„Пура Перла“ е бренд за рачно изработена, природна, органска козметика. Повеќе за брендот и за производите дознавме од сопствениците Марија и Бојан Чунде кои поради сопствени потреби започнале со изработката и производството на козметики дома, кои потоа прераснале во „Пура Перла“.
Како дојдовте до идејата за брендот идејата зад брендот и како се одвиваа почетоците?
Како љубители на природата уште од студентските денови користевме козметички производи кои сами си ги произведувавме дома по некои стари или рецепти најдени на интернет. Меѓутоа, кога близок член на нашето семејство се разболе и имаше потреба од комплетна палета на органска козметика, а не бевме во можност да ја најдеме на пазарот почнавме поактивно да се интересираме и да правиме производи дома. Сето тоа нè натера да размислиме дека можеби ние треба да ја пополниме таа дупка на македонскиот пазар. Како брачен пар решивме да ја реализираме таа идеја и едниот од нас започна со студии за технологија на производство на органска козметика на Институтот за природни науки во Лондон. А другиот се посвети на квалификации во маркетинг и менаџмент. Накратко, така започна нашата приказна. Целта ни е да изработуваме производи кои не се само добри за нашето тело туку се и еко френдли, односно, не ја загадуваат животната средина.
Кој е најголемиот предизвик при правењето на козметиката, како изгледа еден процес за еден производ, каде ги изработувате производите?
Најголем предизвик е оформување на точна и правилна формулација на производите со цел тие да бидат максимално корисни при третманот или негата на кожа. Во однос на процесот на производство, најпрво ги селектираме суровините потребни за изработка на даден производ па следува процес на одредување на нивниот сооднос, потоа следи период на тестирање и одредување на правилни параметри. После неколкумесечна анализа производот влегува во фазата за продажба. Сите производи се изготвуваат во нашата работилница под строго одредени санитарни услови во кои максимално се почитува кругот чисто/нечисто и она што е важно да напоменеме е дека при процесот на производство не користиме метални предмети и површини со што би одбегнале оксидација или намалување на квалитетот на природните суровини.
Што е најважно да знаат купувачите и љубителите на ваква органска козметика пред да ја купат?
Најважно е да знаат каков тип на кожа имаат, кои се нивните потреби за нега и третман. Доколку имаат некаков проблем убаво би било да си имаат и претходна консултација и со дерматолог. Притоа, заедно многу лесно би ги одбрале вистинските производи и би ја креирале најсоодветната рутина за нега на кожа и коса.
Што ве води низ градењето на брендот и работата, дали имате одредена еколошка цел и заложби што сакате да ги постигнете?
Она на што ние сме најгорди е тоа што нашите производи се еко френдли, односно, не ја загадуваат животната средина ни при процесите на производство ни при домашната употреба кај крајниот купувач. Наш двигател е одржувањето на највисоко ниво на квалитет на секој производ одделно, бројни среќни и задоволни клинети како е чиста и здрава животна средина.
Имате најразличен тип на производи, кој е досега омилен на купувачите и што најчесто се бара?
Имаме палета од околу 40 производи за нега на кожа на лице, тело и коса. Од сите производи фаворит кај нашите купувачи е серумот за лице Glowy Skin. Најбарани се производите за нега на кожа на лице.
Што сметате дека како општество можеме да преземеме за да се свртиме повеќе кон одржливоста и користењето на природни ресурси во секојдневието без да штетиме на природата и со тоа да го подобриме квалитетот на животот?
Можеби сме една мала алка во целиот тој синџир меѓутоа доста значајна. Глобалните промени почнуваат од единки и цврсто веруваме дека тоа што сакаме да го промениме во светот најпрво треба да го промениме во себе. Во последната деценија очигледни се промените во животната средина околу нас, а и глобално и за сето тоа имаме еднаква одговорност сите ние за да оставиме чиста животна средина и за нашите поколенија. Низ дискусија со нашите клиенти забележуваме дека еколошката свест кај помладите е на повисоко ниво. Мислиме дека треба да има повеќе производители како нас на природна козметика, храна па дури и текстил. Во нашиот главен град има солидна мрежа на места каде може да се најде органска и здрава храна. Во однос на козметиката таквите места се во многу мал број. Сметаме дека мапата со вакви места треба да биде збогатена како во Скопје така и во помалите градови. Живееме во мала земја богата со природни ресурси и би било убаво да ги негуваме за вечно да ги имаме.