќе нешта што нè спојуваат отколку што нè раздвојуваат.
Како Телеком користи иновации за да придонесе кон одржлив развој во општеството?
Телеком ги користи технологиите и иновациите од секоја нова генерација за да одговори на глобалните предизвици, особено на дигиталната диверзификација. Технологијата може да биде клучниот двигател на одржливиот развој и да понуди решенија што се многу социјално ефикасни и поттикнуваат поголемо вклучување и поголема достапност. Со интегрирање на нашата понуда на производи и услуги, целиме да им дадеме повеќе алатки на луѓето и да создадеме позитивно социјално влијание, но истовремено да ја зголемиме вредноста и активното учество на нашите корисници во сите процеси.
Како е еден голем технолошки бренд како Телеком поврзан со овие општествени прашања?
Големите брендови имаат голема улога во општеството. Затоа чувствуваме одговорност и подготвени сме да се осврнеме на дел од тензиите што веќе постојат, но и да повикаме и да помогнеме тие да се намалат. Нашата основна улога е на сите да им овозможиме активно учество во дигиталниот свет преку нашите услуги и производи, да ги поврземе луѓето и да им овозможиме пристап до сите придобивки од технологијата денес. Но, ние одиме чекор понатаму. Како оператор со најголема оптичка мрежа што поврзува над 70% од корисниците на оптика во Македонија, имаме одговорност да бидеме многу повеќе од само давател на услуги што овозможува технолошко поврзување. Сметаме дека дигиталната технологија не e само алатка за поврзување туку и алатка за обединување и ширење на дигитален оптимизам. Сакаме да ги поттикнеме луѓето на отвореност и на меѓусебно разбирање и ги повикуваме да направат место за активно учество во создавањето еден поубав свет. Со други зборови, ние сме онаа невидлива врска што може да помогне за вистинско поврзување на луѓето, бидејќи свет во кој сме вистински поврзани е свет во кој се разбираме, се почитуваме и живееме подобро.
Што очекувате да се постигне со оваа иницијатива?
Иницијативата е повик за промена, но таа е првенствено повик за интроспектива. На сите ни е јасно дека промена ни треба, но каде да почнеме? Сметаме дека е правилно, но и најлесно, со таа промена да почнеме од себе, од своите ставови и од своето однесување, како во физичкиот, така и во дигиталниот свет. Да ги преиспитаме нашите размислувања, да провериме дали и каде грешиме, што правиме добро, а што може да биде подобро. Да направиме место за да го забележиме тоа што е добро околу нас, на пример, кога другите се љубезни кон нас, да возвратиме со љубезност – тоа сигурно го може секој од нас. Така полека и заедно можеме да си изградиме едно наше маало, наш град, наше општество, свет во кој сите ќе живееме подобро и посреќно.
Иницијативата е во линија со творештвото на големиот Горан Стефановски, кој често зборуваше токму за заедницата од која сме дел сите ние. За кои вредности пишува Стефановски, со кои се идентификува брендот Телеком?
Во зборовите на нашиот голем автор Горан Стефановски го пронајдовме совршениот наратив. Тој низ своите дела го разработува токму она што ние сакавме да го кажеме, со одлично избрани зборови. Секогаш става фокус на она што општеството го прави заедница – единството, секојдневните разговори и средби, надминувањето на разликите и сфаќањето дека постојат повеќе работи што нè спојуваат отколку што нè разделуваат. По повеќе години откако се напишани, неговите дела прикажуваат една апсолутна вистина за општеството во кое живееме – луѓе кои се блиски, а толку далечни, кои сакаат да се поврзат, но понекогаш не знаат како. Понекогаш работите се лоши, а понекогаш совршени – но заедницата опстојува низ секакви времиња. Токму овие предизвици ни покажуваат колку сме упорни и истрајни, колку можеме да поднесеме и колку е важно да направиме место за да ни помогнат и за да помогнеме.
Велите дека #НаправиМесто е поширока иницијатива. Што ќе се случува понатаму?
Со иницијативата #НаправиМесто во текот на целата година ќе иницираме важни прашања и ќе се обидеме да го најдеме одговорот за нив во приказните на луѓето околу нас. Досега, во оваа иницијатива беа вклучени повеќе спортисти, домашни музичари, дизајнери, писатели, актери и влијателни лица од јавноста, кои ги раскажуваат своите приказни и даваат свој придонес кон надминувањето на општествените предизвици со кои се соочуваме.
Социјалните мрежи и дигиталните медиуми изминатите два месеца беа исполнети со приказните и сведоштвата на повеќе личности од македонската јавна сфера. Зошто одлучивте да ја поврзете иницијативата токму со овие луѓе?
Иницијативата #НаправиМесто исто така им е посветена на луѓето, на нивните приказни. Секој од овие личности кои се дел од #НаправиМесто раскажува за своето лично искуство со предизвиците за кои зборуваме. Филип Талески, Андреа Коевска, Александар Динев и многу други зборуваат за своите искуства и надминување на непријатните искуства. Секој од нив преку личен пример испраќа повик за поголемо разбирање до целата јавност, бидејќи овие проблеми не потекнуваат само од еден извор, туку се дел од секојдневието во нашето општество. На тој начин, иницијативата #НаправиМесто доби и човечки лик и конкретна приказна, што придонесува да се пренесе оваа порака до пошироката јавност. Кога размислувавме чии приказни вреди да се истакнат, решивме да се поврземе со личности кои ги емитуваат истите вредности што ги истакнуваме во кампањата: емпатија, разбирање, еднаквост и толеранција; луѓе за кои треба да се направи место во заедницата, но и луѓе кои покажале дека и самите знаат да препознаат и да направат место за она што е добро.
На почетокот на јуни се случи и голема промоција на песната „Место“ на младите музичари Young Dadi, Matej Foltz и ZeeBomb, која е продолжение на #НаправиМесто. Колку е важно што луѓето од помладата генерација се вклучени во ваква иницијатива?
Централната порака #НаправиМесто може да се согледа од повеќе различни аспекти, секој од нив еднакво важен за развојот на нашата заедница во иднина. Тргнувајќи од аналогијата за една зграда во која живеат различни луѓе, секој со свои барања и секој со свои идеи, Телеком ја базираше приказната на тоа дека и нашата заедница е мозаик од луѓе кои заедно го создаваат светот во кој живееме. И овие млади музичари тргнале токму оттаму – од проблемите и предизвиците што ги гледаат околу нив, за да стигнат конечно на вистинското место – односно да посветат парче уметност на она што отсекогаш сакале да го кажат. Интересно е дека за песната се користени сегменти од делата на Горан Стефановски и од нив е направена нова приказна… тоа значи дека предизвиците за кои размислуваме се сеприсутни во нашето општество и не ги изоставиле ни генерациите кои доаѓаат.
„Место“ е нивен осврт на времето во кое живееме и заедницата која ја создаваме заедно. Во стиховите, не само што отворено ги адресираат проблемите со кои живеат туку и повикуваат на промена, на отвореност и на сплотеност. За Телеком, како бренд посветен на луѓето, ваквите соработки се показател дека нашите пораки имаат ефект и допираат каде што треба да допрат, до генерацијата на која треба да ѝ го оставиме светот… како подобро место за живеење.
Дали ваквите иницијативи можат да донесат и позитивни промени во општеството?
Нашата цел е да ги поттикнеме луѓето да ја користат технологијата што ние ја овозможуваме за комуникација, поврзување и ширење на дигитален оптимизам. Тоа е и главната нишка на #НаправиМесто, да ги повикаме луѓето да ја искористат технологијата за да создадат посилни врски меѓу себе, да се зближат и да комуницираат поотворено едни со други. Веруваме дека успеавме да допреме до многу луѓе од повеќе генерации и со различни интереси. Продолжуваме да ја поттикнуваме дискусијата и да отвораме разговори на овие важни теми. Во следниот период имаме нови проекти поврзани со иницијативата #НаправиМесто за градење вистински, силни и трајни врски меѓу луѓето, затоа што технологијата треба да им служи на луѓето за да се поврзат вистински.