На 13 јуни, со почеток од 19:30 часот, во кафе-бар „Филхармонија“, ќе се одржи промоција на романот „Тишина“ од Јелена Никодиноска Чаповска.
Јелена Никодиноска Чаповска влегува на македонската книжевна сцена со приказна за животот и болката, но и за љубовта и приврзаноста. Промотор на настанот ќе биде Ѓоко Здравески, истакнат македонски поет, писател и есеист. Разговорот меѓу нив ќе ги исполни читателските срца со надеж и ќе нè подготви да запливаме во морето на тишината, која знае да биде и лековита.
-,,Дебитантскиот ракопис „Тишина“ од Јелена Никодиноска-Чаповска е потресна приказна за мајка што си го губи своето неродено бебе. Така, in medias res, почнува овој психолошки роман. Почнува со моќна детално опишана сцена, која кај читателот буди длабока емпатија што може да се манифестира на различни начини: како сочувство, како тага, болка, како непријатно чувство, телесна неугодност, страв до изнемоштување. Толку многу е експлозивно ова јадро со кое почнува приказната. И потоа сѐ во приказната му е подредено на тој прв настан, на таа прва експлозија, од тој настан натаму живееме во светот на мајката на која не ѝ дозволуваат да си го види мртвороденото дете”.-Ѓоко Здравевски.